Регион
Над 50 повредени во експлозија на предизборен митинг во Турција – видео
Најмалку 50 лица се повредени а едно постаро лице починало од повреди во две експлозии кои одекнаа пред почетокот на предизборниот митинг за парламентарните избори на 7-ми јуни во организација на Демократската народна партија (HDP) во југоисточната покраина Дијарбекир, на турски Курдистан, пишуваат во петокот локалните медиуми.
Министерот за здравство, Мехмет Мујезиноглу изјави дека „околу 50 лица се повредени, а 20 до 24 се хоспитализирани“ по инцидентот.
Според првичните сознанија експлодирал трансформатор, меѓутоа дневниот весник Hurriyet пишува дека министерството за енергетика го отфрлило тврдењата дека инцидентот е предизвикан од неисправност на трансформатор, додека копретседателот на HDP, Селахатин Демирташ кој бил на 30 метри од експлозијата, инцидентот за CNNTürk го карактеризирал како провокација и ги повикал приврзаниците на неговата партија да останат смирени и да заминат пред партиската канцеларија каде што ќе го одржи говорот.
Едната експлозија била во трансформаторот, а втората била предизвикана од експлозивна направа подметната во контејнер за ѓубре, пишуваат дел од локалните медиуми. Масата луѓе собрана на плоштадот започнала во паника да бега, пренесува натаму CNNTürk.
Планирано било Демирташ, чии јавно настапи инаку се многу популарни во Дијарбекир, да се обрати пред неколку десетици илјади негови приврзаници. Но кусо пред почетокот на неговиот говор околу 18.30 часот по локално време одекнале експлозиите.
Во експлозиите еден човек ја загубил раката, а друг починал на самото место. Потоа разгневените поддржувачи на Демирташ се растуриле по улиците на Дијарбекир извикувајќи непријателски слогани против власта и кинејќи ги плакатите на владејачката Партија на правото и развојот (AKP), на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган.
На неколку места во градот избиле судири со полицијата, којашто за смирување на ситуацијата употребила водени топови и солзавец. Дел од градот поради експлозијата на трансформаторот останал без снабдување со струја, а областа ја надлетува полициски хеликоптер, јавуваат медиумите.
Некои турски медиуми пренесуваат дека причината за двете силни детонации во интервал до пет минути, можеби, е неисправност на мрежата за дистрибуција на електричната енергија. Сепак, министерот за енергетика, Танер Јилдиз, ги отфрли тврдењата за неисправност. „Имало надворешна интервенција на трансформаторот“, рекол, пренесува Hurriyet.
Турскиот премиер Ахмет Давутоглу, пак, веди дека ќе бидат приведени сите лица кои се одговорни за експлозиите. „Ќе испитаме дали станува збор за експлозија во трафостаницата или за атентат, или некој друг вид провокација, и што е можно поскоро ќе ги објавиме резултатите од истрагата“, порачал премиерот. „Како што во минатото беа фатени извршителите на нападите врз HDP, така и сега ќе ги фатиме“, додал Давутоглу.
Партијата HDP се бори да го мине изборниот праг од 10 отсто за да може да има свои претставници во турскиот парламент. Доколку тоа го постигне, тоа би ја оневозможило владејачката AKP да има апсолутно или двотретинско мнозинство. Со тоа партијата на Ердоган нема да може да прави уставни промени и промени на парламентарниот систем на Турција во претседателски, со кој претседателот Ердоган би ја добил и извршната власт./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Србија прогласи вонредна состојба поради снегот: Илјадници домаќинства без електрична енергија
Србија утрово се разбуди под снег и мраз, а поради лошите временски услови, вонредна состојба е во сила во дури 11 општини и градови. Најголеми проблеми се прекините на електричната енергија, поради што повеќе од 6.000 домаќинства останаа без струја, пишува Н1 Србија.
Илјадници домаќинства без струја
Милорад Спасојевиќ од Секторот за вонредни ситуации потврди за РТС дека најголемиот проблем е прекинот на електричната енергија. „Околу 6.450 потрошувачи се без струја. Најлошо е во златиборската, колубараската, моравичката и мачванската област“, рече Спасојевиќ.
Цела Србија се разбуди со температури во минус. Најстудено беше на Копаоник, каде што беа измерени -17 степени, додека најниските температури меѓу градовите беа забележани во Кикинда и Сјеница, со -10 степени.
Според податоците од Републичкиот хидрометеоролошки завод (РХМЗ) од 6:09 часот наутро, во Белград, Ниш и Крагуевац се измерени -5 степени, а во Нови Сад -8 степени. На Црни Врх, каде што е регистрирана и снежна бура, температурата била -13 степени, а на Златибор -11 степени. По многу студеното утро, се очекува температурата да се зголеми на некои места во текот на денот.
Поради опасни временски феномени, утрово е во сила портокалова временска тревога за Белград, Бачка, Банат, Срем, Западна Србија, и Југозападна Србија.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)

