Регион
Мустафа Акинџи избран за нов претседател на кипарските Турци
Мустафа Акинџи, кандидат од левиот центар, избран е во неделата во вториот круг од претседателските избори во меѓународно непризнатиот турски дел од островот за челник на кипарските Турци, победувајќи го досегашниот шеф на државата Дервиш Ероглу, пренесуваат агенциите.
Мустафа Акинџи важи за искусен политичар кој се залага за помирување со кипарско грчкиот дел од островот, кој е единствено меѓународно признат по поделбата на овој медитерански остров во 1974 година. Тој добил 60,50 отсто гласови во вториот круг од претседателските избори. Неговиот главен противник, Дервиш Ероглу, освоил 39,50 отсто од гласовите. Одѕивот на гласачите бил висок и изнесувал 64,12 отсто, според податоците на изборната комисија, иако е понизок од претходните избори во 2010 година, кога изнесуваше 75 отсто.
Интересно е што првпат официјална Анкара не поддржа ниеден од кандидатите. Во првиот круг од изборите пред една седмица Ероглу освои 28,18 отсто, додека Акинџи 26,92 отсто од гласовите.
Акинџи, 68-годишен архитект роден во Лимасол, кој во 1976 година на 29-годишна возраст стана градоначалник на турскиот дел од поделената Никозија, во текот на политичката кариера беше и пратеник и вицепремиер, а ова беше третпат да се кандидира за претседател. Нему како претседател на земјата која е признаена само од Турција, главната задача и улога ќе му биде да ги води преговорите со властите на грчкиот дел за обединување. Преговорите треба да бидат продолжени во мај, според неодамнешните најави на специјалниот пратеник на ОН за Кипар.
Со стапувањето на највисоката должност во Турската Република Северен Кипар (TRNC), ќе се обиде да ги заживее мировните преговори, кои запнаа во октомври, со властите на јужниот дел од островот, кој е членка на Европската унија. „Претходните генерации од двете заедници многу патеа. Да сториме нешто за идните генерации да уживаат во богатството на овој остров“, изјави во текот на кампањата. Акинџи за симбол на својата кандидатура ја одбра маслиновата гранка, симбол на мирот.
Турски Кипар опстојува со помош на Турција чиишто брегови се на само 80 километри оддалеченост. За остатокот од светот тоа е зона којашто Анкара ја анектирала во 1974 година како одговор на државниот удар на грчките националисти во настојувањата овој медитерански остров да го присоединат на Грција. Станува збор за 37 отсто од вкупната територија на Кипар на којашто во 1983 година беше прогласена Турската Република Северен Кипар.
Околу илјада војници со мандат на Обединетите нации ја надлгедуваат ткн „зелена линија“ која го сече островот од исток кон запад, а повеќе десетици илјади турски војници се распоредени во северен Кипар.
Во моментот кога турската и грчката страна се подготвуваат за враќање на преговорите под покровителство на 25-то специјален претставник на ОН за кипарското прашање, норвешкиот дипломат Еспен Барт Еиде, овие избори се сметаа за многу важни. Имено, во текот на изминатите 41 година, колку што траат обидите за решавање на кипарското прашање, островот сместен меѓу Средоземјето и Блискиот исток станува се’ поважен, како поради својата геостратешка поставеност, така и поради неодамна откриените резерви од нафта и природен гас во неговите води./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.

