Регион
Ердоган го обвини Западот за поддршка на тероризмот
Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, откако потврди дека ги повлекува 1.500-те тужби за негово навредување, објаснувајќи го како желба за помирување со своите политички противници по неуспешниот обид за воен удар од 15-ти јули, во вторникот го испорача досега најостриот напад на сојузниците од Западот, обвинувајќи ги западните земји дека го поддржуваат тероризмот и пучистите кои не успеаја да го соборат.
„За жал, Западот го поддржува тероризмот и се става на страната на пучистите“, рече турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган во говорот во Анкара, одговарајќи на критиките, во прв ред од САД и Европската унија, поради обемот на чистките по неуспешниот пуч.
Малку претходно во вторникот вечерта, премиерот Бинали Јилдрим за телевизијата CNNTurk изјави дека по пропаднатиот државен удар во земјата 58.611 човек е суспендиран од работното место, додека откази добиле се отстранет од работното место, а откази добиле 3.499 луѓе.
„Оние коишто ги сметавме за пријатели, застануваат на страната на пучистите и на терористите“, повтори Ердоган пред присутните на економскиот форум во претседателската резиденција.
Турскиот претседател тврди дека сценариото за пучот „е напишано во странство“. Анкара од поодамна го обвинува имамот Фетулах Ѓулен, кој од 1999 година живее во доброволен егзил во САД, дека во Турција создава „паралелна држава“ и сега дека стои зад неуспешниот удар.
Токму затоа најмногу на удар се лицата кои се негови следбеници или работата во мрежата институции поврзани со него. Турција, исто така, бара негово предавање од страна на САД иако Ѓулен неколкупати повтори дека е против воена интервенција и отфрла вмешаност во пучот, а Вашингтон од Турција бара „релевантни докази“ против него.
Претседателот Ердоган ја нападна и Европската унија, за којашто оцени дека не ги исполнила своите ветувања во однос на трите милијарди евра во рамките на мартовскиот договор за запирање на бегалскиот бран и за безвизниот режим за Турците.
„На поле на визите не се случува ништо. Кога за тоа се зборува гласно, на тие господа (од ЕУ) им е непријатно. Простете, но оваа земја не е роб“, истакна Ердоган, пренесе AFP.
Турскиот претседател притоа ја критикуваше и одлуката на властите во Германија да го забранат неговото обраќање преку видео врска до неговите приврзаници кои под мотото „за поддршка на демократијата, против пучот“ во неделата се собраа во германскиот град Келн, и според процените на полицијата ги имало 40.000.
„Браво! Судовите во Германија се многу брзи“, иронизираше Ердоган.
На крајот ја отфрли критиката од ЕУ поради мерките што се водени по пучот, истакнувајќи дека „вонредната состојба ги почитува европските процедури“.
„Погледајте што стори Франција: три плус три плус шест (месеци), воведе вонредна состојба на една година“, потсети Ердоган.
Сеопфатните чистки, по војската, правосудството, образованието и медиумите, во вторникот се проширија и на здравството и на спортот, сектори кои досега беа поштедени.
„Фудбалската федерација на Турција (TFF) сметаше дека е неопходно да ги прекине соработките со 94 соработници, вклучително и арбитри, нивни помошници, членови на регионалниот судиски комитет, како и контролори“, се наведува во соопштението на организација со кое се опфатени и судии од најсилната лига.
Во вторникот биле издадени и 98 налози за приведување на вработени во големата воена болница во Анкара, меѓу нив и воени лекари кои се сомничат за помагање во инфилтрирањето на приврзаниците на Ѓулен во армијата и при нивното брзо напредување во воената кариера, изјавил за AFP функционер кој сакал да остане анонимен.
Во изјавата за италијанската телевизија, Ердоган ги повика италијанските судии да се „занимаваат со мафијата“ а не со неговиот постар син Билал, против кого во Болоња е подигнато обвинение наводно за перење пари.
„Во тој град ме нарекуваат диктатор и ѝ даваат поддршка на PKK (Работничката партија на Курдистан, забранета во Турција и ставена на листите на терористички организации на САД и на ЕУ – з.р.). Дали тоа е правна држава?“, запраша турскиот претседател.
