Регион
Ектремисти држат во заложништво турски обвинител
Турските екстремни левичари во заложништво земаа во вторникот обвинител во Истанбул и се закануваат дека ќе го убијат, по што во судот влегоа специјалците, а полицијата ја евакуира зградата, пренесуваат медиумите
Револуционерниот фронт за народно ослободува (DHKP-C) објави фотографија на обвинителот Мехмет Селим Кираз во истанбулска судница со вперен пиштол во главата и најави дека ќе го убие во 15.36 часот, три часа откако упаднаа во зградата, доколку не бидат исполнети нивните барања.
Во заднината се гледа знаме на спомнатиот Револуционерен фронт за народно ослободување.
Според последните податоци, се слушнале и неколку истрели, но сé уште не се знае дали некој настрадал.
Обвинителот ја води истрагата за смртта на 15-годишниот Беркин Елван, кој почина по 269 денови кома во којашто падна откако го погоди патрон за солзавец во текот на антивладините протести на 11-ти марти 2014 година. Момчето не учествувало во протестите, туку отишло да купи леб.
„Преговорите се одвиваат преку посредник кој го одбрале киднаперите“, вели за Hurriyet заменикот обвинител, Ведад Јигит.
Новинар на весникот, Динчер Гокче, го повикал обвинителот на телефон, но се јавил машки глас кој рекол дека тој не е во можност да разговара, а кога новинарот го прашал кој се јавува на неговиот телефон, врската се прекинала.
Хусеин Ајгун, потпретседател на најголемата опозициска партија во Турција, Народната републиканска партија, на Twitter напиша дека го контактирал таткото на починатото момче кој апелира да се ослободи обвинителот.
„Мојот син умре, не мора да згасне уште нечиј живот“, вели Сами Елван.
Според halkinsesi.tv, телевизија блиска до спомнатата организација, киднаперите на власта и дале рок до 15.36 часот да ги исполнат нивните барања, а тоа се полициски службеници во живо на телевизија да го признаат убиството на Беркин Елван, да им се суди на виновниците на „народен суд“, а да се донесе ослободителна пресуда за сите уапсени на маршот за солидарност за Елван.
Полицијата ја опколила канцеларијата која се наоѓа на шести кат во истанбулскиот суд и ги затвориле сите приоди кон зградата.
DHKP-C на својата интернет страница, исто така, објави дека сака полицаецот кого го сметаат за одговорен за убиството да го признае злосторството пред телевизиски камери, на сите вмешани полицајци да им биде судено на „народните судови“ и да се отфрлат обвиненијата против оние кои учествуваа на протестите по повод смртта на Елван.
Премиерот Ахмет Давутоглу во меѓувреме се сретна со сегашните и поранешните министри за правда и за внатрешни работи во седиштето на владејачката партија Партија на правдата и развојот (AKP), во Анкара за да ја разгледаат заложничката криза../крај/мф/бб
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Албанија на суд поради ВИ министерката: Актерка ја тужи владата за злоупотреба на нејзиниот лик
Албанската министерка – првиот виртуелен државен функционер во светот, би можела да остане без својот препознатлив лик, откако актерката врз чии карактеристики е создаден дигиталниот аватар поднесе тужба против Владата на Албанија.
Премиерот Еди Рама во август 2025 година најави можност за именување министер или премиер заснован на вештачка интелигенција, а веќе во септември беше претставена Диела – вештачка функционерка задолжена за борба против корупцијата во јавните набавки.
Диела претходно беше позната како чат-бот на државниот портал e-Albania, а нејзиниот дигитален лик и глас биле креирани според актерката Анила Биша, врз основа на договор кој истекол на 31 декември 2025 година. Откако Диела добила министерска функција, нејзиниот лик бил прикажан и во обраќање до парламентот што се пренесувало низ целиот свет.
Според локалните медиуми, Биша поднела тужба против Владата, премиерот, приватната компанија која учествувала во проектот и Националната агенција за информациско општество (AKSHI). Таа тврди дека владата продолжила да го користи нејзиниот лик и по истекот на договорот, и надвор од дозволената намена, која била ограничена само на платформата e-Albania.
Во судските документи, Биша бара итна забрана за натамошна употреба на нејзиниот лик додека трае судскиот процес, наведувајќи дека неовластеното користење ѝ нанело значителна и непоправлива штета.
Во претходен телевизиски настап, Биша изјавила дека за потребите на системот снимала обемни аудио и видео материјали за ограничен временски период и за симболичен надомест, но никогаш не дала согласност за други форми на користење.
Портпаролката на албанската влада, Мањола Хаса, изјави дека Албанија е демократска држава во која граѓаните имаат право да покренат судски постапки против институциите. Таа додаде дека владата смета дека тужбата е неоснована, но е подготвена спорот да се реши пред суд, пренесе „Политико“.
Регион
Јотова го назначи Ѓуров за технички премиер: Бугарија влегува во процес на формирање привремена влада
Претседателката на Бугарија, Илијана Јотова, ќе го задолжи кандидатот за вршител на должноста премиер Андреј Ѓуров да формира влада, соопшти прес-службата на шефот на државата.
Шефицата на државата го назначи заменик-гувернерот на Бугарската народна банка (БНБ) Андреј Ѓуров за вршител на должноста премиер. Денес во 10:00 часот, претседателката Јотова ќе го прими Ѓуров во Дондуков 2.
Според Законот на БНБ, доколку гувернерот или заменик-гувернерот изразиле експлицитна согласност да бидат назначени за вршител на должноста премиер, тој или таа треба да поднесе оставка.
„Фер избори може да се одржат кога привремената влада не се меша во политичката сцена, е доволно неутрална и работи само во рамките на овластувањата што ѝ се доделени со Уставот“, рече Андреј Ѓуров по разговорот со Илијана Јотова во јануари, пренесува „Офњуз.бг“.
Според Уставот на Бугарија, по консултации со пратеничките групи и по предлог на кандидатот за привремен премиер, претседателот назначува привремена влада и закажува избори во рок од два месеци.
Минатата недела, претседателката изјави дека таа и нејзиниот тим ќе сторат сè што е можно за да се одржат изборите на првиот датум по велигденските празници. Првата недела по Велигден е 19 април.
Регион
(Видео) Тепачка во турскиот парламент додека новиот министер за правда полагаше заклетва
Во турскиот парламент изби тепачка меѓу пратениците на владејачката АКП и опозициската ЦХП за време на полагањето заклетва на новиот министер за правда Акин Гурлек.
Инцидентот настанал кога опозициски пратеници се обиделе да го спречат Гурлек да се заколне, по што дошло до туркање и физичка пресметка. Седницата била прекината околу 15 минути.
Гурлек на крајот ја положил заклетвата, додека опозицијата фрлала копии од Уставот кон претседателот на парламентот.
ЦХП оцени дека неговото назначување е удар врз демократијата, додека АКП тврди дека постапката е во согласност со Уставот.

