Регион
Најдено телото на детето, се трага по мајката која исчезна со синот во Хрватска
Хрватската полиција го најде телото на петгодишниот Патрик и автомобилот во езерото кај хидроцентралата Дубарава во Хрватска, но мајката која во неделата исчезна со својот син оставајќи проштално писмо на Facebook, не е најдена.
Во автомобилот пронајдени се документи на Ивана Фогадиќ, а потрагата по неа сé уште трае.На автомобилот којшто е извлечен, му недостасуваат предното ветробранско и десното странично стакло. Предното ветробранско стакло е скршено од силен удар, додека за десното странично стакло се претпоставува дека е спуштено.Сонарот утврдил дека автомобилот се наоѓал на 5 до 6 метри длабочина. Многу веројатно е нејзиното тело, како и телото на Патрик, да испливало надвор од автомобилот.Трагичниот крај за семејството Фогадиќ беше откриен во средата кога случаен минувач, шетајќи кај езерото го здогледал мртвото тело на детето, за кое сé уште неофицијално се потврдува дека е на петгодишниот Патрик Фогадиќ. За во четврток е закажана обдукција на пронајдено тело за да се утврди точната причина за смртта. Пред четири дена, дваесет идеветгодишната Ивана Фогадиќ на својот Facebook профил остави проштално писмо од кое можеше да се претпостави дека заедно со неa во смрт ќе го однела и својот син. Во својот профил Фогадиќ го обвинува својот сопруг за насилство и за алкохолизам, што „не може повеќе да го трпи“. Жената претходно никогаш не го пријавила својот сопруг за насилство, дознаваат медиумите од полицијата.Во текот на потрагата, нејзиниот сопруг, Валентин Фогадиќ изјави дека ништо не укажувало на тоа дека ќе се случи вакво нешто. Во средата кога полицијата му соопштила дека нашле тело на дете, Валентин се фрлил во езерото за да стигне до телото на неговиот син, но набрзо бил превезен со возило на Итна медицинска помош.Потрагата по телото на жената се уште трае./крај/мф/ффс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Турција ќе приватизира два клучни моста во Истанбул
Турција ја ангажираше консултантската фирма Ernst & Young LLP да ја води приватизацијата на два клучни моста во Истанбул и серија автопати, според извори запознаени со планот.
Фирмата со седиште во Лондон ќе ја советува турската влада за продажбата на Мостот на мачениците 15 јули и Мостот „Фатих Султан Мехмед“, кои ги поврзуваат европската и азиската страна на Истанбул, како и најмалку девет автопати со наплата на патарина.
Изворите зборуваа под услов на анонимност бидејќи деталите од договорот не се јавни, објави Блумберг. Турција, исто така, ја назначи канадската фирма BTY Group за технички советник и планира да објави формален тендер подоцна оваа година, велат изворите.
Обидот за приватизација од 2012 година, кој вклучуваше и мостови и околу 2.000 километри автопат, привлече добитна понуда од 5,7 милијарди долари. Процесот пропадна откако Реџеп Таип Ердоган, тогашниот премиер, рече дека продажбата за помалку од 7 милијарди долари би била „предавство“. Владата сега очекува понуди што го надминуваат тој износ.
Според турскиот министер за транспорт, околу 430.000 возила секојдневно ги преминуваат двата моста, а стандардната патарина за патничко возило е 59 лири по правец, или околу 1,36 долари по тековни цени.
Ernst & Young претходно работеше како советник за проекти поврзани со мостови, автопати и болници во Турција.
Регион
Четиричлено семејство од Албанија почина во Тоскана од труење со јаглероден моноксид
Четиричлено семејство – родителите и нивните две деца, настрадало во својот дом во италијанската покраина Тоскана, поради труење со јаглероден моноксид, соопштија локалните власти.
Според првичните информации, жртвите се таткото Арти, мајката Јонида (43), синот Хајдар (22) и ќерката Џесика (15). Петтото лице од домаќинството е префрлено во болницата Чизанело во Пиза во тешка состојба, но според достапните податоци не е животно загрозено, пренесе Раи Уно.
На местото на настанот интервенирале припадници на противпожарната служба, карабинерите и екипи на итната медицинска помош, пренесе Итaлпрес.
При прегледот на објектот, тројца карабинери исто така добиле полесни симптоми на труење и им била укажана медицинска помош.
Прелиминарната истрага е насочена кон проверка на исправноста на котелот за централно греење, со цел да се утврди причината за трагедијата. Италијанските медиуми наведуваат дека семејството е со потекло од Албанија.
Регион
Словенија најавува забрана за социјални мрежи за деца под 15 години
Словенечката влада усвои насоки за измени на законот со кои би се ограничило користењето на социјалните мрежи за деца помлади од 15 години, пренесе словенечката агенција СТА.
Вицепремиерот Матеј Арчон изјави дека иницијативата е подготвена од Министерството за образование, а пред усвојување на законските измени ќе треба да се изјасни и Министерството за дигитална трансформација. Тој појасни дека мерките имаат цел да ги спречат негативните влијанија на социјалните мрежи врз децата и адолесцентите, по примерот на други држави.
Владата најавува регулирање и ограничување на користењето на мрежи како ТикТок и Снепчет, при што насоките дополнително ќе бидат доработени од стручната јавност и ќе се подготви соодветна законска рамка.
Ограничувањата се дел од поширок европски и светски тренд, откако Австралија воведе забрана за пристап до социјални мрежи за лица под 16 години, а слични чекори најавија и Франција, Данска, Грција, Шпанија и Португалија. Европскиот парламент претходно побара воведување старосна граница од 16 години, а претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, најави можност за воведување вакви ограничувања и на ниво на ЕУ.

