Регион
Италијанското претседателство со ЕУ ќе им даде силен поттик земјите од Западен Балкан
Италијанското претседателство со Европската унија (ЕУ) ќе работи на тоа да им даде силен поттик на земјите од Западен Балкан во евроинтегративните процеси, стои во програмата за претседавањето која била доставена до Европскиот парламент (ЕП).
Во програмата е потенцирано дека политиката за приемот на новите земји во ЕУ е „стратешки приоритет и основен инструмент за унапредувањето на мирот, демократијата и безбедноста во Европа, како и за стабилноста, благосостојбата и трајниот економски раст на нашиот континент“.
„Земјите кандидати и потенцијалните кандидати за членство во ЕУ ќе мораат да бидат охрабрувани и да вложуваат напори за спроведување на потребните реформи за услогласување со правниот систем на ЕУ“, ставило до знаење италијанското претседателство.
Во документот уште стои дека „Европската унија ќе мора да покаже веродостојност и да вложи сериозен труд во процесот за проширувањето, со цел да им даде поттик на кандидатите и потенцијалните кандидати за членство во Унијата, да ги направат потребните чекори за да напредуваат кон ЕУ“.
Италијанското претседателство ќе работи на тоа да се забрзаат преговорите за членство на Србија и Црна Гора, и да се отворат нови поглавја во преговорите. Исто така, од претседателството најавиле дека „ќе го охрабруваат пристапниот процес на Албанија, на основа на досегашните постигнати резултати“, а во однос на Македонија, „италијанското претседателство има намера да го поддржи текот на интеграциите“.
Од Босна и Херцеговина се очекува „да ги исполни условите за поднесување на веродостојно барање за кандидатура за членство во ЕУ“. Во однос на Косово, пак, „претседателството има намера да охрабри потпишување на Договорот за стабилизација и асоцијација со ЕУ и да го поддржи дијалогот за визната либерализација“.
Во рамките на програмата, исто така, се истакнува дека „претседателството ќе работи на натамошен напредок на процесот кој се води за членството на земјите од Западен Балакн во ЕУ, и ќе се вложат напори да се оживеат преговорите со Турција“.
Италија, која до крајот на оваа година ќе раководи со Советот на ЕУ, како главни цели ги постави економскиот раст, производството, отворањето на нови работни места, енергетската безбедност и спречувањето на напливот од имигранти во ЕУ, , пренесува агенцијата Бета./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.
Регион
(Видео) Снегот уриваше дрвја и оштети автомобили во Белград
Обилниот снег што падна во Србија во неделата предизвика проблеми во сообраќајот, прекини во електричната енергија и го отежна секојдневниот живот на граѓаните, а новиот удар на зимата беше особено видлив во Нов Белград, каде што обилните снежни врнежи соборија дрвја, а гранки паднаа врз паркираните автомобили.
Во една белградска населба, снегот беше доволно силен за да собори неколку дрвја и дебели гранки од улиците и зелените површини, предизвикувајќи штета на некои автомобили.
Снежните врнежи во поголемиот дел од Србија беа пообилни од вообичаените за ова време од годината.
Во некои области наврнаа повеќе од 25 сантиметри снег за помалку од 24 часа, предизвикувајќи доцнења во сообраќајот и летовите од аеродромот во Белград, како и привремени проблеми со електричната мрежа во планинските области.