„Во оваа земја судите се водат според законот и италијанскиот устав, а не според турскиот претседател“, возврати веднаш на Twitter италијанскиот премиер Мате Ренци./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Авион од Дубаи слета во Белград, евакуирани 200 српски државјани
Авион од Дубаи со 200 српски државјани слета денес во Белград, откако летовите меѓу Обединетите Арапски Емирати и Србија беа суспендирани поради тензиите на Блискиот Исток.
Првиот авион со 200 патници полета од аеродромот во Дубаи синоќа, објави Радио телевизија Србија (РТС).
Аеродромот во Дубаи објави дека првиот лет од Обединетите Арапски Емирати до Србија, по суспензијата на воздушниот сообраќај, полетал околу 23:30 часот по централноевропско време.
Авионот е Боинг 737 MAX 8, со капацитет од 162 до 200 патници, управуван од авиокомпанијата „Флајдубаи“.
Во меѓувреме, авиокомпанијата Емирати објави дека го продолжува сообраќајот со реализација на ограничен број летови.
„Приоритет им се дава на патниците со претходни резервации, а оние кои се прераспределени на овие ограничени летови ќе бидат контактирани директно од компанијата Емирати“, се вели во соопштението.
Компанијата ги повика патниците да не доаѓаат на аеродромот освен ако не бидат однапред известени, додавајќи дека сите други летови остануваат суспендирани до понатамошно известување.
Летовите беа откажани поради американско-израелската воена кампања започната во саботата против Иран, во која загинаа неколку високи ирански функционери, вклучувајќи го и врховниот лидер Али Хамнеи.
Како одговор, Техеран возврати со напади со беспилотни летала и ракети врз Израел, како и врз неколку земји во регионот каде што се наоѓаат американски воени објекти.
Регион
Дачиќ симнат од респиратор
Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ денес е симнат од механичка вентилација, пренесува „Блиц“.
Медиумот пренесува дека министерот за здравство Златибор Лончар денес изјави дека здравствената состојба на министерот за внатрешни работи и претседател на Социјалистичката партија на Србија Ивица Дачиќ е подобра отколку што беше, додавајќи дека постојат причини за оптимизам, но и дека мерките за интензивно лекување и терапија продолжуваат.
„Неговата моментална состојба е подобра отколку што беше, што ни дава причина за оптимизам. Важно е што сè уште има многу работа да се направи, мерките за интензивно лекување и примената на интензивна терапија продолжуваат. Тоа е она што ќе го кажам во овој момент, а луѓето што го лекуваат ќе го објаснат подетално во текот на денот“, изјави Лончар за новинарите по посетата на здравствениот центар Вождовац.
Регион
Кипар го подигна нивото на тревога, училиштата се затворени
Кипар го подигна нивото на тревога по нападот со беспилотни летала врз британската воена база РАФ Акротири на островот. Властите ги затворија училиштата и спроведоа евакуации каде што е потребно, бидејќи земјата е вовлечена во ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток.
Во утринското обраќање до нацијата, кипарскиот претседател Никос Христодулидес рече дека безбедноста на земјата е најголема грижа на неговата влада.
„Се наоѓаме во регион со исклучителна геополитичка нестабилност, со бројни предизвици и проблеми, кој во моментов поминува низ невидена криза. Правиме сè што е потребно, а безбедноста на нашата земја и граѓаните е наш врвен приоритет“, рече тој.
Тој нагласи дека Кипар, членката на ЕУ најблиску до Блискиот Исток и популарна туристичка дестинација, инсистира дека нема да се вклучи во никакви воени операции.
„Остануваме посветени на хуманитарната улога што ја имавме цело време – секогаш како дел од решението, а не како проблемот – и ќе продолжиме да дејствуваме со истото чувство на одговорност“, додаде Христодулидес.
Осврнувајќи се на нападот што се случи синоќа, ретседателот рече дека „дрон Шахед погодил воени објекти во британската база во Акротири и предизвикал мала материјална штета“.
Грчките медиуми објавија дека бил неутрализиран и втор борбен авион, кој Иран исто така го насочил кон британската база, оддалечена околу 960 километри.
фото/ЕПА

