Регион
Хрватска во јули ќе аплицира за влез во Шенген зоната
Хрватската влада во четвртокот го прифатила предлогот државата да започне со евалуација за влез во Шенген зоната, нешто што земјата може да го направи уште на 1-ви јули годинава, што претставува европско правило односно право за пристапување кон Шенген зоната по две години членство во Унијата, пренесува Al Jazeera.
„Хрватска е подготвена за почеток на постапката на Шенгенската евалуација“, изјави во четвртокот хрватскиот вицепремиер и министер за внатрешни работи Ранко Остојиќ, нагласувајќи дека конечната одлука за членството во Шенген зоната е политичка, и неа ја носи Брисел.
„Влезот во Шенген е важен стратешки национален интерес“, потенцира Остојиќ по владината седница на која била донесена изјавата за подготвеноста за почеток на постапката за Шенгенската евалуација.
По 1-ви јули следи евалуацијата, но таа не зависи само од техничката подготвеност за влез во Шенген зоната, туку и од политичката одлука на Брисел, нагласи хрватскиот министер.
„Бугарија и Романија одамна се членки на ЕУ и ја минаа техничката евалуација, но се уште не е донесена политичка одлука околу тоа дали треба да бидат дел од Шенген“, потсети Остојиќ.
Процесот на евалуацијата обично трае околу година ипол, за започнува со пополнување на стандардниот прашалник кој содржи околи 390 прашања, а на кој Хрватска ќе треба да одговори за време на летото.
Покрај исполнувањето на техничките услови, евалуацијата опфаќа и проценка на управувањето со границите, визите, миграцијата и азилот, полицијата и безбедноста, воспоставувањето на функционирањето и користењето на шенгенскиот информациски систем, царинската соработка, заштитата на личнте податоци, правосудната соработка во казнените дела и функционирањето на телата во примената на шенгенските правила.
Хрватска досега од ЕУ за достигнување на шенгенските стандарди доби околу 120 милиони евра од Привремениот шенгенски инструмент, а тие средства мора да се искористат до 23 јули 2016 година./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
14 мигранти загинаа во судир со брод на крајбрежната стража кај Грција
14 мигранти загинаа во Егејското Море откако нивниот брод се судри со брод на крајбрежната стража кај грчкиот остров Хиос, соопшти крајбрежната стража. Службеник на крајбрежната стража изјави дека го забележале бродот што превезувал мигранти кон грчкиот остров Хиос и им наредил да се вратат назад.
„Шверцерите маневрирале кон бродот на крајбрежната стража, предизвикувајќи го судирот“, изјавил службеникот за Ројтерс. Ројтерс не можел независно да потврди точно како се случил судирот. Двајца припадници на грчката крајбрежна стража биле однесени во болница на Хиос, заедно со 25 спасени мигранти, според првичните информации од крајбрежната стража, објави АФП.
Меѓу повредените се бремена жена и седум деца, објавија грчкиот јавен радиодифузен сервис ЕРТ и новинската агенција АНА. Крајбрежната стража соопшти дека е во тек операција за пребарување и спасување, со помош на бродови на крајбрежната стража, приватни чамци и нуркачи.
Регион
Автобус изгоре на автопат кај Солун, патниците навреме евакуирани
Пожар избувна рано утринава во градски автобус што сообраќал на линија во предградието Синдос во Солун, во северна Грција, јавува „Катимерини“.
Пожарот настанал додека автобусот се движел по автопатот Патра–Атина–Солун–Евзони. Сите тројца патници и возачот навреме го напуштиле возилото, додека автобусот целосно бил уништен од огнот.
Противпожарната служба интервенирала за гаснење на пожарот и спроведува истрага за причините за инцидентот.
Фото: илустрација (Depositphotos)
Регион
Бомба фрлена врз куќата на Здравко Чолиќ во Белград
Доцна синоќа беше фрлена бомба врз куќата на пејачот Здравко Чолиќ во белградската населба Дедиње.
Полицијата и дежурниот обвинител на Вишото јавно обвинителство во Белград се на местото на настанот, а истрагата е во тек, пренесуваат медиумите во регионот.
Деталите, според написите, засега не се познати, но според извештаите никој не е повреден во експлозијата, но е причинета голема материјална штета, пишува „Телеграф“.
Пејачот бил во куќата
Полицијата веднаш ги блокирала приодите кон куќата по приемот на пријавата.
Припадници на Министерството за внатрешни работи спроведуваат истрага, а форензички експерти собираат докази и ги прегледуваат снимките од безбедносните камери за да го идентификуваат сторителот, пишува медиумот.
Во моментот кога била фрлена бомбата, Чолиќ, неговата сопруга и помладата ќерка Лара биле во вилата.
Според Телеграф, тие спиеле во моментот на експлозијата, а звукот ги разбудил.
Фото: ЕПА

