Регион
Хрватска ги поканила сите членки на НАТО на парадата по повод 20 години од операцијата „Бура“
Хрватска ги поканила сите членки на НАТО да учествуваат во Загреб на парадата која ќе се одржи на 4-ти август, по повод 20 години од операцијата „Бура“, а поканата веќе била прифатена од страна на војските на Германија и Велика Британија, пишува Вечерње новости.
Весникот наведува дека се очекува и пристигнување на американски борбени авиони Ф-16 и хеликоптери „Црн сокол“, потоа авиони од составот на англиското воздухопловство, како и борбени авиони од Чешка и Унгарија, кои би требало да прелетаат преку Загреб.
Од главниот штаб на вооружените сили на Хрватска за весникот изјавиле дека секојдневно стигнуваат пријави од странски земји за учество на парадата, но организаторите засега не сакаат да откријат кој се ќе дојде во Загреб.
Српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ на 7-ми јули изјавил дека Србија со внимание ќе следи кои земји ќе испратат војска на парадата во организација на Хрватска а по повод 20-годишнцата од операцијата „Бура“, и дека нивното учество ќе се смета како за антисрпски став.
За телевизијата Н1 Дачиќ рекол дека на Србија и се замерувало поради тоа што испратиле војска на воената парада во Москва, на одбележувањето на победата над фашизмот, а дека сега на парадата која Хрватска ја организира по повод операцијата „Бура“, во која беа убиени повеќе илјади и протерани стотици илјади Србија, се поканети и војски на некои други земји.
„Учеството на нивните војски на парадата ќе има доста јасна негативна порака кон Србија. Ние тоа ќе го сметаме како антисрпски став“, нагласил шефот на српската дипломатија.
Советникот на српскиот претседател Томислав Николиќ пак, Иван Мркиќ за Новости изјавил дека изјавата на Дачиќ е сосема оправдана.
„Србија внимателно ќе следи на кој начин нашите соседи, но и останатите држави, ќе земат учество во планираните манифестации во Загреб и која порака ќе биде испратена. Србија и Хрватска имаат целосно различни гледишта на „Бура“, за нас тоа е симбол на страдањето на српскиот народ“, рекол Мркиќ./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Србија прогласи вонредна состојба поради снегот: Илјадници домаќинства без електрична енергија
Србија утрово се разбуди под снег и мраз, а поради лошите временски услови, вонредна состојба е во сила во дури 11 општини и градови. Најголеми проблеми се прекините на електричната енергија, поради што повеќе од 6.000 домаќинства останаа без струја, пишува Н1 Србија.
Илјадници домаќинства без струја
Милорад Спасојевиќ од Секторот за вонредни ситуации потврди за РТС дека најголемиот проблем е прекинот на електричната енергија. „Околу 6.450 потрошувачи се без струја. Најлошо е во златиборската, колубараската, моравичката и мачванската област“, рече Спасојевиќ.
Цела Србија се разбуди со температури во минус. Најстудено беше на Копаоник, каде што беа измерени -17 степени, додека најниските температури меѓу градовите беа забележани во Кикинда и Сјеница, со -10 степени.
Според податоците од Републичкиот хидрометеоролошки завод (РХМЗ) од 6:09 часот наутро, во Белград, Ниш и Крагуевац се измерени -5 степени, а во Нови Сад -8 степени. На Црни Врх, каде што е регистрирана и снежна бура, температурата била -13 степени, а на Златибор -11 степени. По многу студеното утро, се очекува температурата да се зголеми на некои места во текот на денот.
Поради опасни временски феномени, утрово е во сила портокалова временска тревога за Белград, Бачка, Банат, Срем, Западна Србија, и Југозападна Србија.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)

