Регион
Обвинение против унгарската снимателка која шутираше мигранти
Обвинителството во Унгарија во среда поднесе обвинение против снимателката Петра Ласло која минатата година ги шутираше и сопнуваше мигрантите кои бегаа од полицијата во близина на границата со Србија.
Ласло беше отпуштена од работа, од телевизијата N1, откако на интернет беше објавена снимка на која се гледа како шутира една девојка и едно момче.Нејзиното судење треба да почне непосредно пред референдумот на 2 октомври, на којшто Унгарците теба да се изјаснат дали ќе ги прифатат квотите на ЕУ за прием на мигранти.Обвинителството во обвинението наведува дека дента кога се случи инцидентот, стотици мигранти го пробиле полицискиот кордон и се упатиле кон Сегадин, додека Ласло која се наоѓала веднаш зад полицајците ги снимала мигрантите како трчаат.„Додека снимала таа шутнала едно момче во потколеницата со десното стапало, а исто така шутнала и една девојка кај колената“, се наведува во обвинението.Обвинителите сметаат дека нема докази дека станува збор за злостор направен поради омраза заради расизам. Ласло минатата година за весникот „Маѓар Немзет“ изјави дека жали за она што се случи.„Практично сум во шок од тоа што го направив и тоа што ми беше мене направено. Јас не сум бездушен расист. Јас сум жена, мајка на две деца, која во паника направи грешка и после тоа ја изгубив работата “, изјави Ласло. Обвинителството наведува дека Ласло не го шутнала човекот кој носел мало дете, како што се тврдеше во коментарите на интернет. „Таа се обидела да го шутне, но не успеала. Човекот кој носел дете сепак паднал. Еден полицаец успеал да го фати и да го задржи, и тој изгубил рамнотежа“, наведува обвинителството. Мажот на снимката Осама Абдул Мосен по овој инцидент замина во Шпанија каде стана фудбалски тренер. /крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Фалсификуваните пари за Балканот и ЕУ најчесто доаѓаат од Романија
Најголемите количини фалсификувани пари што пристигнуваат на Балканот и во земјите на Европската Унија потекнуваат од илегални фабрики во Романија.
Криминалните групи ги набавуваат фалсификатите по цена од околу 20 отсто од вредноста на оригиналниот новац, што значи дека за еден милион евра лажни пари се плаќаат околу 200.000 евра.
Според наводите, во Романија се фалсификуваат евра, кувајтски динари и американски долари, додека британската фунта се смета за најтешка за фалсификување.
Членовите на овие групи често се претставуваат како Италијанци, Арапи, Грци или Чеси, а меѓу нив има и криминалци од просторот на поранешна Југославија. Тие преку огласи бараат недвижности, луксузни автомобили, јахти, скап накит, уметнички дела и други вредни предмети.
Средбите најчесто се организираат во градови на северот на Италија, а како алтернативи се користат и градови во Франција, земјите на Бенелукс или Шпанија. Криминалните групи дејствуваат во поголем состав, со цел да ѝ го отежнат работењето на полицијата, пренесе Танјуг.
Регион
Јотова почна консултации со парламентарните партии за избор на привремен премиер во Бугарија
Пред да објави кого ќе назначи за вршител на должноста премиер, претседателката на Бугарија, Илијана Јотова, ќе разговара одделно со пратеничките групи во 51. состав на Националното собрание.
Консултациите започнуваат денес со првите две најголеми формации. Во 11 часот е состанок со претставници на ГЕРБ-СДФ. Во 13:30 часот, во „Дондуков“ 2, поканета е втората најголема парламентарна група „Продолжуваме со промените – Демократска Бугарија“.
Претседателот минатата недела разговараше одделно со 10 можни кандидати за вршител на должноста премиер. Петмина потврдија дека се подготвени да предводат привремена влада: заменик-гувернерот на Бугарската народна банка Андреј Ѓуров, заменик-омбудсманот Марија Филипова, претседателот на Сметковната комора Димитар Главчев и неговите заменик-претседателки Маргарита Николова и Силвија Кадрева.
„Оние кои рекоа да, разговаравме за нив. Од моја страна беа поставени прашања – како планираат да ги надминат сите проблеми за да нема повеќе откажани избори“, рече Јотова, пренесе Факти.бг“.
Пред да ја објави својата одлука за тоа кого ќе назначи да формира привремен кабинет, таа ќе одржи и консултации со пратеничките групи:
„Изборот на следниот привремен премиер е избор на Народното собрание. Тие гласаа за овие измени на Уставот. За мене, разговорот со пратеничките групи исто така ќе биде исклучително важен“.
Разговорите започнуваат со најголемата парламентарна група. ГЕРБ-СДФ изрази надеж дека привремениот кабинет ќе биде неутрален. Деница Сачева, заменик-претседателката на пратеничката група ГЕРБ-СДФ:
„Се надевам дека г-ѓа Јотова ќе создаде апсолутно неутрална архитектура за привремената влада. ГЕРБ нема да дава никакви совети, ниту за тоа кој ќе биде привремен премиер, ниту за тоа кој ќе биде привремен министер“.
Втората средба на „Дондуков“ 2 денес е со „Продолжуваме со промените – Демократска Бугарија“. На консултациите, тие ќе побараат од идниот привремен министер за правда да предложи нов вршител на должноста генерален обвинител. Божидар Божанов, заменик-претседател на пратеничката група на ПП-ДБ:
„Од имињата на маса, единствениот што не е поврзан со Пеевски е г-дин Ѓуров“.
Од „Вазраждане“, кои одбија да учествуваат во консултациите со претседателот, посочија кој, според нив, е погоден за привремен премиер. Петар Петров, заменик-претседател на пратеничката група „Вазраждане“: „Андреј Ѓуров е најприфатлив“.
Во наредните денови се очекуваат и средби со другите пратенички групи. По консултациите, Илијана Јотова ќе објави кого ќе назначи да формира привремена влада.
Регион
Со фантомка и оружје македонски државјанин ограбил пет кладилници и пошта во Србија, полицијата го уапси
Полицијата во Краљево уапсила 44-годишен маж од Македонија, под сомнение дека ограбил пет кладилници и пошта соопшти денеска локалната полициска управа, пренесе „Н1“.
Во соопштението се наведува дека В.Г. е осомничен дека на територијата на Краљево влегувал во објекти на кладилници и пошти со фантомка на главата и, со закана со пиштол, одзел повеќе од 700.000 динари.
Во станот на осомничениот, полицијата пронашла дел од парите, фантомка и реплика на пиштол која, како што се сомнева, ја користел при извршувањето на кривичните дела.
Тој се товари за пет кривични дела разбојништво, одредено му е задржување до 48 часа и ќе биде приведен во Обвинителството, соопшти Полициската управа во Краљево.

