Регион
Кучан разочаран од резултатите на самостојна Словенија
Тешко е да се каже дека сме се бореле за ова што го имаме денеска, изјави во среда поранешниот словенечки претседател Милан Кучан, по повод Денот на независноста на Словенија.
Словенците на референдумот на 23 декември 1990 година со големо мнозинство се изјаснија за самостојност и напуштање на тогашна Југославија.
Првиот словенечки претседател Кучан тогаш беше претседател на колективното републичко претседателство и водач на словенските реформирани комунисти.
Со изјавата дадена за Словенечкото радио, алудираше на најновата анкета според која повеќе од половината Словенци не се задоволни од постигнатиот степен на демократија, а добар дел ниту со животниот стандард.
Кучан оцени дека големите резултати и успеси на Словенија не треба да се потценуваат, но дека се пропуштени многу шанси што ги донела самостојноста.
Како главни причини зошто Словенија не успеа да оствари повеќе, Кучан ја наведе неиницијативноста и отсуството на визија на сите влади откако државата влезе во ЕУ и НАТО. За најголеми грешки ги смета слабите контакти со државите од Вишеградската група и државите настанати на подрачјето на поранешна Југославија. /крај/хн/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Доктор од Македонија прегазил куче во Софија и продолжил да вози, случајот ја разбранува Бугарија
Дваесет и деветгодишен маж од Македонија со автомобил прегазил куче, а потоа побегнал од местото на настанот, јави „БТВ“. Инцидентот бил снимен со безбедносна камера.
Маја, улично куче за кое жителите од маалото се грижеле веќе 14 години, била прегазена пред гаража. На снимката се гледа како возачот запира по ударот, излегува од автомобилот, но наместо да помогне – си заминува. Настанот предизвика илјадници коментари и осуди на социјалните мрежи.
Според „Офњуз“, сторителот признал дека го удрил кучето, но тврдел дека маневрот бил ненамерен и дека немал никаква намера да ѝ наштети. Полицијата потврди дека мажот е државјанин на Македонија, без криминално досие и дека не бил под дејство на алкохол.
Материјалите од истрагата се доставени до Окружното обвинителство во Софија, идентификувани се тројца сведоци и запленет е видеозаписот од безбедносната камера.
Од Военомедицинската академија (ВМА) во Софија, за БТВ изјавиле дека раководството е информирано за инцидентот и дека соработуваат со надлежните органи.
Регион
Грчките земјоделци на протести поради стопираните субвенции од ЕУ
Грчките земјоделци одржуваат протестни демонстрации низ целата земја. Нивните барања се за продолжување на исплатата на субвенции и помош.
Грчките земјоделци ја обвинуваат владата дека намерно ги прикрива оние што ги украле европските субвенции. Министерството за аграрен развој ги суспендираше сите исплати на земјоделците додека не заврши истрагата за украдените субвенции од ЕУ. Обвинителството веќе поднесе обвиненија против над сто лица кои добиле субвенции од ЕУ со лажни документи.
Стотици земјоделци од целата земја протестираат со трактори пред Министерството за аграрен развој. Главната иницијатива е од сточарите од островот Крит, кои пристигнаа специјално за демонстрациите во грчката престолнина. Во Александрополис, тие го блокираа аеродромот за да го спречат премиерот Мицотакис да го посети регионот. Во Солун, десетици трактори го запреа сообраќајот на патот кон Халкидики. Друга голема група е пред Министерството за Северна Грција. Во Лариса, сообраќајот на автопатот е исто така блокиран.
Денешните протести се само предупредување, велат земјоделците. Земјоделскиот сектор покажува подготвеност за активни протестни акции. Пратениците од опозицијата и лидерите на партиите се придружија на демонстрациите во Атина.
Регион
Поплавени куќи, затворени училишта: поројните дождови предизвикаа колапс на грчкиот остров Лезбос
Ноќните поројни дождови на грчкиот остров Лезбос ги поплавија куќите и другите објекти на западниот дел од егејскиот остров и ги принудија локалните власти да затворат неколку училишта за инспекции и поправки, објави „Екатимерини“.
Најтешко погодени беа областите Калони и Скала, а жителите ја опишаа количината вода што падна на островот како невидена.
Одлуката за затворање сите училишта во западен Лезбос беше донесена како превентивна мерка поради интензивните и продолжени поројни дождови, кои зафатија значителен дел од островот предизвикувајќи прекини во сообраќајот и зголемувајќи го ризикот од патување за учениците и наставниците, наведоа локалните власти во соопштението.
Тие исто така им советуваа на жителите да се воздржат од непотребни патувања додека не се изврши целосна процена на штетите на патот.
Фото: принтскрин

