Регион
На Србија ѝ се заканува нов бран мигранти, од над 20.000 луѓе
Додека Унгарија воведува нови правила кои треба да стапат на сила од вторник, и зајакнување на оградата долж границата со Србија, на втората ѝ се заканува нов бран бегалци и мигранти, поголем од досегашните, предвидува Радио-телевизија Србија (РТС).
Портата на пругата Белград – Будимпешта ќе биде затворена во понеделникот на полноќ, па бегалците итаат да ги искористат последните часови од малку послабата контрола за преку споменатата граница да влезат на територијата на Европската унија. Поради тоа на Србија ѝ се заканува нов бран бегалци, меѓутоа многу поголем од досегашните, од дури 23.000 луѓе во текот на седмицава.
Со измените на десетици закони во Унгарија, кои овозможуваат спуштање на рампите на унгарско-српските гранични премини и поставување пунктови за регистрации на бегалците, најавено е и дека илегалното преминување на границата ќе биде третирано како кривично дело за кое може да се добијат три години затвор, а драстично се зголемени и казните за криумчарите на луѓе. Покрај тоа, се најавува дека по должината на заедничката граница ќе бидат распоредени и 4.300 унгарски војници кои ќе ѝ помагаат на полицијата.
Бидејќи унгарското законодавство, како и европското, ја смета Србија за сигурна земја, законот за реадмисија и враќањето на мигрантите фатени при илегално минување на границата би можело дополнително да ја отежне мигрантската криза во Србија, коментираат во Белград.
Радош Ѓуровиќ, од Центарот за помош на барателите на азил појаснува дека „идејата на унгарските власти да не одлучат за тоа дали луѓето треба да добијат азил во Унгарија или не, туку веднаш пред одлучувањето за нивниот азил да ги вратат во Србија, како земја од којашто влегле“.Будимпешта ги воведе ваквите мерки поради одбивањето на мигрантите да бидат регистрирани и идентификувани во Унгарија, поради страв дека ќе бидат таму вратени од другите западноевропски земји.
Доколку Унгарија ги применува во целосна мера новите закони, во Србија се стравува дека прво на удар би било местото Кањижа, гратче на северот од војводина, во кој веќе е пренатрупан прифатниот центар за бегалци. Во Кањижа, според податоците на РТС, до понеделникот во полноќ се очекуваат 10.000 мигранти, па дополнително се ангажирани полицијата, пожарникарската и комуналната служба, и активистите на Црвениот крст.
Според последните извештаи од јужна Србија, пак, македонско-српската граница изминатиот викенд ја минале речиси 6.000 луѓе, а нови групи сé уште пристигнуваат и во селото Миратовац, крај самата граница каде веќе ги има околу 1.500.
Координаторот на Црвениот крст во Прешево, Бранисав Миленковиќ изјави дека според информациите од Грција, повеќе мигранти се очекуваат следните неколку дена. „Сега пристигнуваат сите оние коишто од грчките острови се префрлени во Атина, што значи дека за неколку дена ќе дојдат најмалку 20.000 луѓе“, соопшти Миленковиќ.
Црвениот крст, здруженијата и невладините организации кои се грижат за бегалците при нивниот транзит низ Србија, предупредуваат дека поради студеното време ќе биде неопходни дополнителни резерви од храна, облека, обувки и лекови, како и опреми за бебиња и деца.
Српскиот премиер Александар Вучиќ неодамна најави градење на привремениот прифатен центар за околу 2.000 луѓе крај автопатот кај Белград, а се очекува дека тие објекти ќе бидат изградени пред првите дождови и постудените денови./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Европската комисија повторно бара истрага за можната употреба на звучен топ на протестите во Белград
Европската комисија уште еднаш ги повика српските власти да спроведат брза, транспарентна и веродостојна истрага за наводната употреба на звучен топ за време на антивладиниот протест во Белград на 15 март 2025 година, јави Радио Слободна Европа (РСЕ).
Повикот доаѓа откако европските медиуми повторно го покренаа прашањето, а Политико објави дека српските разузнавачки служби, во соработка со руската ФСБ, тестирале звучни уреди на кучиња во обид да утврдат дали е користено звучно оружје врз демонстрантите.
