Регион
Граѓаните на Хрватска, Бугарија и Романија би можеле наскоро во САД да патуваат без виза
Хрватските граѓани би можеле наскоро во САД да патуваат без виза, пишува хрватскиот портал index.hr, и додава дека ова би можело да важи и за бугарските и за романските граѓани.
Двајца претставници во американскиот Конгрес, републиканецот Џо Хек од Невада и демократот Мајк Квигли од Илиноис, предложиле закон кој доколку биде изгласан, ќе овозможи додавање на Хрватска на листата земја чии граѓани во САД можат да патуваат без виза.
Укинувањето на визниот режим со САД, со овој закон, освен за Хрватска, се предложува и за Аргентина, Бразил, Чиле, Панама, Уругвај, Израел, Бугарија, Полска и Романија.
Конгресмените кои го предложиле проширувањето на листата земја чии граѓани во САД можат да влезат без виза, тврдат дека овој закон би овозможил отворање нови работни места во американската туристичка индустрија, имајќи го предвид тоа што може да се очекува раст на бројот на туристи.
Според процените на американската туристичка заедница, овој закон на годишно ниво во САД би привлекол 600 илјади туристи, економијата би се засилила за дополнителни седум милијарди долари годишни приходи, и би се отвориле околу 40 илјади работни места.
Пред предлог законот да дојде на гласање, Стејт Департментот мора да го извести американскиот конгрес за потенцијалните сигурносни ризици.
Дел од конгресмените стравуваат дека укинувањето на визниот режим за одредени земји ќе влијае на состојбата на безбедноста, односно дека со додавањето на поголем број држави на листата на земји кои со САД немаат визен режим, би можел да им овозможи полесно влегување во земјата на терористите поврзани со Ал Каеда и Исламска држава.
„Мораме да процениме колку нас оваа програма ни е потреба од економска перспектива, но и да провериме за да не станеме ранливи од сигурносна перспектива“, изјавила републиканската претставничка Кендис Милер на седница на парламентарниот одбор задолжен за безбедносната на американските граници.
По состанокот Милер за Washington Times најавила дека со администрацијата на претседателот Барак Обама ќе се посоветува околу тоа како да се додадат одредени земји на оваа листа, но истовремено да се наметнат обврски за почитување на сигурносните протоколи кои Американците ги бараат./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Србија прогласи вонредна состојба поради снегот: Илјадници домаќинства без електрична енергија
Србија утрово се разбуди под снег и мраз, а поради лошите временски услови, вонредна состојба е во сила во дури 11 општини и градови. Најголеми проблеми се прекините на електричната енергија, поради што повеќе од 6.000 домаќинства останаа без струја, пишува Н1 Србија.
Илјадници домаќинства без струја
Милорад Спасојевиќ од Секторот за вонредни ситуации потврди за РТС дека најголемиот проблем е прекинот на електричната енергија. „Околу 6.450 потрошувачи се без струја. Најлошо е во златиборската, колубараската, моравичката и мачванската област“, рече Спасојевиќ.
Цела Србија се разбуди со температури во минус. Најстудено беше на Копаоник, каде што беа измерени -17 степени, додека најниските температури меѓу градовите беа забележани во Кикинда и Сјеница, со -10 степени.
Според податоците од Републичкиот хидрометеоролошки завод (РХМЗ) од 6:09 часот наутро, во Белград, Ниш и Крагуевац се измерени -5 степени, а во Нови Сад -8 степени. На Црни Врх, каде што е регистрирана и снежна бура, температурата била -13 степени, а на Златибор -11 степени. По многу студеното утро, се очекува температурата да се зголеми на некои места во текот на денот.
Поради опасни временски феномени, утрово е во сила портокалова временска тревога за Белград, Бачка, Банат, Срем, Западна Србија, и Југозападна Србија.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)

