Регион
Од српски воен магацин исчезна оружје
Српскиот министер за одбрана нареди вонредна контрола на сите магацини за лично вооружување и опрема откако во текот на редовна контрола на состојбата на вооружувањето и муницијата во гарнизон во Белград е утврдено дека недостасува одредено количество оружје, соопшти во четвртокот министерството за одбрана.
Веднаш штом било утврдено дека недостасуваат 70 пиштоли од марката „ЦЗ-99“, пет автоматски пушки „М-70 АБ2“ и два сандака со муниција со калибар 7,62 и 9 милиметри, министерот за одбрана на Србија, Зоран Ѓорѓевиќ наредил вонредна контрола на сите складишта за лично вооружување и опрема, се наведува во соопштението на министерството.
Министерот Ѓорѓевиќ и началникот на Генералштабот на Војската на Србија, генералот Љубиша Диковиќ, формирале комисија чијашто задача е да ги утврди причините и околностите за исчезнувањето на оружјето.
Во истрагата, се додава во соопштението, се вклучени и воено безбедносната агенција ВБА и воената полиција, како и државното обвинителство,а за наодите се обврзани да ја известат јавноста.
Истовремено се преземени мерки во планот за опремување за следната 2017 година да се предвидат значителни финансиски средства за набавка на опрема којашто ќе овозможи засилен видео надзор на воените магацини, а поради поефикасна контрола новиот систем за надзор ќе биде поврзан со веќе постојниот централен систем за електронски надзор, се наведува уште во соопштението на српското министерство за одбрана објавено на неговата интернет страница./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Кинеските брзи возови наскоро на релација Будимпешта–Белград
Новата ера во железничкиот сообраќај меѓу Унгарија и Србија би можела да почне за неколку недели со воведување модерни возови од кинеско производство на линијата Будимпешта–Белград. Во меѓувреме, на унгарската делница веќе се спроведуваат тестирања со големи брзини, а првите информации велат дека патувањата нема да бидат само побрзи, туку и значително поудобни, пишува „Дејли Њуз Хангари“.
Српската државна железничка компанија Србија Воз ги претстави возовите што ќе сообраќаат на новата линија. Секој воз има капацитет од 498 патници.
Внатрешноста повеќе наликува на модерни меѓуградски возови отколку на традиционални регионални линии, а на патниците ќе им бидат достапни кожни седишта, приклучоци за струја, светла за читање, простор со кафе-бар и бифе, како и автомат за самопослужување со кафе. Возовите на одредени делници ќе можат да достигнуваат брзина до 200 километри на час, јавува српската новинска агенција „Танјуг“.
Железничката линија Будимпешта–Белград е една од најголемите инфраструктурни инвестиции во регионот и се реализира во рамки на кинеската иницијатива „Појас и пат“. Српската делница е долга 183 километри, има два колосека и е целосно електрифицирана, што ја прави погодна и за патнички и за товарен сообраќај. Се очекува модернизацијата значително да го скрати времето на патување и да ја зголеми конкурентноста на железницата во однос на патниот и авионскиот превоз.
Работите се забрзуваат и од унгарска страна. Според „Вилаггаздашаг“, тековното затворање на пругата би можело да заврши кон крајот на февруари, што ќе овозможи воспоставување товарен сообраќај со брзина до 100 км/ч. Почетокот на патничкиот сообраќај се очекува во средината на март.
Тестирањето на пругата се одвива меѓу Шорокшар и Келебија. Тест-возовите постепено ја зголемуваат брзината – првиот ден возеле со 60 км/ч, а за само неколку дена достигнале 160 км/ч. За време на тестирањата возот накратко ја преминува границата кај Суботица, пред повторно да се врати во Унгарија.
Во инспекцијата е вклучена и подружницата на „Дојче Бан“, DB Systemtechnik, која користи специјализирани мерни возови. Еден од нив е брз мерен воз што може да ја проверува инфраструктурата при брзини до 280 км/ч, додека неговиот технички максимум изнесува 440 км/ч. Возот врши ласерски и камерски мерења, ја испитува геометријата на колосекот и ги анализира безбедносните параметри и удобноста на возењето.
Другиот, т.н. мерен воз со наклонета технологија, ја проценува состојбата на пругата во свиоци и на наклонети делови, ја надгледува интеракцијата меѓу пантографот и надземните водови и ја мери покриеноста со сигнал на мобилната мрежа.
Според актуелниот план, најпрво ќе започне товарниот сообраќај, а потоа и патничкиот. Доколку сè се одвива според планот, патниците веќе оваа пролет би можеле да патуваат со модерни, брзи и удобни возови меѓу Будимпешта и Белград, што ќе претставува практична железничка алтернатива на летот или патувањето со автомобил меѓу двете престолнини.
Регион
Илјадници во Косово протестираа против судењето на командантите на ОВК во Хаг
Илјадници луѓе се собраа во Приштина носејќи транспаренти на етничката албанска Ослободителна војска на Косово (ОВК) за да протестираат против судењето на поранешните водачи на ОВК, обвинети за воени злосторства во периодот помеѓу 1998 и 1999 година.
Поранешниот претседател Хашим Тачи, поранешните претседатели на парламентот Јакуп Красниќи и Кадри Весели, како и поранешниот пратеник Реџеп Селими беа уапсени во 2020 година и испратени на судење пред специјалниот суд за воени злосторства за Косово во Хаг.
Тачи и уште тројца поранешни команданти на ОВК се товарат за прогон, убиства, мачење и присилни исчезнувања на лица за време и непосредно по војната 1998–1999 година, кое на крајот на регионот му донесе независност од Србија. Тие ги негираат сите обвиненија.
Судот оваа недела ги сослушува завршните зборови во судењето, пред судиите да донесат правосилна пресуда во рок од три месеци.
Обвинителите бараат казна од 45 години затвор за секој од обвинетите.
Многу од демонстрантите носеа униформи на ОВК, додека други вееја знамиња на ОВК, Косово и Албанија. Поддржувачите држеа транспаренти со натпис „Слободата има име“, како и фотографии од Тачи и другите со пораки „Херои на војната и мирот“.
Регион
Силен земјотрес во Босна, почувствуван и во Хрватска
Прилично силен земјотрес во 17:31 часот го потресе подрачјето на БиХ, јавуваат регионалните медиуми.
Потресот се почувствувал и на подрачјето на цела Далмација.
Европскиот медитерански сеизмолошки центар (ЕМСЦ) соопшти дека магнитудата на земјотресот изнесувала 4,5 степени според Рихтеровата скала и дека се случил на 51 километар североисточно од Сплит, односно 13 километри северозападно од Ливно.
„Слободна Далмација“ пренесува коментари од читатели кои го почувствувале потресот.
„Многу силно тресеше, баш силно“, пишува еден од нив. „Беше ужасно, се слушна некаков звук пред тоа“, додава друг. Читател од Загорје јавил дека силно затресло и дека истрчале од куќата.
„Неколку секунди пред главниот удар почна лесно тресење, а потоа навистина силно затресе“, додал уште еден читател.
Според системот „Андроид Ерткуејк Алертс“, земјотресот се почувствувал на подрачјето на Босна и Херцеговина и Хрватска. Бил почувствуван и во сплитското, макарското, шибенското и дубровничкото подрачје.
ЕМСЦ известува дека епицентарот на земјотресот се наоѓал на длабочина од приближно 10 километри под земјината површина.
Засега нема извештаи за материјална штета ниту за повредени лица.

