Регион
Додик не се плаши од апсење, и најавува уште референдуми
Претседателот на ентитетот Република Српска, Милорда Додик, изјави во понеделникот дека не се плаши од апсење поради референдумот од неделата кој е прогласен за неуставен во федерацијата Босна и Херцеговина, а најави дека плебисцити и во иднина ќе бидат организирани кога ќе има потреба за тоа.
„Јас не сум задолжен да се плашам и да го промовирам стравот. Немам никаков страв, а тоа е повеќе покритие за оние коишто се обидуваа да го сопрат референдумот“, изјави челникот на Република Српска, Милорад Додик, во интервјуто за регионалната телевизија N1.
Обвинителството на БиХ во понеделникот претходно потврди дека Додик е повикан да даде исказ со статус осомничен во рамките на истрагата за референдумот за кој федералните власти тврдат дека е спроведен надвор од уставот и законите, а Додик тврди дека неговото кривично гонење нема да придонесе за зацврстување на БиХ како држава, иако ја нарече „државна заедница“, а атрибутот држава го користеше и за Република Српска, тврдејќи дека ѝ недостига само уште меѓународно признание.
„БиХ како држава не може да се направи така што некој ќе биде кривично гонет“, рече Додик, повторувајќи ги претходните обвинувања на сметка на судот и обвинителството на федерацијата дека работата според политички налози.
Рече и дека сите други обвинувања на негова адреса, како и оние за наводен финансиски криминал, се измислени. „Сосема е јасно дека не можат да најдат никаква моја кривична одговорност“, рече Додик, кој тврдеше дека во моментов се прават обиди главниот државен обвинител Горан Салиховиќ да биде заменет со некој кој ќе подигнува обвиненија без размислување.
Додик тврдеше и дека при купувањето на неговата вила на белградско Дедиње, што исто така го истражува Обвинителството на БиХ, немало никаков криминал, додавајќи дека Србија, којашто ја смета за своја „матична земја“, е воедно и единствената држава освен БиХ во којашто поседува имот.
Повтори дека е задоволен од спроведувањето на референдумот со кој е искажана огромна поддршка за одбележување на 9-ти јануари како ден на државноста на Република Српска.
Додик најави дека доколку има потреба ќе бидат организирани уште референдуми, бидејќи со овој од 25-ти септември се покажало дека тоа може да се изведе. „Никој нека не помислува дека не сме подготвени да организираме референдум“, изјави Додик.
Притоа, за можниот референдум за отцепување на Република Српска, одговори дека за тоа ќе се разговара во 2018 година, а сé ќе зависи од развојот на настаните во Босна и Херцеговина.
„Оваа држава (БиХ) е прифатлива за Република Српска исклучиво врз основа на содржината од Дејтонскиот договор“ рече и истовремено изрази сомневање дека е можно нејзиното опстојување. „Сиве овие години покажаа дека БиХ нема внатрешен капацитет да функционира. Таа функционира под патронатот на меѓународниот фактор“, оцени Додик.
Во продолжение од разговорот, потврди и дека има намера да продолжи да се занимава со политиката, иако во 2018 година не може повторно да се кандидира за должноста претседател на Република Српска.
„Имам намера да се кандидирам на некои други важни политички должности. Доколку народот сака, ќе се занимавам со политиката“, рече Додик за N1, додавајќи дека се чувствува доволно млад, и дека е во „најдобрите години“ за занимавање со политика./крај/мф/сн
Извор: N1
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Вучиќ: Ова ќе биде клучна и една од најтешките години во светот
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека утре ќе бидат потпишани 10 договори за соработка меѓу Србија и Казахстан и истакна дека ова е создавање темел врз кој ќе се изгради голема куќа на пријателство што е од интерес за двете земји.
– Разговаравме за геополитичката ситуација. Имаме речиси 100% согласност во оценките. Можам да зборувам за моите предвидувања. Можaм да прoмашам за неколку дена, но во суштина не. Очекувам наскоро да започне голем конфликт, сите знаете на кој мислам, и очекувам конфликтот во Украина да не заврши, мислам дека ќе продолжи долго време. Би сакал да грешам, би бил повеќе од среќен да излезам и да кажам дека моите проценки беа погрешни, но се плашам дека ќе бидам во право. Полека, сите влегуваат во ќорсокак, а кога сте во ќорсокак, се движите само кон потешки решенија и поголеми проблеми. Ова ќе биде клучна година и една од најтешките години во светот. Не би ја исклучил можноста за употреба на неконвенционално оружје во текот на оваа година – изјави Вучиќ, пренесуваат медиумите во регионот.
Регион
Вучевиќ: Верувам во силата на Дачиќ да се избори, и во нашите лекари
Лидерот на СНС и советник на претседателот на Србија, Милош Вучевиќ, денес изјави дека е неблагодарно да се зборува за идната здравствена состојба на претседателот на СПС и министер за внатрешни работи, Ивица Дачиќ, и дека тој верува во неговата сила да се избори.
„Неблагодарно е да се зборува. Не можам да кажам ништо друго освен она што го кажаа лекарите, семејството, а ми се чини од разговорот со колегите од СПС, дека е за нијанса подобро од синоќа, но сепак е предизвикувачко“, рече Вучевиќ во гостувањето во емисијата „Фокус“ на Б92.
Тој додаде дека верува во силата на Дачиќ да се бори, во нивните лекари и дека се моли на Бога да му даде на Дачиќ доволно сила да се извлече од сето ова.
Вучевиќ истакна дека настинките не треба да се потценуваат и дека секој треба да слуша што велат луѓето кои се експерти за тоа.
„Ивица Дачиќ има уште едно прашање, тоа е прашањето за дијабетесот, стресот, политиката, сè што ни се случува. Невозможно е да нема последици. Имавме многу предизвици. Минатата година имавме предизвици со Дарко Глишиќ. Овој повик беше направен со голем притисок“, рече Вучевиќ.
Дачиќ беше примен на Клиниката за пулмологија вчера попладне со пневмонија.
Регион
„Следната земја-членка на ЕУ“ – Црна Гора брендираше авион со европската амбиција за членство до 2028 година
Црногорската влада, која планира до крајот на годината да ги затвори сите преговарачки поглавја со Европската унија, претстави авион на националниот превозник „Ер Монтенегро“ со слоганот „28by28 – The next EU member“. (следна земја-членка на ЕУ).
Од Министерството за европски прашања соопштија дека целта на кампањата е да се испрати порака до меѓународната јавност дека Црна Гора до 2028 година ќе стане 28-ма членка на ЕУ.
Премиерот Милојко Спајиќ при претставувањето на авионот во Подгорица изјави дека пораката претставува „стратешка изјава на државата“, додавајќи дека Црна Гора нуди стабилност и нова енергија за Европа.
Министерката за европски прашања Маида Горчевиќ оцени дека членството во ЕУ е амбициозна, но остварлива цел и повика сите институции и општествени чинители да ја пренесат пораката „28 до 2028“.
Властите претходно најавија дека имаат намера до крајот на годината да ги затворат сите преговарачки поглавја, со цел членство до 2028 година.

