Регион
Милановиќ поради Шешељ нема да го посети Белград
Хрватскиот премиер Зоран Милановиќ, незадоволен од односот на српските власти кон Воислав Шешељ, нема да присуствува на претстојниот самит во Белград, пишува хрватски Jutarnji list.
Повикувајќи се на неофицијални извори, весникот пишува дека наместо хрватскиот премиер, во Белград на состанокот на шефовите на владите на Централна и Источна Европа со Кина ќе допатува хрватскиот министер за поморска трговија и инфраструктура Хајдаш Дончиќ, „чија посета во Србија нема да има никаков политички призвук“.
Милановиќ во скоро време нема да се состане нити со српскиот премиер Александар Вучиќ, потврдил за Jutarnji list неименуван извор од хрватската влада.
Тоа значи дека Милановиќ посредно ја отфрлил и идејата на претставникот на српскиот народ во Хрватска, Милорад Пуповац од Самостојната демократска српска партија, кој предложил состанок на Милановиќ и Вучиќ, на кој и двајцата лидери би се обиделе да ги намалат сегашните меѓудржавни тензии.
Хрватските власти сметаат дека Вучиќ и српските власти не реагирале соодветно на изјавите на Шешељ и дека додека не го направат тоа нема да има нити средби на високо ниво.
Загреб од српскиот премиер Вучиќ сака да слушне дека сегашната власт во Србија на никаков начин не ги поддржува изјавите на Шешељ.
Милановиќ последен пат го посети Белград во јануари 2013 година, а три месеци подоцна Вучиќ беше во посета на Загреб, каде се сретна со неговиот хрватски колега, потоа со шефицата на хрватската дипломатија Весна Пусиќ и со хрватскиот претседател Иво Јосиповиќ.
Вучиќ во четвртокот, откако Европскиот парламент ја усвои резолуцијата со која се осудуваат Србија, Хашкиот трибунал и Воислав Шешељ, изјави дека тоа му делува како влегување во предизборна кампања, потенцирајќи дека „Србија е подобар пријател на Хрватска, отколку Хрватска на Србија“.
Европскиот парламент во четвртокот ја усвои резолуцијата за лидерот на Српската радикална партија, Воислав Шешељ во која се критикуваат неговите изјави, потоа Србија, како и Хашкиот трибунал, кого го повикаа да ги преиспита условите за привременото ослободување на Шешељ./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Снег падна и на Крит и островите во Егејот, дел од училиштата затворени
Снег падна во Грција, на полуостровот Халкидики и на островите во северниот Егеј – Лимнос, Лезбос, Хиос и Споради, како и на планините околу Атина, но и на Евија и Крит.
На Крит сообраќајот на места беше во прекин поради силен град.
Поради временските услови, работата на повеќе училишта е прекината, а наставата се одвива онлајн таму каде што е можно.
Иако температурите се над нулата, снегот и понатаму се задржува.
Фото: pexels
Регион
Србија прогласи вонредна состојба поради снегот: Илјадници домаќинства без електрична енергија
Србија утрово се разбуди под снег и мраз, а поради лошите временски услови, вонредна состојба е во сила во дури 11 општини и градови. Најголеми проблеми се прекините на електричната енергија, поради што повеќе од 6.000 домаќинства останаа без струја, пишува Н1 Србија.
Илјадници домаќинства без струја
Милорад Спасојевиќ од Секторот за вонредни ситуации потврди за РТС дека најголемиот проблем е прекинот на електричната енергија. „Околу 6.450 потрошувачи се без струја. Најлошо е во златиборската, колубараската, моравичката и мачванската област“, рече Спасојевиќ.
Цела Србија се разбуди со температури во минус. Најстудено беше на Копаоник, каде што беа измерени -17 степени, додека најниските температури меѓу градовите беа забележани во Кикинда и Сјеница, со -10 степени.
Според податоците од Републичкиот хидрометеоролошки завод (РХМЗ) од 6:09 часот наутро, во Белград, Ниш и Крагуевац се измерени -5 степени, а во Нови Сад -8 степени. На Црни Врх, каде што е регистрирана и снежна бура, температурата била -13 степени, а на Златибор -11 степени. По многу студеното утро, се очекува температурата да се зголеми на некои места во текот на денот.
Поради опасни временски феномени, утрово е во сила портокалова временска тревога за Белград, Бачка, Банат, Срем, Западна Србија, и Југозападна Србија.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос

