Регион
Новости: ЕК подготвува нов притисок за Србија
Европската комисија (ЕК) бара од Србија да ја усогласи својата надворешна политика со онаа на Европската унија (ЕУ), што би можело да значи и воведување на санкции кон Русија, пишува „Новости“.
Освен за Украина, од Белград се очекува и согласност околу Ирак и Сирија, а покрај веќе постоечкиот притисок околу Косово , ова ќе биде уште еден услов за членството на Србија во ЕУ, пишува српскиот весник.
ЕК подготвила и посебна статисика во која номинативно, одлука по одлука, се гледа колку Белград ја има усогласено својата надворешна политика со онаа на Унијата.
„Србија во овој домен има доста лоши резултати. Во врска со прашањето за усогласеноста со надворешната политика, таа е најлоша на Балканот. Толку низок процент на усогласеност има само Турција“, пишува „Новости“, додавајќи дека како „добар ученик“ во овој поглед се наведува Албанија.
Според изворите на весникот, Србија и Турција дале согласност само за неколку декларации, додека Албанија пак наводно постигнала согланост и до 90 проценти.
Еврокомесарот за соседска политика и пристапни преговори, Јоханес Хан во вторникот изјавил дека Србија ќе може да ги отвори првите поглавја од преговарачкиот процес дури откако ќе го примени сето она што е договорено со Бриселскиот договор.
„Остануваат уште низа работи кои треба да се примена и тоа им го објаснив на властите во Србија по мојата неодамнешна посета на Белград“, рекол Хан.
Еврокомесарот изјавил дека тоа што во Приштина неколку месеци немаше влада, не треба да претставува изговор за одложување на спроведувањето на оние работи кои Србија може сама да ги направи./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
„Лукоил“ во завршна фаза на продажба на рафинеријата во Бугарија – компанијата предупредува на заштита на сопственичките права
Рускиот нафтен гигант „Лукоил“ соопшти дека е во завршна фаза од продажбата на својата имотна структура во Бугарија, вклучувајќи ја рафинеријата „Лукоил Нефтохим Бургас“ и мрежата бензински станици. Компанијата предупреди дека ќе преземе правни мерки доколку специјалниот управител назначен од бугарската влада ги повреди нејзините сопственички права.
Вашингтон на крајот на октомври воведе санкции за „Лукоил“ и „Роснефт“ со цел да го ограничи руското финансирање на војната во Украина. Рокот за завршување на трансакциите со „Lukoil International“ е продолжен до 13 декември, а за бугарските подружници до 29 април 2026 година.
Бугарската влада минатата недела именуваше специјален управител со овластувања да го продолжи работењето и, доколку е потребно, да продава удели во рафинеријата. „Лукоил“ соопшти дека очекува неговото назначување да не го попречи процесот на продажба.
Компанијата истакна дека работи со неколку потенцијални купувачи. Меѓу заинтересираните се турскиот „Cengiz Holding“, азербејџанската државна нафтена компанија SOCAR, како и казахстанскиот „Казмунајгаз“, меѓународната трговска куќа Vitol, турскиот фонд Oyak и унгарската компанија MOL. Унгарскиот премиер Виктор Орбан претходно потврди дека MOL доставил понуда.
„Лукоил“ најави дека компанијата ќе ги заштити своите легитимни интереси доколку бидат прекршени, потсетувајќи дека во Бугарија има инвестирано над 4,5 милијарди долари во последните 25 години.
Регион
Грција се соочува со тешка демографска криза, младите остануваат дома до 30 година
Грција се соочува со сериозна демографска криза, покажува студија на статистичката агенција Елстат. Младите најчесто остануваат да живеат со родителите сè до својата 30-та година, бидејќи ниските плати не им дозволуваат самостоен живот и основање семејство. Ова, според психолозите, има негативно влијание и врз социјалниот живот и врз желбата за создавање нови семејства.
Според податоците на Евростат, Грција е прва во Европа по бројот на млади кои доцна го напуштаат родителскиот дом. Во Бугарија, на пример, младите заминуваат во просек на 28 години, пренесува БНР.
Кризата со домувањето дополнително ја влошува ситуацијата, а иако владата покрива една месечна кирија годишно за младите семејства, ниските примања и несигурноста ја намалуваат желбата за деца. Во последните 13 години, во земјата се родени четвртина милион деца помалку во однос на пред две децении.
Опозициската СИРИЗА предупредува дека демографската криза не може да се реши без сеопфатна стратегија.
Регион
Обилни дождови поплавија патишта и продавници во делови од Грција
Обилните дождови во Грција ги поплавија патиштата и продавниците. Полицијата ги повикува возачите да возат внимателно.
Јужниот дел од земјата беше најмногу погоден, особено планинските региони Загори и Џумерка, каде што патиштата беа непроодни. Пожарникарите мораа да спасуваат патници од поплавените автомобили. Беше спроведена спасувачка операција за спасување на двајца земјоделци и нивните стада.
Полицијата затвори еден од патиштата до пристаништето Игуменица. Сè е во вода, соопштија пристанишните власти.
Островот Крф е силно погоден од поројни дождови. Патиштата се како реки, што го оневозможува движењето, се жалат жителите на островот.
Многу куќи на приземје, ресторани и продавници се поплавени.
За денес, прогнозите се дека лошото време ќе продолжи, опфаќајќи го поголемиот дел од земјата и егејските острови.
Властите издадоа предупредување за внимателност при возење во областите Солун, Патра и Крит.

