Регион
Јилдирим негира дека Турција се извинила за соборениот руски авион, Кремљ потврдува
Турскиот премиер Бинали Јилдирим изјави во понеделникот дека неговата земја само изразила жалење за уривањето на рускиот авиони ланскиот ноември во Сирија, негирајќи ги извештаите дека се извинила, што беше главниот услов на Москва за нормализација на билатералните односи, а истовремено Кремљ ги потврди информациите токму од Јилдирим дадени во понеделникот вечерта дека многу скоро поради извинувањето ќе се одржи телефонски разговор меѓу претседателите Путин и Ердоган, но и дека проблемот со Анкара нема да биде надминат така брзо.
Турскиот премиер Бинали Јилдирим, исто така, ја промени изјавата за понудата за исплата на отштета за соборениот руски авион содржана во изјавата што ја даде во понеделникот вечерта за турската телевизија TRT, пренесуваат во вторникот турските медиуми
„Надоместувањето за Русија не е на масата, ги изразивме само нашите забелешки“, го цитира CNN-Turk премиерот Јилдирим, неколку часа откако Анкара објави дека е подготвена да понуди надомест за уривањето на рускиот бомбардер „Су-24М“ и убиството на пилотот.
„Содржината на писмото е јасна. Ние го изразивме нашето жалење и доколку е потребно да платиме надомест (за соборениот авион). Двете земји сакаат нормализација на односите. Сметам дека работите одат на подобро“, изјави во понеделникот Јилдирим за телевизијата ТРТ коментирајќи го писмото коешто турскиот претседател Рењџеп Тајип Ердоган му го упатил на рускиот колега по должност Владимир Путин.
Портпаролот на Ердоган го потврди писмото до Путин, но директно не го спомена извинувањето, што турските челници долго го исклучуваа како опција, а Москва го истакна како прв услов за продолжување на разговорите за обновување на односите. Портпаролот Ибрахим Калин рече дека Ердоан изразил жалење и побарал извинување од семејството на загинатиот руски пилот.
Речиси истовремен со изјавата од вторникот на Јилдирим, се огласи и Кремљ од каде преку портпаролот Дмириј Песков оценија дека претседателот Ердоган во своето писмо до Путин „направил многу важен чекор“ за подобрување на односите, но и порача дека „проблемот нема да биде решен за неколку дена“.
„Вистината е дека е испратена порака од турскиот претседател Ердоган. Направен е важен чекор во насока на нормализација на односите. Знаете дека руската страна и претседателот Путин имаат многу цврста позиција. Путин повеќепати изјави за желбата за одржување на добрите односи со Турција и со турскиот народ, дека не постои алтернатива за тие добри односи и, исто така, кои се неопходните услови за нормализација“, рече Песков на брифингот со новинарите во Москва.
Покрај тоа, Песков ги информирал новинарите дека во среда Путин и Ердоган ќе имаат телефонски разговор.
Претходно во понеделникот вечерта турскиот премиер Јилдирим на Twitter објави дека во среда или четврток ќе се одржи телефонски разговор меѓу Ердоган и Путин. „Оваа криза не од полза на турскиот и на рускиот народ. Во среда или четврток шефот на републиката ќе одржи телефонски разговор со господин Путин“, напиша турскиот премиер на микроблогот./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Сијарто: Фокусот на унгарското претседателство со ЕУ ќе биде проширувањето на Унијата на Западен Балкан
За време на претстојното претседавање со ЕУ, Унгарија планира да се фокусира на прашања кои се важни за централна Европа, како што се борбата против илегалната миграција, проширувањето на Унијата кон Западен Балкан и енергетската безбедност, изјави денеска унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто.
Кога станува збор за проширувањето на ЕУ, Сијарто на прес-конференција со својот чешки колега Јан Липевски рече дека регионот на Западен Балкан не заслужува да чека 14 години и 11 месеци за членство, што, како што вели, го поткопува кредибилитетот на политиката на Унијата, објави унгарската агенција МТИ.
„Тоа е ситуација што треба да се реши, така што унгарското претседателство (со Унијата) има јасна агенда да им помогне на земјите од Западен Балкан да го забрзаат пристапниот процес“, рече Сијарто.
Посочи дека ефектите од миграцијата директно се чувствуваат во Централна Европа од 2015 година и неопходна е сериозна регионална соработка за да се запре мигрантскиот прилив.
„Чешката, словачката и полската полиција ни помогнаа и ни помагаат на јужните граници на Унгарија да ги задржиме илегалните мигранти кои и се закануваат на Европа надвор од границите. Потребни се континуирани заеднички напори на четворицата централноевропски премиери за да се држи под контрола прашањето за квотите и да не се дозволи илјадници или десетици илјади илегални мигранти да се шетаат неконтролирано“, додаде Сијарто.
Шефот на унгарската дипломатија нагласи дека централна Европа „ќе продолжи да се спротивставува на притисоците поврзани со квотите“. Сијарто се осврна и на енергетската безбедност, наведувајќи дека Унгарија и Чешка планираат нуклеарен развој и затоа ќе продолжат да се борат против негативната дискриминација поврзана со нуклеарната енергија во Брисел.
Нуклеарната енергија е одржлив начин за производство на енергија, тоа е безбеден, еколошки и евтин метод за производство на големи количини електрична енергија“, заклучува Сијарто.
Регион
Ана Брнабиќ за 2 јуни распиша локални избори во 66 единици на локалната самоуправа
Претседателката на српското собрание Ана Брнабиќ распиша избори за 2 јуни во 66 единици на локалната самоуправа, бидејќи Националното собрание неодамна со две третини ги усвои измените на Законот за локални избори.
Изборите во овие локални самоуправи ќе се одржат на ист ден со изборите за советници во Градското собрание на Белград, односно на 2 јуни годинава.
„Среќна сум што испративме силна порака од парламентот до сите наши граѓани дека како нивни избрани сме способни да разговараме и да постигнеме договор и покрај сите наши разлики“, рече Брнабиќ по објавата.
Регион
(Видео) Уапсени Срби во Атина, поранешни членови на „Пинк Пантер“: осомничени се за украден накит вреден 315.000 евра
Двајца Срби, кои во минатото биле членови на организацијата „Пинк Пантер“, се уапсени во Атина под сомнение дека ограбиле две познати златарници во центарот на грчката престолнина, соопшти атинската полиција.
Според соопштението на грчката полиција, уапсените оперираат најмалку од минатиот декември, а се претпоставува дека имале соодветна мрежа за канализирање на украдени предмети, бидејќи оствариле добивка од над 315.000 евра.
По претресот во нивните домови, меѓу другото, пронајден е алат користен при кражбата, три рачни часовници, накит, 190 евра, лажна возачка дозвола, три мобилни телефони, лични предмети, како и дополнителен мотоцикл и автомобил што служеле за превоз.