Регион
Изгласана новата словенечка влада, Церар вети излез од кризата
Словенечкиот парламент ја потврди во четвртокот доцна вечерта новата коалициска влада на премиерот Миро Церар, по што 16-те министри од неговиот кабинет положија свечена обврска, а премиерот вети излегување на Словенија од повеќегодишната криза.
За доверба на новата влада на Словенија гласаа 54, а против 25 пратеници. Против владата на премиерот Миро Церар гласаа пратениците на Словенечката демократска партија (SDS) на Јанез Јанша, демохристијанската Нова Словенија (NSI) на Људмил Новак и Здружена левица (ZL).Во обраќањето пред парламентот пред гласањето и по повеќечасовната расправа, Церар изјави дека Словенија е во тешка ситуација, но дека нејзините проблеми се „премостливи“, како и дека е убеден оти со својата влада, државата може да биде извлечена од повеќегодишната криза. „Нашата ситуација е сериозна, но ситуацијата може да се контролира и да се премости. Земјата може да се извлече од кризата, за тоа имаме план, визија и волја“, изјави Церар, пренесоа словенечките електронски медиуми.Неговата партија на парламентарните избори во јули доби 35 отсто од гласовите, а Церар склучи коалиција со Демократската партија на пензионерите (DESUS) и со Социјалните демократи, формирајќи така парламентарно мнозинство од 52 мандати во 90-члениот парламент на Словенија.Отфрлајќи ги коментарите дека неговата коалиција тешко ќе го издржи целиот четиригодишен мандат и дека веќе дејствува како „раштимуван оркестар“, Церар рече дека цел му е политичка стабилноста и влада којашто за разлика од претходните ќе издржи четири години, иако е свесен дека имајќи ги предвид очекувањата на избирачите пред него е тешка задача.Шефот на словенечката дипломатија Карл Ерјавец изјави во името на DЕSUS, партијата којашто ја предводи, дека неговата партија спротивно на оцените дека е лабилен член на владата, ќе биде „најсилната алка“, но дека ќе инсистира на исполнувањето на одредбите од коалицискиот договор за растот на пензиите.Церар како главни задачи на својата влада ги наведе подигнувањето на етичките стандарди во политиката, додека на економски план ќе води рестриктивна политика на намалување на јавните давачки, за Словенија да ги исполни барањата на Европската комисија за намалување на буџетскиот дефицит и јавниот долг, и повторно да го стабилизира финансискиот и фискалниот систем.Во текот на повеќечасовното испрашување во парламентот, Церар се определи и за статусот на своите претходница, поранешниот премиер Јанез Јанша и неговата претходничка Аленка Братушек.На тврдењата на опозицијата дека неговата влада би требало веднаш официјално да ја отповика Аленка Братушек којашто претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер ја именуваше како кандидат за член на новата Европска комисија, Церат изјави дека на постапката повеќе не може да влијае, бидејќи тоа е работа на одлука на Европскиот парламент, како и дека треба да се уважи фактот дека на досегашната премиерка ѝ е ветено важно место на потпретседателка на ЕК, задолжена за енергетската унија и координација на повеќе ресори, како и дека ги повикува сите да се откажат од штетното политизирање на тој случај.Кога станува збор за Јанша, кој на парламентарните заседанија доаѓа од затвор каде издржува долгогодишна казна, бидејќи е осуден поради корупција во случајот „Патриа“, односно набавување на оклопни возила за словенечката армија, новиот премиер Миро Церар изјави дека проблемот на партијата на Јанша е што го кандидирала за член на парламентарната комисија за контрола на тајните служби, на што владејачката коалиција не може да се согласи, како и дека се чека дали на Јанша поради правосилната пресуда ќе му биде одземен пратеничкиот мандат.„Проблемот е во тоа што Јанша во овој момент е правосудно осудено лице. Осуден е за многу сериозно кривично дело, па е тешко да се очекува дека може да биде именуван за член во толку чувствителна комисија“, изјави Церар.Церар најави и дека неговата влада веднаш ќе се занимава со прашањето за можниот ребаланс на годинешниот буџет, но дека за тоа треба да се причека да го добие деталниот увид во состојбата на државните финансии, како и најновата процена на владините служби за тоа колку пораснал бруто домашниот производ (БДП) во досегашниот дел од годината./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.

