Регион
Орешарски – Лавров: Бугарија останува оптимист за `Јужен тек`
Бугарскиот премиер Пламен Орешарски по средбата во понеделникот во Софија со шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, изјави дека останува оптимист во врска со реализацијата на проектот „Јужен тек“, пренесуваат бугарските медиуми.
Според Орешарски, ова е еден од најважните проекти кои се реализираат на територијата на Бугарија и Софија ќе настојува за постојано подобрување на бугарско-руските трговски односи.
„Многупати најавувавме силна заинтересираност за реализација на овој проект. Од самиот почеток на работата на оваа влада почнавме да вложуваме напори за реализација на проектот и постигнавме значителен напредок. Нашата земја има подготвено одговори за прашањата на Европската комисија (ЕК). Сметам дека имаме доволно добри аргументи и останувам оптимист дека тие ќе бидат прифатени”, изјави Орешарск, додавајќи дека бугарската влада ќе вложи максимални напори за реализација на проектот, но во рамките на европското законодавство.
Претходно, во интервју за бугарската агенција Фокус, Лавров порача дека Москва не ги дели владите и државите на про и антируски настроени, туку дека неговата земја „сака да работи прагматично“ со сите.
„Во денешна Европа нема спротивставени воено-политички блокови. Логиката на блокови на конфронтација и геополитички игри со нулта резултати е дел од архаично идеолошкиот багаж на Студената војна и во денешниот свет е контрапродуктивно“. Убедливо сведоштво за ова се настаните во Украина и околу неа“, изјави Лавров.
Додава во интервјуто дека сé поочигледно е оти благосостојбата на Европа може да се постигне единствено преку обединување на напорите.
„Најважните насоки во оваа работа се обезбедување еднаква и неделива безбедност за сите, потпирање врз меѓународното право и зајакнување на централната улога на ОН. Најважно значење имаат принципите на почитување на суверенитетот на државите, потоа да нема мешање во внатрешните работи, односно неприфаќање на обидите за промоција на антидржавни преврати, кои ја поткопуваат домашната стабилност “, порача Лавров./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.

