Регион
Николиќ: Само робови би го признале Косово
Српскиот претседател Томислав Николиќ во интервју за руски Интерфакс изјавил дека најважниот услов за влегувањето на Србија во ЕУ ќе биде признавањето на Косово, на што „можат да се согласат само робови“.
Николиќ нагласил дека Србија тоа нема да го направи бидејќи на еден ваков услов не би се согласил ниту еден народ.
„Мислам дека најважниот услов за пристапувањето на нашата земја во ЕУ ќе биде признавањето на независноста на Косово, но Србија нема да ја признае и никогаш не ја признавале, а тоа јасно го кажувавме и на претставниците на сите европски земји и институции. Но, ако ЕУ продолжи да инсистира на таква одлука, тоа ќе значи дека ЕУ не сака да нè види во својот состав“, рекол Николиќ, додавајќи дека во една таква состојба совеста на Србија ќе биде чиста, бидејќи сите знаат дека направиле сè за станат членки на ЕУ.
„Но, на таков услов не би се согласил нити еден народ. На тоа можат да се согласат само робови“, рекол српскиот претседател.
Запрашан за тоа кои чекори треба да се очекуваат од Белград доколку развојот на соработката со Русија стане пречка за интеграцијата на Србија во ЕУ, Николиќ одговорил дека такви претпоставки не постојат поради тоа што во односите со ЕУ најзначаен проблем претставува Косово.
„Решавањето на ова прашање е основен услов за нашето пристапување кон Европската унија, додека односите со Русија, конкретно воведувањето на санкции против неа, може да стане проблем дури откако станеме членка на Унијата“, рекол Николиќ.
Тој додал дека Србија и го претставила својот став на европските претставници, а тоа е дека во моментов таа не се согласува со воведувањето на санкции против Русија, но дека кога ќе стане членка на ЕУ, тогаш ќе биде обврзана да води заедничка надворешна политика.
Сепак, според Николиќ проблемот со Косово е прашањето кое мора да се реши за земјата да стане членка на ЕУ, и мора да се исполнат условите кои на Белград и Приштина им ги поставуваат поединечни, доста влијателни земји.
„Конкретно, еден од овие услови е да потпиеше меѓусебно обврзувачки договор. Иако ЕУ говори дека во процесот на преговори со Србија останува неутрална во однос на прашањето за статусот на Косово, воглавно највлијателните земји на ЕУ веќе ја признаа незавсноста на Косово“, рекол српскиот претседател, кој се наоѓа во дводневна посета на Русија каде ќе присуствува на „Парадата на победниците“, по повод одбележувањето на 70-годишнината од победата над фашизмот./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Атина без такси 48 часа: возачите на улица против даночните мерки
Таксистите во Атина најавија 48-часовен штрајк, објави „Катимерини“. Нивното незадоволство произлегува од новите даночни политики и задолжителниот премин кон електрични возила.
Синдикатот на таксистите во Атина (SATA) наведува дека задолжителното воведување електрични автомобили го загрозува опстанокот на секторот, поради недостаток на соодветна инфраструктура за полнење, прифатливи цени на електричната енергија и реални трошоци за возилата. Таксистите оценуваат дека ваквиот потег претставува економско уништување, а не зелена транзиција.
Возачите изразија загриженост и поради недостиг од јасна регулаторна рамка која ги раздвојува такси-услугите од возилата за изнајмување со возач. Според SATA, такси-возилата обезбедуваат превоз од точка до точка, додека приватните компании за изнајмување продаваат време на патување.
Синдикатот тврди дека мултинационалните апликации за споделено возење го нарушуваат пазарот, посочувајќи дека грчките професионалци работат под строг надзор, додека странските компании функционираат без доволна контрола или локална даночна основа.
