Регион
Нов биланс од пожарот во дискотеката во Букурешт – 45 жртви
Бројот на жртвите од пожарот во ноќниот клуб во романската престолнина Букурешт ноќта кон 31-ви октомври се искачи на 45, соопштија во неделата вечерта болнички извори.
Меѓу новите жртви е и тапанарот на групата Goodbye to Gravity, којашто го промовираше својот нов албум во клубот „Colectiv“ кога избувна пожарот во текот на пиротехничко шоу. Двајцата гитаристи на бендот, им подлегнаа на повредите веќе следниот ден по пожарот, а уште другите двајца музичари се хоспитализирани со сериозни повреди.Во саботата и ноќта кон неделата на повредите им подлегнаа девет луѓе, од кои еден Италијанец и еден Турчин, седум во болница во Букурешт и двајца во холандски Ротердам, каде што беа префрлени на лекување. Министерството за здравство појасни дека следните седум дена, од медицински аспект, ќе бидат клучни за пациентите. Од околу стотина повредени, уште 42 пациенти се во критична состојба, па можно е бројот на жртвите и натаму да расте. Јавноста во Романија им забележува на властите за бавност во процедурата за транспортирањето на дел од најзагрозените пациенти во странските далеку подобро опремени болници. Во саботата 18 пациенти беа префрлени на лекување во Холандија, Белгија и Австрија, а во петокот и во Велика Британија, Израел, Норвешка и Финска.Во врска со најголемата трагедија којашто се случи во романската престолнина во повеќе од две децении, е уапсен Кристијан Попеску Пиедоне, началник на 4-от округ на Букурешт, во кој се наоѓаше дискотеката.Трагедијата којашто доведе до масовни протести и оставка на премиерот Виктор Понта, се случи во клубот „Colectiv“ кога романскиот хардрок бенд Goodbye to Gravity го промовирал својот нов албум. Од вторникот секоја вечер во Букурешт и другите големи градови на улиците излегуваат десетици илјади луѓе кои протестираат против корупцијата во романското општество, за која сметаат и дека довела до трагедијата во ноќниот клуб, и бараат остри казни за функционерите. Според извештаите на романските медиуми, по оставката на премиерот Понта бројот на демонстрантите се намалува и во саботата вечерта во главниот град се собрале околу две илјади луѓе, кои бараат предвремени парламентарни избори.Според досегашните сознанија на истрагата, причина за пожарот било користење на пиротехнички средства, во текот на концертот во ноќниот клуб сместен во подрумски простории, без соодветни дозволи за исполнување на безбедносните стандарди и за организирање забави. Од него се запалиле запаливите материјали со кои биле обложени ѕидовите и таванот, а околу 400 лица се упатиле кон единствениот во тој момент отворен излез, поради што најмногу од жртвите починале во стампедото или од задушување.Ноќниот клуб, отворен во поранешна фабрика за обувки во центарот на Букурешт, на само еден километар од зградата на романскиот парламент, немал потребни дозволи за организирање концерти, како ни за употреба на пиротехника. Тројцата сопственици на клубот во вторникот беа притворени. Според, главниот обвинител Тибериу Ницу, тие се соочуваат со доживотни затворски казни. Во исказите пред судот тие признале дека клубот бил опремен со лесно запалливи материјали и оти немале дозвола за употреба на пиротехника./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Сијарто: Фокусот на унгарското претседателство со ЕУ ќе биде проширувањето на Унијата на Западен Балкан
За време на претстојното претседавање со ЕУ, Унгарија планира да се фокусира на прашања кои се важни за централна Европа, како што се борбата против илегалната миграција, проширувањето на Унијата кон Западен Балкан и енергетската безбедност, изјави денеска унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто.
Кога станува збор за проширувањето на ЕУ, Сијарто на прес-конференција со својот чешки колега Јан Липевски рече дека регионот на Западен Балкан не заслужува да чека 14 години и 11 месеци за членство, што, како што вели, го поткопува кредибилитетот на политиката на Унијата, објави унгарската агенција МТИ.
„Тоа е ситуација што треба да се реши, така што унгарското претседателство (со Унијата) има јасна агенда да им помогне на земјите од Западен Балкан да го забрзаат пристапниот процес“, рече Сијарто.
Посочи дека ефектите од миграцијата директно се чувствуваат во Централна Европа од 2015 година и неопходна е сериозна регионална соработка за да се запре мигрантскиот прилив.
„Чешката, словачката и полската полиција ни помогнаа и ни помагаат на јужните граници на Унгарија да ги задржиме илегалните мигранти кои и се закануваат на Европа надвор од границите. Потребни се континуирани заеднички напори на четворицата централноевропски премиери за да се држи под контрола прашањето за квотите и да не се дозволи илјадници или десетици илјади илегални мигранти да се шетаат неконтролирано“, додаде Сијарто.
Шефот на унгарската дипломатија нагласи дека централна Европа „ќе продолжи да се спротивставува на притисоците поврзани со квотите“. Сијарто се осврна и на енергетската безбедност, наведувајќи дека Унгарија и Чешка планираат нуклеарен развој и затоа ќе продолжат да се борат против негативната дискриминација поврзана со нуклеарната енергија во Брисел.
Нуклеарната енергија е одржлив начин за производство на енергија, тоа е безбеден, еколошки и евтин метод за производство на големи количини електрична енергија“, заклучува Сијарто.
Регион
Ана Брнабиќ за 2 јуни распиша локални избори во 66 единици на локалната самоуправа
Претседателката на српското собрание Ана Брнабиќ распиша избори за 2 јуни во 66 единици на локалната самоуправа, бидејќи Националното собрание неодамна со две третини ги усвои измените на Законот за локални избори.
Изборите во овие локални самоуправи ќе се одржат на ист ден со изборите за советници во Градското собрание на Белград, односно на 2 јуни годинава.
„Среќна сум што испративме силна порака од парламентот до сите наши граѓани дека како нивни избрани сме способни да разговараме и да постигнеме договор и покрај сите наши разлики“, рече Брнабиќ по објавата.
Регион
(Видео) Уапсени Срби во Атина, поранешни членови на „Пинк Пантер“: осомничени се за украден накит вреден 315.000 евра
Двајца Срби, кои во минатото биле членови на организацијата „Пинк Пантер“, се уапсени во Атина под сомнение дека ограбиле две познати златарници во центарот на грчката престолнина, соопшти атинската полиција.
Според соопштението на грчката полиција, уапсените оперираат најмалку од минатиот декември, а се претпоставува дека имале соодветна мрежа за канализирање на украдени предмети, бидејќи оствариле добивка од над 315.000 евра.
По претресот во нивните домови, меѓу другото, пронајден е алат користен при кражбата, три рачни часовници, накит, 190 евра, лажна возачка дозвола, три мобилни телефони, лични предмети, како и дополнителен мотоцикл и автомобил што служеле за превоз.