Регион
Косовската полиција со солзавец ги разбиваше демонстрациите во Приштина
Косовската полиција употреби солзавец во понеделникот ноќта во Приштина за да ги растера активистите и симпатизерите на движењето Самоопределување, кои ја каменуваа полициската станица барајќи да биде пуштен претходно уапсениот поранешен водач на ова движење, Албин Курти.
Неколку стотици демонстранти бараа пуштање на слобода на Албин Курти, поранешен челник на движењето Самоопределување и пратеник во парламентот на Косово, кој пред четири дена во пленарната сала фрли солзавец во знак на протест против договорот меѓу Приштина и Белград според кој, меѓу другото, се предвидува и формирање Заедница на српските општини на Косово. Тогаш приштинските медиуми јавија дека неколку лица побарале медицинска помош, а пратеничката флора Бровина беше хоспитализирана. На седницата присуствуваше и претставникот на Европската унија во Приштина, поранешниот министер за надворешни работи на Словенија, Самуел Жбогар, кој исто така се пожали на тешкотии од солзавецот.
Курти подоцна ноќта беше ослободен,Прот и како што пренесе приштинскиот весник Bota Sot, на собраните свои поддржувачи им порачал дека не одговарал ништо на распитот и порачал дека ќе продолжи со активности и собирање потписи против формирањето на Заедницата на српските општини.
Репортерите на весникот известија дека зад демонстрантите останела бројни запалени контејнери за смет, уништени автомобили и излози на блиските локали, како и дека ситуацијата и во текот на ноќта останала тензична.
Според српската агенција Beta, активистите на Самоопределување се собрале на повик на челниците на движењето, кое следеше неколку часа откако косовската полиција,,постапувајќи по налог на надлежното обвинителство, претходно вечерта го привела Курти во полициска станица на распит. Репортерите од местото на настанот, јавија дека демонстрантите фрлаат камења врз полициската станица.
Според некои медиуми на протестите бил присутен и Рамуш Харадинај, челникот на партијата Алијанса за иднината на Косово, чии пратеници заедно со оние од Самоопределување на 8-ми октомври ја блокираа седницата на косовскиот парламент во знак на протест против бриселскиот договор меѓу Белград и Приштина, по што Курти го активирал солзавецот, за што според медиумите може да добие затворска казна.
Овие протести се одиграа само десетина часа пред во вторник во Брисел да продолжи дијалогот меѓу Србија и нејзината поранешна јужна покраина Косово и Метохија која во 2008 година еднострано прогласи отцепување со поддршка на САД и водечките земји во ЕУ. Премиерите Александар Вучиќ и Иса Мустафа ќе разговараат со високата претставничка на ЕУ за надворешна политика Федерика Могерини а досегашниот напредок во нормализацијата на односите меѓу Белград и Приштина и за натамошните чекори во таа насока./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Вучиќ: Ние сме големи губитници, изгубивме инвестиција од 750 милиони евра
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, коментира за актуелните теми вклучувајќи ја и веста дека компанијата на зетот на претседателот на САД, Доналд Трамп, Џаред Кушнер, одлучила да се повлече од проектот за изградба на луксузен хотелски и станбен комплекс, планиран на местото на бомбардираниот Генералштаб во центарот на Белград.
„Сè што се случи во врска со Генералштабот, се гордеам со сите што учествуваа во обидот да се донесе толку голем инвеститор, а со кампањата и ловот што се водеше против инвеститорот успеавме да го уништиме сето тоа“, рече Вучиќ, објави „Телеграф“.
Тој рече дека се чини оти „е потребно да се оцрни сè, да се уништи Србија, да се остави без инвеститори, струја и плати“.
„Оваа приказна денес станува само афера, како држава и народ сме големи губитници, изгубивме инвестиција од 750 милиони евра, а блокадите ни предизвикаа штета од вкупно една и пол милијарда. Штетата предизвикана на Србија е огромна. Сега ќе имаме срушена зграда од која паѓаат тули, а никој веќе нема да ја допре“, рече тој.
Тој се осврна и на Обвинителството за организиран криминал во Србија, кое вчера поднесе обвинение против министерот за култура Никола Селаковиќ и уште три лица за злоупотреба на службената должност и фалсификување документи во врска со овој луксузен проект за недвижности.
„Ние Србите сме мајстори за пропуштени можности, само за да му умре кравата на нашиот сосед на кој било начин. Јас лично ќе поднесам кривични пријави против сите што учествуваа во оваа потера и уништување на инвестицијата, и од Обвинителството и од полицијата“, најави тој.
Вучиќ нагласи дека „како одговорен човек, жал му е што изгубиле инвестиција од 750 милиони евра“ и дека сега „некој измислен проект во Албанија ќе го привлече целото внимание на светот“. Вучиќ истакна дека во соопштението од компанијата на Кушнер се наведува оти се повлекуваат од проектот „за да не се подели народот“.
„Што очекувавте луѓето да напишат? Дали очекувавте: „Се повлекуваме затоа што таму има идиоти што не сакаат инвестиција од 750 милиони евра и кои уживаат гледајќи како урнати згради пред 26 години остануваат такви и во следните 100 години? Дали очекувавте да кажат дека таму има идиоти што не сакаат американски инвестиции? Секако дека не“, рече Вучиќ.
