Регион
Ердоган: Турција забрзанo се движи кон нови избори

Турција забрзано се движи кон нови избори и само волјата на народот ќе ја разреши политичката блокада, рече во средата турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, откако неговата владејачка Партија на правдата и развојот (AKP) не успеа да формира влада и првпат по 2002 година го врати мандатот.
Премиерот Ахмет Давутоглу во вторникот формално ги заврши преговорите во настојувањето да пронајде коалициски партнер по повеќенеделните преговори со трите опозициски партии. Во вторникот вечерта, Давутоглу на шефот на државата му го врати мандатот, по што речиси се неизбежни предвремените парламентарни избори во септември.
„Поради неуспехот да се формира влада, мораме да бараме решение со помош на волјата на народот…., па брзо одиме повторно кон избори“, изјави Ердоган во говорот пред локалните функционери, кој беше директно телевизиски пренесуван.
Ердоган, според прописите, сега треба мандатот за состав на влада да ѝ го даде на Републиканската народна партија (CHP), меѓутоа турските коментатори сметаат дека тоа нема да се случи. Покрај тоа, иако трите опозициски партии би можеле да формираат мнозинство коешто би поддржало влада, крајно десната Партија на националното движење (MHP) воопшто не сака да соработува со прокурдската Народна демократска партија (HDP).
Според дневниот весник Hurriyet, претседателот Ердоган се залага за формирање преодна „изборна влада“ пред новите есенски избори. Меѓутоа, во вторникот опозиционерите соопштија дека во неа би влегле само доколку учествуваат сите четири парламентарни партии, без AKP да има мнозинство во неа.
Турскиот парламент, исто така, би можел да гласа сегашниот кабинет на Давутоглу да продолжи со работа до новите избори, но националистичката MHP веќе претходно најави дека ќе гласа против таквиот предлог./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Украинско комбе се судри со руски камион во Словенија, петмина загинати

На автопатот кој ги поврзува Марибор и Љубљана, во близина на излезот Словенска Коњица, во правец на Љубљана, се случи тешка сообраќајна несреќа во која загинаа пет лица, а две се повредени. Несреќата се случила кога патничко комбе удрилo во камион. Сите жртви биле странски државјани, соопшти словенечката полиција, јавуваат медиумите во регионот.
Според досега утврденото, возачот на комбе со украински регистарски таблички, кое превезувало седум лица, поради несоодветна брзина, удрил во задниот дел од приколка која стоела во ред поради работи на автопат. Пет лица загинале во комбето на местото на несреќата.
Возачот, кој ја предизвикал несреќата, е полесно повреден, додека патничка е тешко повредена. Двајцата повредени се пренесени во болница, а тешко повреденото лице е пренесено со хеликоптер. Идентитетот на загинатите сè уште се утврдува.
Возачот на камионот, руски државјанин, не е повреден, но му е понудена психолошка помош поради сериозноста на несреќата, објавува Радиотелевизија Словенија. Несреќата се случила непосредно пред одморилиштето Тепање, на дел од автопатот каде што се во тек големи работи – се реновираат 13 километри пат, два тунела и три вијадукти. Полицијата потврди дека несреќата се случила пред работната зона каде што се формираат долги редици поради затворени ленти.
Фото: принтскрин
Регион
Млад човек се удави во Улцињ: трагедија во Црна Гора

Млад човек се удави во Улцињ денеска, во попладневните часови, јавуваат медиумите во регионот.
Според написите, давењето се случило на „Големата плажа“.
Засега нема информации за идентитетот на загинатиот.
Според последните извештаи било подигнато црвено знаме бидејќи имало големи бранови во морето.
Регион
Србија им препорачува на граѓаните да не патуваат во Хрватска на почетокот на август

Министерството за надворешни работи на Србија им препорача на граѓаните на Србија да се воздржат од патување во Хрватска во периодот од 1 до 10 август.
Во соопштението Министерството им советува на граѓаните што ќе бидат на територијата на Хрватска во тој период да избегнуваат собири и други јавни собири, кои може да носат ризик од инцидентни ситуации.
Во тој период – на 5 август, Хрватска ја одбележува годишнината од воено-полициската операција „Бура“. Прославата се одржува на денот кога завршила акцијата. Во Србија годишнината од „Бура“ е на 4 август, денот кога почнала, како ден на сеќавање на жртвите и протераните Срби.