Регион
Николиќ ги спореди барањата на ЕУ со австроунгарскиот ултиматум
Српскиот претседател Томислав Николиќ ги спореди барањата на Европската унија во преговорите за членство на Србија со оние коишто Австро-унгарската монархија ги поставила пред Првата светска војна и рече дека под такви услови приближувањето на Белград на ЕУ не е можно.
Во разговорот за весниците Блиц и Вечерње новости, српскиот претседател Томислав Николиќ зборуваше за новите барања на Европската унија во поглавјето 35 посветено на нормализацијата на односите со поранешната јужна српска покраина Косово и Метохија, којашто по повлекувањето на српските власти од неа во 1999 година по интервенцијата на НАТО, во 2008 година еднострано прогласи независност во согласност со САД и главните земји членки на ЕУ, чија независност Србија не ја признава.
„Тоа ме потсетува на ултиматумот на Австро-Унгарија од 1914 година, и доколку цента (за членството во ЕУ – з.м.) е признавањето на Косово, јас сум против тоа да бидеме во Европската унија“, порача Николиќ.
Реторика во Србија се заостри по состанокот на српскиот премиер Александар Вучиќ и косовскиот колега Иса Мустафа со високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Федерика Могерини во Брисел. Србија ја обвини Германија за амандман во преговарачката платформа кој, како што истакна Вучиќ, содржи низа ставки кои го прејудицираат статусот на Косово и се насочени против српските национални интереси. Неговите соработници изјавија дека амандманот го поддржале и официјален Лондон и Загреб.
Во Берлин ваквите обвинувања ги отфрлија како „неосновани“ и порачаа дека западните дипломати не бараат ништо повеќе од Србија од она што веќе не е потпишано во договорот за нормализација на односите со Приштина од 201 година, но бавно се имплементира.
Вториот проблем е можното членство на Косово во УНЕСКО, на што Србија, исто така, остро се спротиставува. Николиќ во петокот ги собра странските амбасадори во Белград и им го изложи српскиот став. Некои од поважните српски верски споменици се наоѓаат на Косово и многумина во Србија ја сметаат за колепка на својот национален идентитет. Николиќ на странските дипломати им порача дека приемот на Косово во УНЕСКО би било како „да му дозволите на волкот да ги чува овците“./крај/мф/сн
Извор: (Reuters)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Ужас во Грција: човек затворил 58 мачки и ги мачел, осуден на 1,7 милиони евра казна
Грчки суд изрече казна од 1,7 милиони евра за суровост кон животните.
По дојава од минувачи, грчката полиција наишла на затвор за мачки. 68-годишен Грк затворил 58 мачки во трошна зграда. Ги оставил без храна, вода и ги мачел. Уапсениот човек им рекол на властите дека собирал животни скитници бидејќи бил чувствителен на нивната тешка состојба.
Неговите адвокати се обидоа да го претстават како ментално болен, но експертите на судот докажаа дека тој бил свесен за своите постапки.
За првпат, суд изрече казна од 1,7 милиони евра поради екстремната суровост на делото, коментираат адвокатите.
Судиите, исто така, ги забележаа претходните нечовечки и сурови дела на обвинетиот кон кучињата.
Животните се сместени во засолниште и за нив се грижи соопшти Сојузот за заштита на животните.
Регион
Борисов: Имаме предложено име за посебен управител во ‘Лукоил’, чекаме Радев да се изјасни
Чекаме претседателот Радев да донесе одлука – да стави вето или да го усвои законот, имаме име за посебен управител во Лукоил, тоа е договорено со партнерите, изјави лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, пред новинарите во парламентот.
Според него, единствената улога на шефот на државата е да стави вето на законот или да го донесе, а не да дава совети.
„Знам зошто го направи тоа, беше иритиран од писмо што му го испратив доверливо“, рече Борисов, без да даде детали.
„Можам да го уверам претседателот Радев дека секоја акција што ја преземаме е координирана со Европската комисија, OPAC и Министерството за енергетика на САД. Затоа, сè што барам е да проговори“, додаде Борисов, цитиран од БГНЕС.
Според него, доколку Радев не стави вето, веднаш ќе биде назначен управител.
„Сè е во ред – имаме бензин шест месеци, дизел четири, керозин два месеци“, објасни понатаму лидерот на ГЕРБ.
Борисов беше категоричен дека Пеевски нема да ја земе рафинеријата, исто како што нема да ја земат Кирил Петков и Асен Василев.
Регион
Инцидент во Словенија: член на паравоена група се обидел да му даде пиштол на премиерот Голоб
Попладнево, полицијата интервенираше пред зградата на словенечката влада во Љубљана, кога припадник на т.н. Штаерската гарда, паравоена група и самопрогласена милиција, се обиде лично да му предаде нелегален пиштол на премиерот на Словенија, Роберт Голоб.
Инцидентот се случи еден ден откако Голоб објави закон што ќе овозможи доброволно предавање на нелегално оружје без последици, јавува агенцијата СТА.
Канцеларијата на премиерот одби да коментира за инцидентот, истакнувајќи дека очекува полицијата да постапи во согласност со законот.
Јавноста првпат дозна за Штаерската гарда во 2018 година, кога на Интернет беше објавено видео на кое се гледа група од неколку стотици маскирани мажи во воена опрема, некои од нив со секири и автоматски пушки, наредени во шума. Подоцна рекоа дека станува збор за воздушни пиштоли.
Видеото предизвика загриженост за паравоената природа на групата и нејзиното потенцијално влијание врз јавниот ред.
Групата често е критикувана за своите екстремни ставови и напори да влијае врз политичките процеси во земјата со употреба на насилство или закани.
Водачот на групата, Андреј Шишко, беше осуден на осум месеци затвор за обид за поткопување на уставниот поредок.