„Тие логично рекоа: ‘Очекувавме сите да ни бидат благодарни, очекувавме тоа да ги обедини луѓето, луѓето да бидат ентузијастични. Но, таму, знаете, има некои што не се ентузијастични, туку, напротив, читаат меѓу редови, некои што не разбираат што е држава, што е народ или кои се интересите на граѓаните на Србија и беа против тоа“, додаде Вучиќ.
За потсетување, на почетокот на годината беше објавено дека инвестициската компанија „Афинити партнерс“, кооснована од Кушнер и милијардерот од Обединетите Арапски Емирати, Мохамед Алабар, планирала да изгради луксузен хотелски и станбен комплекс „Трамп“ на местото на Генералниот штаб на поранешната Југословенска народна армија, уништен во бомбардирањето на НАТО во 1999 година.
Од минатата година српската јавност расправа за правната основа за отстапување на просторот на тешко оштетениот Генералштаб, кој има статус на културно богатство, на странска компанија.
Инсистирајќи на тврдењето дека овој проект е во интерес на државата и нејзиниот главен град, што особено го туркаше Вучиќ, владејачката партија во српскиот парламент донесе посебен закон со кој се дозволува градење во населба чии делови имаат статус на заштитено културно добро поради нивната архитектонска вредност.
По донесувањето на овој закон, следуваше афера со фалсификување на одлуката во Републичкиот завод за заштита на спомениците за бришење на зградите на поранешниот Генералштаб и Министерството за одбрана од регистарот на недвижни културни добра.
фото/депозитфотос
Регион
Српскиот министер за култура фалсификувал документи за луксузниот проект на зетот на Трамп
Српското обвинителство за организиран криминал вчера поведе обвинение против министерот за култура Никола Селаковиќ и уште тројца за злоупотреба на службената должност и фалсификување документи во врска со проект за луксузни недвижности поврзан со Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател Доналд Трамп, објави „Еј-би-си њуз“.
Истрагата се фокусира на контроверзната реконструкција на срушениот воен комплекс во центарот на Белград, Генералштабот, кој беше заштитено место на културното наследство, а сега е предвидено за изградба на луксузен комплекс. Селаковиќ, близок соработник на претседателот Александар Вучиќ, и другите обвинети се теретат за нелегално одземање на заштитениот статус на локацијата со фалсификување документи.
Српската влада потпиша договор за закуп на 99 години со американската компанија „Афинити глобал девелопмент“, која е поврзана со Кушнер. Кушнер во тоа време потврди дека неговата компанија планира да го финансира проектот од 500 милиони долари, кој би вклучувал облакодер со хотел, луксузни станови, канцелариски простор и продавници. Сè уште не е познато кога би можело да почне судењето.
Владата го поддржува проектот и покрај истрагата
Предлогот за изградба на местото на поранешниот Генералштаб има силна поддршка од владата на Вучиќ, но се соочи со жесток отпор од експерти во Србија и странство, како и од пошироката јавност. Минатиот месец српскиот парламент донесе посебен закон со кој се отвора патот за изградба и покрај тековната истрага.
Претседателот Вучиќ изјави дека проектот е добар за односите на Србија со САД и дека ќе го помилува секој што е осуден во случајот. „Јас сум виновен“, рече тој неодамна. „Јас сум оној што сакаше да ја модернизира Србија. Јас сум оној што сакаше да привлече голем инвеститор“.
Симбол на отпор кон НАТО
Критичарите истакнуваат дека зградата е архитектонски споменик, кој се смета за симбол на отпор кон бомбардирањето на НАТО, што сè уште се смета за неправедна агресија во Србија. Србија беше бомбардирана 78 дена во 1999 година за да се принуди тогашниот претседател Слободан Милошевиќ да ја прекине репресијата врз Албанците во Косово.
Анти-НАТО расположението останува силно, што ја прави улогата на американската компанија во пренамената на воените згради особено чувствително прашање за многумина во Србија. Срушените згради се сметаат за врвни примери на архитектурата од средината на 20 век во поранешна Југославија, пишува „Еј-би-си њуз“.
Регион
Маж ја избол до смрт партнерката на улица во Србија
Страшно злосторство го потресе вчера Лесковац во Србија, каде што 64-годишен маж, Р.Д., е осомничен дека ја избол до смрт својата 53-годишна партнерка. Убиството, како што соопшти Полициската управа во Лесковац, се случило околу 16:30 часот, пишува Н1 Србија.
Според полицијата, жената починала на местото на настанот од повеќекратни убодни рани. Припадници на Министерството за внатрешни работи брзо интервенирале и го уапсиле осомничениот кратко време по злосторството.
Истрагата е во тек
Р. Д. е обвинет за кривично дело убиство. Со наредба на Вишиот јавен обвинител, му е одредена мерка притвор до 48 часа, по што ќе биде донесен на распит во Вишото јавно обвинителство во Лесковац со кривична пријава.

