Регион
Екс претседателот на Египет Морси обвинет за предавање тајни на Катар
Отстранетиот исламистички претседател на Египет, Мохамед Морси, првиот челник во историјата на земјата избран на непосредни избори, заедно со уште десет соработници ќе биде суден по обвинение дека предал тајни документи на Катар кои се „релевантни за националната безбедност“, објави во саботата канцеларијата на главниот египетски државен обвинител.
Сé уште не е познат датумот на почетокот на судскиот процес против Мохамед Морси кого војската го отстрани од претседателската должност во јули 2013 година откако не успеа да го исполни ултиматумот и да разговара со тогашната секуларна опозиција по повеќемесечните крвави протести против него за неговото исламизирање на новиот Египетски устави и преземањето врз себе на овластувањата кои дотогаш беа во рацете на судовите.
На Морси веќе му се заканува смртна пресуда во процесот за поттикнувања на насилства и убиства на припадници на безбедносните сили, а неговото движење Муслиманско братство чии 1.400 приврзаници загинаа во судирите со полицијата, беше прогласено за терористичка организација и забрането.
Поранешниот египетски претседател Морси, кој на власт дојде со бунтот во ткн Арапска пролет во февруари 2011 година кога беше соборен деценискиот авторитарен претседател Хосни Мубарак, во најновиот случај е обвинет дека за сума од милион американски долари на катарските разузнавачки служби и на катарската телевизија Al Jazeera им предал доверливи документи кои се однесуваат на националната безбедност на Египет.
Односите меѓу Египет и Катар по отстранувањето на Морси силно се влошија. Египетските власти ја осудуваат поддршката што Катар му ја дава на Муслиманското братство за воспоставување на исламските закони во земјата. Доха, пак, ја осудува репресијата на египетската армија против приврзаниците на Морси.
Меѓу другите обвинети за истото дело се и поранешниот личен секретар на Морс, Амин ел-Серафите, и главниот уредник на Al Jazeera, Ибрахим Мохамед Хелал./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.
Регион
(Видео) Снегот уриваше дрвја и оштети автомобили во Белград
Обилниот снег што падна во Србија во неделата предизвика проблеми во сообраќајот, прекини во електричната енергија и го отежна секојдневниот живот на граѓаните, а новиот удар на зимата беше особено видлив во Нов Белград, каде што обилните снежни врнежи соборија дрвја, а гранки паднаа врз паркираните автомобили.
Во една белградска населба, снегот беше доволно силен за да собори неколку дрвја и дебели гранки од улиците и зелените површини, предизвикувајќи штета на некои автомобили.
Снежните врнежи во поголемиот дел од Србија беа пообилни од вообичаените за ова време од годината.
Во некои области наврнаа повеќе од 25 сантиметри снег за помалку од 24 часа, предизвикувајќи доцнења во сообраќајот и летовите од аеродромот во Белград, како и привремени проблеми со електричната мрежа во планинските области.
Регион
Српскиот патријарх: Го губиме националниот идентитет, тоа е загрижувачко
Да ги надминеме поделбите и да си подадеме рака еден на друг, порача поглаварот на Српската православна црква (СПЦ), патријархот Порфириј, во својата божиќна порака, оценувајќи дека „за внатрешните политички тензии и поделби во Србија сведочи целиот српски народ, каде и да се наоѓа“.
„Внатрешните политички тензии доведоа до длабока поделба во општеството и недоверба меѓу луѓето, а разликите во мислењата сè повеќе се развиваат во ирационална омраза“, истакна српскиот патријарх и повика на надминување на поделбите.
„Да си подадеме рака еден на друг, бидејќи сме неопходни еден на друг“, нагласи Порфириј, оценувајќи дека ситуацијата во Србија е сложена и тешка.
Поглаварот на СПЦ го гледа како „особено загрижувачки“ „губењето на националниот и културниот идентитет, што го доведува во прашање континуитетот на историското и духовното саморазбирање на нашиот народ, а во исто време не може да се објасни само со надворешни влијанија“.
„Заедно со тоа доаѓа економската несигурност и демографскиот пад: Србија се соочува со многу негативен природен прираст и, следствено, со еден од најбрзите депопулации во светот, како и со сè поизразено стареење на населението“, рече патријархот.
Нагласувајќи дека Божиќ е празник на мирот, Порфириј рече дека денес „човештвото има потреба повеќе од кога било да се врати кон тој извор на мир кој не е наметнат со сила, туку се открива во понизност и љубов“ во „однос што гради доверба, заедништво и почит кон секое човечко суштество“.

