Регион
Грчката влада го усвои првиот закон против сиромаштијата
Грчката влада предводена од челникот на радикалната левица Алексис Ципрас во средата со поддршката на коалицискиот партнер националистичката партија Независни Грци го усвои првиот закон во својот мандат за пакетот социјални мерки во полза на они коишто се најтешко погодени од долгогодишната финансиска криза.
Закон го изгласаа 149-те пратеници од левичарската Сириза и 13-те од Независни Грци,м како и пратеници од поранешните владејачки партии, конзервативната Нова демократија и социјалистичкиот Пасок. Со законот за справување со сиромаштијата особено се предвидува бесплатна испорака на електрична енергија, бонови за храна, за превоз и други бесплатни услуги за најсиромашните.
Во продолжение грчките парламентарци се изјаснуваат за законот, член по член, истовремено со зголемувањето на напнатоста меѓу Атина и нејзините странски доверители, околу договорот со кој ќе биде овозможено да бидат деблокирани средствата коишто ѝ се неопходни на Грција за да го избегне банкротот.
Грчкиот премиер Алексис Ципрас пред изјаснувањето на пратениците одржа жесток говор во кој истакна дека неговата влада не се плаши од заканите упатени на Грција. „Некои технократи се обидуваат да не’ заплашат со ултиматуми“, изјави Ципрас кој смета дека неговото мнозинство избрано на предвремените парламентарни избори на 25-ти јануари морала да се соочи со 50 дена исполнети со казани .
Грчката влада остро реагираше во вторникот навечер на пишувањата на медиумите според кои претставникот на Европската комисија меѓу странските доверители, Деклан Костело, побарал консултации пред изгласувањето на законот.
„Во името на која Европа се осмелува да зборува за еднострана акција кога станува збор за борбата против сиромаштијата. Од тоа не се плашам, некои бараат замрзнување на тие закони, но ние одговараме со изгласување на тие закони“, рече во средата Ципрас.
„Од почетокот знаеме дека патот е миниран, дена не’ демне опасност од финансиско задушување, но нашите партнери полека не’ запознаваат и знаат дека ние не сме продолжение на претходните влади, што морало да ги разочара“, додаде грчкиот премиер.
Истакна и дека е отворен за предлози однатре и однадвор, и дека сака да го почитува договорот од 20-ти февруари, но дека и партнерите мора да го сторат истото. Тој договор за четири месеци ја продолжува финансиската помош на Грција, но за деблокирањето на парите се водат тешки преговори./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.

