Регион
Донација од српскиот конзул Мицевски во битолската населба Баир
По повод празникот Ѓурѓовден, почесниот конзул на Република Србија во Република Македонија, Силјан Мицевски реализираше голема хуманитарна акција во битолската населба Баир. Донацијата во храна и облека беше наменета за жителите на оваа населба каде овој голем празник традиционално се слави.
Со цел да се збогатат празничните трпези на оние кои имаат помалку донацијата од српскиот конзул беше доставена директно до нивните домови.
„Целта на нашата донација не е само да помогнеме на овие луѓе да добијат помош која што им е потребна во форма на храна и облека, туку исто така и да ја поттикнеме хуманоста. Верувам дека сите некаде со нешто можеме да помогнеме и затоа нашата намера беше да манифестираме еден гест на хуманост. Покрај тоа симболиката на овој празник е голема затоа што Ѓурѓовден е најголем пролетен празник што го празнува не само христијанското, туку и другото население. Овој празник ги поврзува луѓето. Ние сакаме да дадеме придонес во тоа преку хуманост“, рече конзулот Мицевски.
Донацијата од српскиот конзулат во битолската населба Баир беше дочекана со голема радост. Мештаните велат дека вредноста на оваа донација не е само во тоа што српскиот почесен конзулат во Битола на овој начин материјално им помага, туку и во тоа што им е покажано внимание на овој празник кој е многу значаен за нив.
„Оваа донација ние ја доживуваме како честитка за Ѓурѓовден. Тоа не е само помош во вид на храна и облека, туку многу повеќе. Тоа е гест кој покажува дека некој нé почитува и ни укажува внимание“, вели Самедин Таировски, жител на населбата Баир во Битола./крај/мф/аш
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Рама објави укинување на забраната за „Тик-ток“ во Албанија
Албанскиот премиер Еди Рама објави дека социјалната мрежа „Тик-ток“ повторно ќе биде достапна во Албанија.
Рама во интервју за „Политико“ истакна дека албанската влада постигнала партнерство со претставници на социјалната мрежа и дека набргу ќе претстави нови мерки за заштита на јавноста во оваа земја.
„Задоволни сме од резултатот. Постигнавме партнерство и се надевам дека во наредните недели или месеци ќе го презентираме планот пред албанските граѓани, како што ветивме“, рече Рама.
Албанската влада го забрани „Тик-ток“ пред една година кога објавите на платформата предизвикаа тепачка меѓу млади, во која 14-годишно момче беше избодено до смрт.
Регион
Србија меѓу првите во регионот што воведува тестирање на алкохол кај летачкиот и кај кабинскиот персонал
Од 1 јануари 2026 година во Србија ќе почне систематско тестирање на летачкиот и на кабинскиот екипаж за присуство на алкохол.
Со тоа Србија станува една од првите земји во регионот што ја воведува оваа постапка во целост, објави Дирекцијата за цивилно воздухопловство на Србија.
Тестирањето ќе се спроведува на летачкиот и на кабинскиот екипаж на домашни и странски авиони што ги користат аеродромите во Србија.
Проверките ќе ги вршат специјално обучени и овластени воздухопловни инспектори на Дирекцијата.
Постои нулта толеранција за присуство на алкохол кај членовите на екипажот на авионите.
За мерење на количината алкохол ќе се користат сертифицирани и калибрирани уреди за мерење алкохол во здивот, кои имаат доказна вредност во судските постапки.
Во случај член на летачкиот или кабинскиот екипаж да го одбие тестот или тестот утврди присуство на алкохол, воздухопловниот инспектор привремено ќе му забрани да ги извршува должностите на член на екипажот и ќе го пријави тоа кај надлежните органи.
По правило тестирањето ќе се врши во кабината на авионот, а податоците за спроведените тестови ќе се внесуваат во централизирана база на податоци управувана од Агенцијата за безбедност на воздухопловството на Европската Унија (EASA).
За почетокот на примената на оваа постапка Дирекцијата навремено ги информира сите воздухопловни субјекти во Србија и EASA, која има улога да обезбеди поддршка во дефинирањето на приоритетите за тестирање и управувањето со релевантните податоци.
Фото: depositphotos
Регион
Во Хрватска во тек е јавна дебата за изградбата на првата нуклеарна централа
Во Хрватска предлог-законот за примена на нуклеарна енергија за цивилни цели, изготвен од работна група, составена од голем број експерти од областа, е пуштен на јавна дебата, што всушност е првиот сериозен правен чекор во долгорочниот и скап процес на изградба на првата нуклеарна централа на хрватска територија.
Во последните месеци, министерот за економија, Анте Шушњар, често се појавуваше во јавноста со идејата дека Хрватска треба да изгради сопствена нуклеарна централа, што во овие нови геополитички околности и трендови на напуштање на фосилните горива, како и во времето на револуцијата на вештачката интелигенција и потребата од огромни количини електрична енергија, би донело стабилност во електроенергетскиот систем на земјата и би влијаело на намалувањето на емисиите на штетни гасови, пренесува „Танјуг“.
Од нацрт-верзијата на предложениот закон е јасно дека Хрватска во иднина во голема мера ќе се потпира на нуклеарна енергија. Планот е една третина од електричната енергија до 2040 година да доаѓа од нуклеарни извори.