Таксистите бараат и пристап до лентите за автобуси при превоз на патници, нагласувајќи дека такси-услугите се дел од јавниот превоз и дека ограничувањата ги зголемуваат сообраќајните гужви и негативното влијание врз животната средина. Во однос на оданочувањето, SATA истакнува дека возачите се соочуваат со неправичен третман и растечки трошоци за гориво, одржување и живот, наведувајќи дека секторот повеќе не може да издржи прекумерен даночен притисок.
Фото: pexels
Регион
Вучиќ од Абу Даби: Пандорината кутија е отворена; ќе дадам сѐ за да го зачуваме мирот и нашата земја
Претседателот на Србија Александар Вучиќ им се обрати на граѓаните од Абу Даби, каде што присуствуваше на отворањето на Неделата на одржливост 2026 и се сретна со претседателот на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Мохамед бин Зајед.
Вучиќ изјави дека државата мора сериозно да се насочи кон развојот на вештачката интелигенција, нагласувајќи дека светот влегува во нова ера на големи промени.
„Големи промени се случувале и порано – од 15 век, кога Европа воспоставила доминација благодарение на научните откритија и освојувањето територии. Денес сите гледаат дека доаѓа ново време кое го носи вештачката интелигенција. Ние сме на 39. место во светот според индексите, што е подобро отколку што очекувавме“, рече Вучиќ, пренесе „Б92“.
Тој додаде дека тоа не е доволно и предупреди дека за шест месеци неработење Србија може да падне и на 70. место, нагласувајќи дека мора постојано да се работи и учи.
„Се соочуваме со две работи – огромен напредок и стравот кај луѓето дека ќе ги загубат работните места“, изјави Вучиќ.
Тој истакна дека државата мора да создаде рамка која ќе го поттикне развојот на вештачката интелигенција, но и ќе гарантира дека граѓаните нема да останат без работа. Посочи дека три проценти од енергијата во Европа се трошат на суперкомпјутери и дека ќе биде неопходно зголемување на енергетските капацитети.
„Важно е да го подготвиме теренот за децата што доаѓаат по нас, за да можат рамноправно да се натпреваруваат со другите во светот“, додаде тој.
Вучиќ информираше дека имал кратка средба со шеикот Мохамед бин Зајед и изрази благодарност за гостопримството, додавајќи дека наскоро се надева на добри вести поврзани со НИС.
„Мораме да ги зголемиме капацитетите на ЕПС, но и да склучуваме договори со други за да ги обезбедиме нашите потреби“, изјави српскиот претседател.
Осврнувајќи се на меѓународната ситуација, Вучиќ зборуваше за Гренланд и Иран, оценувајќи дека светот влегува во период на голема неизвесност.
„Не се радувам на ништо од тоа што се случува. Се плашам од времето во кое влегуваме. Пандорината кутија е отворена и повеќе никој не може да ја контролира“, рече Вучиќ, додавајќи дека ќе вложи целосна енергија за да ги зачува мирот и државата.
Тој нагласи дека граѓаните на Србија не треба да се грижат и дека државата внимателно ја следи ситуацијата. Потврди и дека утре ќе има билатерална средба со претседателот на Обединетите Арапски Емирати.
„Станува збор за двајца лични пријатели. Разговараме како да ја унапредиме соработката. Не заборавајте дека дел од дроновите ги набавуваме од тука“, изјави Вучиќ.
На крајот, тој се осврна и на критиките од дел од медиумите, нагласувајќи дека Србија успеала да издржи и во најтешките моменти, дури и кога 94 дена немало испорака на нафта, без граѓаните да го почувствуваат тоа.
Регион
Снег падна и на Крит и островите во Егејот, дел од училиштата затворени
Снег падна во Грција, на полуостровот Халкидики и на островите во северниот Егеј – Лимнос, Лезбос, Хиос и Споради, како и на планините околу Атина, но и на Евија и Крит.
На Крит сообраќајот на места беше во прекин поради силен град.
Поради временските услови, работата на повеќе училишта е прекината, а наставата се одвива онлајн таму каде што е можно.
Иако температурите се над нулата, снегот и понатаму се задржува.
Фото: pexels

