Регион
ХДЗ и Карамарко бараат отповикување на Орешковиќ

Лидерот на Хрватската демократска заедница (ХДЗ) и вицепремиер на хрватската влада, Томислав Карамарко соопштил дека неговата партија ќе покрене постапка за отповикување на премиерот Тихомир Орешковиќ, пренесуваат хрватските медиуми.
Карамарко изјавил дека на Хрватска и е потребна цврста, хомогена и единствена влада која ќе продолжи со спроведувањето на започнатите реформи. Сепак, лидерот на ХДЗ додал дека неговата партија не е за одржување на нови избори.
„Нема да трпиме уцени. Реформите мора да бидат спроведени од страна на одговорни луѓе. Апелирам да се оладат некои глави, а не да се оди на избори. Јас сум за избори, но така ќе изгубиме доста време. За реконструкцијата постојат рокови“, рекол Карамарко.
Орешковиќ, кој е вонпартиски премиер, претходно ги повика Карамарко и лидерот на Независната листа Мост, Божо Петров, да се повлечат од вицепремиерските позиции, пред сѐ поради „националните интереси“.
Хрватскиот премиер тогаш додаде дека тој нема да се се повлече од премиерската функција, а истото го порача и Петров. Хрватските медиуми додаваат дека се очекува предлогот на ХДЗ за отповикување на Орешковиќ да биде поддржан и од страна на опозициската Социјалдемократска партија и нејзиниот лидер и поранешен премиер Зоран Милановиќ./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Русин и Германец снимале голи деца со мобилни телефони во камп во Истра

Полицијата на Истра уапси во саботата двајца мажи, еден Русин и еден Германец, кои тајно снимале голи деца во туристички камп. Двајцата беа однесени во полициската единица за притвор под сомнение за кривично дело експлоатација на деца за порнографија и беа обвинети за кривично дело.
Како што соопшти полицијата денес, во саботата околу 12:45 часот, обезбедувач во туристички објект во областа Ровињ пронашол 56-годишен руски државјанин како тајно снима голи деца со својот мобилен телефон и го притворил додека не пристигнала полицијата.
Истиот ден околу 14:40 часот, обезбедувач во истиот камп пронашол и 52-годишен германски државјанин како тајно снима голи деца со својот мобилен телефон и исто така го притворил додека не пристигнала полицијата.
Врз основа на налог од надлежниот суд, полицијата ги претресе сместувачките единици, мобилните телефони со придружните мемориски картички што ги користеле осомничените и пронајде инкриминирачки материјал. Осомничените беа предадени на полициската единица за притвор во Истра вчера попладне со кривични пријави.
Регион
Вучиќ: Србија нема да воведе санкции против Русија

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека Србија нема да воведува санкции кон Русија и дека ќе се држи до својата сегашна политика, и покрај различните најави од владата.
Вучиќ рече дека граѓаните на Србија поддржуваат таков правец бидејќи тоа е „политика на независна и суверена држава“.
„Ќе продолжиме со нашата политика, која беше принципиелна и која досега се покажа како точна, која никому не му се допаѓаше, ниту на оние на Запад ниту на оние на Исток“, нагласи Вучиќ.
Реакцијата на Вучиќ следи по интервјуто на министерот за европски интеграции Немања Старовиќ за австриската агенција АПА. Старовиќ навести дека Србија може да размисли за усогласување со санкциите на ЕУ против Русија откако нејзиното членство во Унијата ќе стане неизбежно.
Тој објасни дека одбивањето да се воведат санкции произлегува од економска неопходност, а не од политичка лојалност кон Москва.
„Русија воопшто нема да биде погодена, но српската економија ќе биде погодена во огромна мера“, рече Старовиќ.
Сепак, претседателот Вучиќ ги отфрли тие изјави, нарекувајќи ги „невнимателни“.
„Жал ми е што некои од нашите пријатели во руските медиуми едвај чекаат да најдат нешто за кое ќе ја критикуваат Србија. Исто така, жал ми е што имаме многу луѓе на нашата домашна политичка сцена кои би сакале да ги бранат Русите отколку Србија. Морам да ги разочарам, Србија нема да воведе санкции врз Русија“, рече Вучиќ.
Регион
Двегодишно девојче најдено мртво на плажа во Грција

Девојче на околу двегоишна возраст е пронајдено мртво на плажа во атинското предградие Палео Фалиро во неделата наутро, пренесуваат грчките медиуми.
На телото на девојчето наишол маж од Египет, кој веднаш ја известил полицијата со повик на бројот за итни случаи 112. Екипа на Брза помош го пренела телото во Детската болница, каде се очекува да биде извршена обдукција.
Во меѓувреме, полицијата ги проверува списоците на исчезнати лица, но засега идентитетот на жртвата не е утврден.