Регион
Насилство меѓу бегалците на грчките острови, полицијата интервенира со солзавец и шок бомби
Грчката полиција во петокот утрото употребила солзавец и шок бомби кога кулминирале тензиите меѓу илјадниците бегалци на егејските острови пред доаѓањето на водечките европски функционери и се заканиле да прераснат во отворено насилство.
Напнатостите избувнале меѓу бегалците од Авганистан на островот Лезбос додека настојувале да се изборат за место на траектот за Пиреја, што ја натерало полицијата да употреби шок бомби за да воспостави ред и да може да овозможи испловување на бродот, изјавиле за агенцијата DPA сведоци.
Лезбос е една од клучните точки на рутата на бегалците кои најмногу ја користат Сиријците на патот од Турција кон Грција. Островот е пренатрупан со бегалци, повеќе од 10.000 ја очекуваат можноста да заминат. Слично е и на островот Кос. Според грчките медиуми, во четвртокот повеќе лица на Кос биле повредни кога бегалците се судриле со локалното население, на што реагирала полицијата употребувајќи солзавец.
Околу 2.500 бегалци се истовариле во петокот претпладнето во Пиреја крај Атина, од траектот кој ги довел од Кос, Лезбос, Калимност и Лерос. Во текот на ноќта пристигнале уште 1.700, изјавил за DPA припадник на крајбрежната стража.
Потпретседателот на Европската комисија, Франс Тимерманс и комесарот за миграции Димитрис Аврамопулос во петокот пристигнаа на Кос, каде што треба да добијат увид во ситуацијата со бегалците.
Според извори од грчката влада Тимерманс и Аврамопулос би требало да разговараат за градење прифатен центар во Пиреја, кој би служел за регистрација на илјадниците мигранти, пред тие да го продолжат патот за западна Европа.
Мигрантите кои доаѓаат во Пиреја патуваат по ткн Балканската рута, од Турција, преку Егејското Море, потоа низ Грција, Македонија и Србија минуваат во Унгарија која е дел од Шенгенскиот простор. Повеќето од нив се надеваат дека ќе добијат азил во Германија или во некоја друга западноевропска земја./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.

