Регион
Додик: Опасно е Србија да остане неутрална, а Република Српска да се движи кон НАТО
Претседателот на Република Српска (РС), Милорад Додик изјавил дека јавното мислење во РС е против влегувањето во НАТО Алијансата и оценил дека состојбата би била опасна доколку Србија остане неутрална, а Српска пак стане дел од НАТО.
Додик нагласил дека одлуката за влегувањето во НАТО треба да биде донесена од страна на народот на Република Српска на референдум, но дека сега јавното мислење во Српска е „против таква интеграција“.
„Тоа е логично, ако се земат предвид историските причини. Еден од тие факти е и тоа што НАТО пред 20 години ги бомбардираше Србите во Босна и Херцеговина (БиХ), а потоа и во Србија“, навел Додик во интервју за рускиот портал Lenta.ru
Напоменувајќи дека Србија, по бомбардирањето од НАТО, прогласи воена неутралност, Додик оценил дека не би било добро и дека состојбата би била опасна доколку Србија остане неутрална, а Српска стане членка на Алијансата.
„Уште еден важен детаљ е тоа што една од главните држави која ја спроведува идејата за интеграцијата на БиХ во НАТО е Турција, нешто што Србите не го доживуваат позитивни. Тоа е лош знак“, потенцирал Додик.
Тој додал дека НАТО не е политички неутрална организација и дека покрај сето ова, во БиХ постојат и сложени политички односи внатре во земјата.
„Вкупно, сето ова води до тоа што јавното мислење во Република Српска не ги поддржува интеграциите во НАТО“, објаснил Додик, наведувајќи дека тој како претседател и политичар треба да го има предвид.
Според него нејасно е и колку се добри и интеграциите во Европската унија (ЕУ), бидејќи оптимизмот за членството во Унијата опаѓа.
„Ние не можеме да бидеме изолирана земја, ние мора да бидеме интегрирани. Нас фактички не присилуваат да се интегрираме во ЕУ. Нејасно е колку е тоа добро. Може да се рече дека нивото на европскиот оптимизам не е толку голем како што тоа беше пред неколку години, како во земјата, така и во самата Унија. Но сепак, тој проект и понатаму е силен“, додал претседателот на Република Српска./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
„Лукоил“ во завршна фаза на продажба на рафинеријата во Бугарија – компанијата предупредува на заштита на сопственичките права
Рускиот нафтен гигант „Лукоил“ соопшти дека е во завршна фаза од продажбата на својата имотна структура во Бугарија, вклучувајќи ја рафинеријата „Лукоил Нефтохим Бургас“ и мрежата бензински станици. Компанијата предупреди дека ќе преземе правни мерки доколку специјалниот управител назначен од бугарската влада ги повреди нејзините сопственички права.
Вашингтон на крајот на октомври воведе санкции за „Лукоил“ и „Роснефт“ со цел да го ограничи руското финансирање на војната во Украина. Рокот за завршување на трансакциите со „Lukoil International“ е продолжен до 13 декември, а за бугарските подружници до 29 април 2026 година.
Бугарската влада минатата недела именуваше специјален управител со овластувања да го продолжи работењето и, доколку е потребно, да продава удели во рафинеријата. „Лукоил“ соопшти дека очекува неговото назначување да не го попречи процесот на продажба.
Компанијата истакна дека работи со неколку потенцијални купувачи. Меѓу заинтересираните се турскиот „Cengiz Holding“, азербејџанската државна нафтена компанија SOCAR, како и казахстанскиот „Казмунајгаз“, меѓународната трговска куќа Vitol, турскиот фонд Oyak и унгарската компанија MOL. Унгарскиот премиер Виктор Орбан претходно потврди дека MOL доставил понуда.
„Лукоил“ најави дека компанијата ќе ги заштити своите легитимни интереси доколку бидат прекршени, потсетувајќи дека во Бугарија има инвестирано над 4,5 милијарди долари во последните 25 години.
Регион
Грција се соочува со тешка демографска криза, младите остануваат дома до 30 година
Грција се соочува со сериозна демографска криза, покажува студија на статистичката агенција Елстат. Младите најчесто остануваат да живеат со родителите сè до својата 30-та година, бидејќи ниските плати не им дозволуваат самостоен живот и основање семејство. Ова, според психолозите, има негативно влијание и врз социјалниот живот и врз желбата за создавање нови семејства.
Според податоците на Евростат, Грција е прва во Европа по бројот на млади кои доцна го напуштаат родителскиот дом. Во Бугарија, на пример, младите заминуваат во просек на 28 години, пренесува БНР.
Кризата со домувањето дополнително ја влошува ситуацијата, а иако владата покрива една месечна кирија годишно за младите семејства, ниските примања и несигурноста ја намалуваат желбата за деца. Во последните 13 години, во земјата се родени четвртина милион деца помалку во однос на пред две децении.
Опозициската СИРИЗА предупредува дека демографската криза не може да се реши без сеопфатна стратегија.
Регион
Обилни дождови поплавија патишта и продавници во делови од Грција
Обилните дождови во Грција ги поплавија патиштата и продавниците. Полицијата ги повикува возачите да возат внимателно.
Јужниот дел од земјата беше најмногу погоден, особено планинските региони Загори и Џумерка, каде што патиштата беа непроодни. Пожарникарите мораа да спасуваат патници од поплавените автомобили. Беше спроведена спасувачка операција за спасување на двајца земјоделци и нивните стада.
Полицијата затвори еден од патиштата до пристаништето Игуменица. Сè е во вода, соопштија пристанишните власти.
Островот Крф е силно погоден од поројни дождови. Патиштата се како реки, што го оневозможува движењето, се жалат жителите на островот.
Многу куќи на приземје, ресторани и продавници се поплавени.
За денес, прогнозите се дека лошото време ќе продолжи, опфаќајќи го поголемиот дел од земјата и егејските острови.
Властите издадоа предупредување за внимателност при возење во областите Солун, Патра и Крит.

