Регион
Ердоган: Мажите и жените не можат да работат исти работи
Жените и мажите не можат да ги работат истите видови работа, бидејќи тоа е противприродно, изјави во понеделникот турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган препорачувајќи им на групите за човекови права кои најверојатно ќе бидат разгневени од овие негови изјави наместо приговорите за рамноправноста меѓу жените и мажите, да го применуваат она што тој го нарекува „еквивалентост“.
„Кога зборуваме за состојбата на луѓето од гледна точка на правдата, како и за елиминирањето на дискриминацијата на жените и мажите, би требало да биде можно многу пофер, похуман и совесен пристап. Што им е потребно на жените?“ рече Ердоган на меѓународна конференција во Истанбул посветена на жените и правдата организирана од стана на асоцијацијата за права на жените и демократија KADEM.
„Понекогаш велат ’еднаквост меѓу мажите и жените’ (…) Сепак она што е од особено суштинско значење е еднаквоста на жените пред правдата“, дополни трускиот претседател.
„Не можете да ја ставите мајката којашто дои на иста позиција со исти очекувања како маж кој ја нема таквата одговорност“, рече Ердоган, пренесува дневниот весник Hurriyet.
Турскиот претседател, исто така, го изрази своето мислење дека „приоритет“ на жените би требало да биде мајчинството, велејќи дека тоа е исправниот исламски начин на живеење.
„Не можете да ги ставите жените на истите работни места како и мажите, како што тоа го правеа поранешните комунистички режими. Дај и’ лопата и барај од неа да работи?! Не може тоа да се прави. Тоа е против нејзината кревка градба“, рече Ердгоан.
Турскиот исламско–конзервативен претседател кој на споменатата конференција рече и дека половата рамноправноста во работната сила е „спротивна на законите на природата“, во минатото често беше критикуван од неговите западни сојузници за секај изјава во којашто ги истакнуваше половите разлики од аспект на исламот, како на пример во оние кога потенцираше дека секое турско семејство би требало да има најмалку три деца и го обвинуваше заложувањето за право на абортусот како „убиство“ и воведувањето на ограничувањето за породување со царски рез./крај/мф/сн
Извор: Hurriyet
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Сијарто: Фокусот на унгарското претседателство со ЕУ ќе биде проширувањето на Унијата на Западен Балкан
За време на претстојното претседавање со ЕУ, Унгарија планира да се фокусира на прашања кои се важни за централна Европа, како што се борбата против илегалната миграција, проширувањето на Унијата кон Западен Балкан и енергетската безбедност, изјави денеска унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто.
Кога станува збор за проширувањето на ЕУ, Сијарто на прес-конференција со својот чешки колега Јан Липевски рече дека регионот на Западен Балкан не заслужува да чека 14 години и 11 месеци за членство, што, како што вели, го поткопува кредибилитетот на политиката на Унијата, објави унгарската агенција МТИ.
„Тоа е ситуација што треба да се реши, така што унгарското претседателство (со Унијата) има јасна агенда да им помогне на земјите од Западен Балкан да го забрзаат пристапниот процес“, рече Сијарто.
Посочи дека ефектите од миграцијата директно се чувствуваат во Централна Европа од 2015 година и неопходна е сериозна регионална соработка за да се запре мигрантскиот прилив.
„Чешката, словачката и полската полиција ни помогнаа и ни помагаат на јужните граници на Унгарија да ги задржиме илегалните мигранти кои и се закануваат на Европа надвор од границите. Потребни се континуирани заеднички напори на четворицата централноевропски премиери за да се држи под контрола прашањето за квотите и да не се дозволи илјадници или десетици илјади илегални мигранти да се шетаат неконтролирано“, додаде Сијарто.
Шефот на унгарската дипломатија нагласи дека централна Европа „ќе продолжи да се спротивставува на притисоците поврзани со квотите“. Сијарто се осврна и на енергетската безбедност, наведувајќи дека Унгарија и Чешка планираат нуклеарен развој и затоа ќе продолжат да се борат против негативната дискриминација поврзана со нуклеарната енергија во Брисел.
Нуклеарната енергија е одржлив начин за производство на енергија, тоа е безбеден, еколошки и евтин метод за производство на големи количини електрична енергија“, заклучува Сијарто.
Регион
Ана Брнабиќ за 2 јуни распиша локални избори во 66 единици на локалната самоуправа
Претседателката на српското собрание Ана Брнабиќ распиша избори за 2 јуни во 66 единици на локалната самоуправа, бидејќи Националното собрание неодамна со две третини ги усвои измените на Законот за локални избори.
Изборите во овие локални самоуправи ќе се одржат на ист ден со изборите за советници во Градското собрание на Белград, односно на 2 јуни годинава.
„Среќна сум што испративме силна порака од парламентот до сите наши граѓани дека како нивни избрани сме способни да разговараме и да постигнеме договор и покрај сите наши разлики“, рече Брнабиќ по објавата.
Регион
(Видео) Уапсени Срби во Атина, поранешни членови на „Пинк Пантер“: осомничени се за украден накит вреден 315.000 евра
Двајца Срби, кои во минатото биле членови на организацијата „Пинк Пантер“, се уапсени во Атина под сомнение дека ограбиле две познати златарници во центарот на грчката престолнина, соопшти атинската полиција.
Според соопштението на грчката полиција, уапсените оперираат најмалку од минатиот декември, а се претпоставува дека имале соодветна мрежа за канализирање на украдени предмети, бидејќи оствариле добивка од над 315.000 евра.
По претресот во нивните домови, меѓу другото, пронајден е алат користен при кражбата, три рачни часовници, накит, 190 евра, лажна возачка дозвола, три мобилни телефони, лични предмети, како и дополнителен мотоцикл и автомобил што служеле за превоз.