Регион
Грција бара ракети за својот руски ракетен систем С-300
Грција преговара со Русија за купување на ракети за својот противракетен систем С-300 од руско производство, како и одржување на овој одбранбен систем кој го поседува од крајот на 1990-те.
Оваа информација во којашто се цитира изјава на грчкиот министер за одбрана Панос Каменос што ја пренесе агенцијата РИА, доаѓа откако минатата седмица грчкиот премиер Алексис Ципрас престојуваше во официјална посета на Русија, каде што доби морална поддршка и ветување за долгорочна соработка, но не и свежи пари со кои би го спречил банкротот на својата презадолжена земја.
Грција, иако е членка на НАТО, го поседува рускиот систем за противоздушна одбрана С-300 од крајот 1990-те години.
„Русија и Грција преговараат за одржување на системот, како и за купување на нови ракети С-300“, изјави Каменос кој во Москва од средата присуствува на меѓународна безбедносна конференција. Истовремено грчкото министерство за одбрана во Атина објави соопштението во коешто министерот вели дека „Постојната програма на соработка во одбраната ќе продолжи“.
За западните медиуми не е јасно како Грција, чијашто влада очајнички се обидува да обезбеди пари за исплата на доспеаната рата од заемот, ќе најде пари за купување на руските ракети.
Се потсетува притоа дека рускиот претседател Владимир Путин по средбата со Цирпас во Москва минатата седмица, изјави дека Атина не барала пари за помош во должничката криза./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
„Лукоил“ во завршна фаза на продажба на рафинеријата во Бугарија – компанијата предупредува на заштита на сопственичките права
Рускиот нафтен гигант „Лукоил“ соопшти дека е во завршна фаза од продажбата на својата имотна структура во Бугарија, вклучувајќи ја рафинеријата „Лукоил Нефтохим Бургас“ и мрежата бензински станици. Компанијата предупреди дека ќе преземе правни мерки доколку специјалниот управител назначен од бугарската влада ги повреди нејзините сопственички права.
Вашингтон на крајот на октомври воведе санкции за „Лукоил“ и „Роснефт“ со цел да го ограничи руското финансирање на војната во Украина. Рокот за завршување на трансакциите со „Lukoil International“ е продолжен до 13 декември, а за бугарските подружници до 29 април 2026 година.
Бугарската влада минатата недела именуваше специјален управител со овластувања да го продолжи работењето и, доколку е потребно, да продава удели во рафинеријата. „Лукоил“ соопшти дека очекува неговото назначување да не го попречи процесот на продажба.
Компанијата истакна дека работи со неколку потенцијални купувачи. Меѓу заинтересираните се турскиот „Cengiz Holding“, азербејџанската државна нафтена компанија SOCAR, како и казахстанскиот „Казмунајгаз“, меѓународната трговска куќа Vitol, турскиот фонд Oyak и унгарската компанија MOL. Унгарскиот премиер Виктор Орбан претходно потврди дека MOL доставил понуда.
„Лукоил“ најави дека компанијата ќе ги заштити своите легитимни интереси доколку бидат прекршени, потсетувајќи дека во Бугарија има инвестирано над 4,5 милијарди долари во последните 25 години.
Регион
Грција се соочува со тешка демографска криза, младите остануваат дома до 30 година
Грција се соочува со сериозна демографска криза, покажува студија на статистичката агенција Елстат. Младите најчесто остануваат да живеат со родителите сè до својата 30-та година, бидејќи ниските плати не им дозволуваат самостоен живот и основање семејство. Ова, според психолозите, има негативно влијание и врз социјалниот живот и врз желбата за создавање нови семејства.
Според податоците на Евростат, Грција е прва во Европа по бројот на млади кои доцна го напуштаат родителскиот дом. Во Бугарија, на пример, младите заминуваат во просек на 28 години, пренесува БНР.
Кризата со домувањето дополнително ја влошува ситуацијата, а иако владата покрива една месечна кирија годишно за младите семејства, ниските примања и несигурноста ја намалуваат желбата за деца. Во последните 13 години, во земјата се родени четвртина милион деца помалку во однос на пред две децении.
Опозициската СИРИЗА предупредува дека демографската криза не може да се реши без сеопфатна стратегија.
Регион
Обилни дождови поплавија патишта и продавници во делови од Грција
Обилните дождови во Грција ги поплавија патиштата и продавниците. Полицијата ги повикува возачите да возат внимателно.
Јужниот дел од земјата беше најмногу погоден, особено планинските региони Загори и Џумерка, каде што патиштата беа непроодни. Пожарникарите мораа да спасуваат патници од поплавените автомобили. Беше спроведена спасувачка операција за спасување на двајца земјоделци и нивните стада.
Полицијата затвори еден од патиштата до пристаништето Игуменица. Сè е во вода, соопштија пристанишните власти.
Островот Крф е силно погоден од поројни дождови. Патиштата се како реки, што го оневозможува движењето, се жалат жителите на островот.
Многу куќи на приземје, ресторани и продавници се поплавени.
За денес, прогнозите се дека лошото време ќе продолжи, опфаќајќи го поголемиот дел од земјата и егејските острови.
Властите издадоа предупредување за внимателност при возење во областите Солун, Патра и Крит.

