Регион
Ердоган: Уличните безредија во Украина ја поделија земјата
Уличните насилства коишто избувнаа за време на февруарските протести во украинската престолнина Киев, го отворија патот за поделба на земјата, изјави во саботата турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, споредувајќи ги протестите кои започнаа од истанбулскиот парк Гези минатото лето за чие задушување беше остро критикуван од западните сојузници.
Според мислењето на турскиот претседател, кој претходно единаесет години беше премиер, доколку Турција „не ги ставеше под контрола“ антивладините протести во Истанбул кои се проширија и на другите градови низ државата, земјата ќе ја доживеала судбината на Украина во која по соборувањето на прорускиот претседател Виктор Јанукович и доаѓањето на прозападните сили на власт избувнаа протестите на рускојазичното население што доведе до присоединувањето на црноморскиот полуостров Крим кон Русија и вооружениот конфликт во југоисточните региони на земјата и самопрогласување на ткн Народни републики во Донецк и Луганск. Ердоган, исто така, ја спореди и ситуацијата во Египет каде што со уличните протести во февруари 2011 година беше соборен претседателот Хосни Мубарак кој на чело на земјата беше од 1981 година и оттогаш земјата е сцена на масовни протести со илјадници жртви, прво на секуларните партии, а потоа по отстранувањето од власта на исламистичкиот претседател Мохамед Морси и на исламистите.
„Што ќе се случеше доколку протестите на Гези не беа ставени под контрола, и ние се повлековме пред лицето на уличното насилство? Одговорот на тоа прашање беше даден во Египет и во Украина. Уличните протести во Украина го отворија патот за поделбата на земјата“, изјави Ердоган говорејќи во Истанбул на состанокот на Сојузот на турските бизнисмени, пренесува весникот Hurriyet.
Протестите започнаа во паркот Гези во Истанбул кон крајот на мај 2013 година поради одлуката на владата да исече дрвја во паркот пред познатиот плоштад Таксим, како и поради дислоцирањето на Културниот центар на основачот на Турската република Мустафа Кемал Ататурк, поради негово преуредување односно изградба на трговско-забавен комплекс. Протестите се проширија на многу градови во Турција, најмалку во половината од покраините во земјата, претежно во урбаните средини, а ги поддржаа и Турците кои живеат во странство. Протестите ескалираа во бран безредија, во кои имаше најмалку шест жртви и стотици повредени, против политиките на владата која тогаш ја предводеше Ердоган обвинувајќи го за исламизација на земјата.
Ердоган ја пофали турската полиција, велејќи дека таа не применувала прекумерна сила во текот на минатогодишните протести, иако за тоа беше критикуван од Европската унија и од Вашингтон. Турскиот претседател истовремено пред бизнисмените потсети на протестите против полициската бруталност во САД, каде што, како што вели Ердоган, „полицијата ги соборува луѓето од нозе, им ги удира главите од асфалтот и убива невооружени луѓе“./крај/мф/сн
Извор: Hurriyet
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Рама објави укинување на забраната за „Тик-ток“ во Албанија
Албанскиот премиер Еди Рама објави дека социјалната мрежа „Тик-ток“ повторно ќе биде достапна во Албанија.
Рама во интервју за „Политико“ истакна дека албанската влада постигнала партнерство со претставници на социјалната мрежа и дека набргу ќе претстави нови мерки за заштита на јавноста во оваа земја.
„Задоволни сме од резултатот. Постигнавме партнерство и се надевам дека во наредните недели или месеци ќе го презентираме планот пред албанските граѓани, како што ветивме“, рече Рама.
Албанската влада го забрани „Тик-ток“ пред една година кога објавите на платформата предизвикаа тепачка меѓу млади, во која 14-годишно момче беше избодено до смрт.
Регион
Србија меѓу првите во регионот што воведува тестирање на алкохол кај летачкиот и кај кабинскиот персонал
Од 1 јануари 2026 година во Србија ќе почне систематско тестирање на летачкиот и на кабинскиот екипаж за присуство на алкохол.
Со тоа Србија станува една од првите земји во регионот што ја воведува оваа постапка во целост, објави Дирекцијата за цивилно воздухопловство на Србија.
Тестирањето ќе се спроведува на летачкиот и на кабинскиот екипаж на домашни и странски авиони што ги користат аеродромите во Србија.
Проверките ќе ги вршат специјално обучени и овластени воздухопловни инспектори на Дирекцијата.
Постои нулта толеранција за присуство на алкохол кај членовите на екипажот на авионите.
За мерење на количината алкохол ќе се користат сертифицирани и калибрирани уреди за мерење алкохол во здивот, кои имаат доказна вредност во судските постапки.
Во случај член на летачкиот или кабинскиот екипаж да го одбие тестот или тестот утврди присуство на алкохол, воздухопловниот инспектор привремено ќе му забрани да ги извршува должностите на член на екипажот и ќе го пријави тоа кај надлежните органи.
По правило тестирањето ќе се врши во кабината на авионот, а податоците за спроведените тестови ќе се внесуваат во централизирана база на податоци управувана од Агенцијата за безбедност на воздухопловството на Европската Унија (EASA).
За почетокот на примената на оваа постапка Дирекцијата навремено ги информира сите воздухопловни субјекти во Србија и EASA, која има улога да обезбеди поддршка во дефинирањето на приоритетите за тестирање и управувањето со релевантните податоци.
Фото: depositphotos
Регион
Во Хрватска во тек е јавна дебата за изградбата на првата нуклеарна централа
Во Хрватска предлог-законот за примена на нуклеарна енергија за цивилни цели, изготвен од работна група, составена од голем број експерти од областа, е пуштен на јавна дебата, што всушност е првиот сериозен правен чекор во долгорочниот и скап процес на изградба на првата нуклеарна централа на хрватска територија.
Во последните месеци, министерот за економија, Анте Шушњар, често се појавуваше во јавноста со идејата дека Хрватска треба да изгради сопствена нуклеарна централа, што во овие нови геополитички околности и трендови на напуштање на фосилните горива, како и во времето на револуцијата на вештачката интелигенција и потребата од огромни количини електрична енергија, би донело стабилност во електроенергетскиот систем на земјата и би влијаело на намалувањето на емисиите на штетни гасови, пренесува „Танјуг“.
Од нацрт-верзијата на предложениот закон е јасно дека Хрватска во иднина во голема мера ќе се потпира на нуклеарна енергија. Планот е една третина од електричната енергија до 2040 година да доаѓа од нуклеарни извори.