Во извештајот што српскиот претседател Александар Вучиќ го презентирал, се тврди дека уредите не предизвикале реакции кај животните, па оттука било заклучено дека звучен топ не бил користен на протестот. Руската страна не коментираше за извештајот, пренесе РСЕ.
Во изјавата на Европската комисија се нагласува дека „односите со Русија не можат да продолжат како и досега, особено кога се работи за безбедносни прашања“, и се потсетува дека властите имаат обврска да ги заштитат демонстрантите од повреди и насилство.
Српските власти подоцна признаа дека полицијата поседува звучни уреди, но тврдат дека „никогаш не биле употребени“.
Демонстрантите сведочеле за силни и необични звуци, вибрации и здравствени тегоби по протестот – како вртоглавици, несвестица, покачен притисок и нарушувања на слухот.
Настанот го истражува и Европскиот суд за човекови права.
Фото: ЕПА
Регион
Научник од Ровињ: Сите примероци од Јадранското Море што ги обработив имаа микропластика
Бројот на микропластични честички во Јадранското Море драматично се зголемува, понекогаш надминувајќи половина милион на квадратен километар. Научниците велат дека опасните хемикалии можат да влезат и во синџирот на исхрана преку него, објавува Dnevnik.hr.
Просечната концентрација на микропластика во Јадранското Море е околу 250.000 честички на км². Според мерењата на водите во Ровињ, бројот понекогаш достигнува 600.000.
„Досега, сите примероци што ги обработив имаа микропластика. Нема примерок што го обработив досега, а кој немал микропластика“, рече Виктор Стинга Перуско од Центарот за морски истражувања на IRB во Ровињ.
„Бројот постојано расте бидејќи имаме нов влез, додека се произведува пластика, можеме да бидеме сигурни дека оваа пластика ќе заврши во морето во одреден момент“, додаде тој.
Голем дел од влакната што се невидливи за окото доаѓаат и од домаќинствата. И со секое перење на машината за перење, додаваме уште малку. Влегува во организмите на рибите, а потоа и во нашите тела преку храната.
Влијанието врз здравјето, велат научниците, сè уште не е доволно истражено.
фото/Depositphotos
Регион
Вучиќ: Не ја напаѓам ЕУ, туку ја штитам Србија, нема да бидеме понижени
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денес изјави дека е сигурен дека Србија ќе најде решение и ќе го забрза патот кон ЕУ, додавајќи дека не ги бојкотира членовите на Европскиот парламент, туку дека тие покажале големо непочитување кон земјата.
„Ја повикувам претседателката на Собранието повторно да го отвори дијалогот со невладиниот сектор, да разговараме за сè што е добро за земјата. Секако, не правете го она што директно е во спротивност со интересите на Србија, и тоа е мое барање“, изјави Вучиќ за „ТВ Пинк“.
„Мојот повик до г-ѓа Брнабиќ е да го повтори тој процес, да ги вклучи сите во тој процес“, додаде Вучиќ и нагласи дека се надева дека ќе се најде решение.
Запрашан за европратениците кои рекоа дека доаѓаат во Србија, иако разговорите со српските претставници не беа соодветно најавени, Вучиќ рече дека го бојкотира само Тонино Пицула.
„Ниту нè прашаа дали се добредојдени, ниту ни ги соопштија датумите, ќе беше убаво да прашаа дали претседателот е тука, а пред еден месец го закажаваа тоа. Не направија ништо од тоа, туку рекоа „тогаш ќе стигнеме“, а јас сè се договорив во Давос пред пет месеци“, истакна Вучиќ.
Во исто време, ги праша европратениците зошто не покажаа почит кон неговата земја, додавајќи дека тие, заедно со блокадерите, не сакаат дијалог.
„Ние сме на европскиот пат, но нема да бидеме понижени од некои европратеници, а моја работа е да го спречам тоа“, рече Вучиќ.
Тој истакна дека е единствениот од регионот што е почестен и дека е најавен на бизнис форумот во Давос на исто ниво како и светските лидери.
„Сите доаѓаат во Давос и сите сакаат да бидат слушнати, а пред сè сакам да слушам и да присуствувам на сите настани што се организираат. Обично само еден претседател е таму цел ден, а тоа сум јас, од рано наутро до вечер, бидејќи немаме пари да плаќаме за скапи хотели. Се наоѓаме на околу 20 километри од центарот на настанот“, рече Вучиќ.

