Регион
Орешковиќ: Шешељ ќе биде уапсен доколку се обиде да влезе во Хрватска
Хрватскиот премиер во заминување Тихомир Орешковиќ во вторникот изјавил дека лидерот на Српската радикална партија (СРП), Војислав Шешељ ќе биде уапсен доколку се обиде да влезе во Хрватска, пренесуваат хрватските медиуми.
„Сметам дека знаеме оти Шешељ во Хрватска е персона нон грата и по таа дефиниција тој не е добредојден, но доколку дојде, ќе биде уапсен“, рекол Орешковиќ за телевизијата РТЛ.
Хрватското министерство за внатрешни работи кон крајот на оваа година го забрани евентуалниот влез на лидерот на српските радикали Шешељ во земјата поради опасност од загрозување на јавниот поредок. Министерството тогаш ја извести граничната контрола дека на Шешељ треба да му се издаде решение за одбивање на влез во земјата, во случај тој да се појави на некој граничен премин.
Хрватскиот закон за странци предвидува можност на странците да им се одбие влез во Хрватска поради опасност од загрозување на јавниот поредок на земјата, националната безбедност или јавното здравје. Српското министерство за надворешни работи претходно за телевизијата Н1 потврдило дека Шешељ добил дипломатски пасош врз основа на тоа што е народен пратеник во српското Собрание.
„Со законот за патните исправи и уредбата за издавање на дипломатски и службени пасоши прецизно е утврдено кој има право на поседување дипломатски и службени пасоши“, навеле од српското министерство. Врз основа на овие уредби, право на дипломатски пасоши имаат претседателите на Републиката, народното Собрание и Владата, потпретседателите на Владата, министрите, претседателите на Уставниот суд и Врховниот суд на Србија, гувернерот на Народната банка, како и началникот на српскиот Генералштаб.
Шешељ на својот твитер профил во вторникот напиша дека го добил пасошот и дека се надева оти хрватските власти како на „угледен дипломат“ нема да му прават никаков проблем доколку се обиде да влезе во земјата./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Турција ќе приватизира два клучни моста во Истанбул
Турција ја ангажираше консултантската фирма Ernst & Young LLP да ја води приватизацијата на два клучни моста во Истанбул и серија автопати, според извори запознаени со планот.
Фирмата со седиште во Лондон ќе ја советува турската влада за продажбата на Мостот на мачениците 15 јули и Мостот „Фатих Султан Мехмед“, кои ги поврзуваат европската и азиската страна на Истанбул, како и најмалку девет автопати со наплата на патарина.
Изворите зборуваа под услов на анонимност бидејќи деталите од договорот не се јавни, објави Блумберг. Турција, исто така, ја назначи канадската фирма BTY Group за технички советник и планира да објави формален тендер подоцна оваа година, велат изворите.
Обидот за приватизација од 2012 година, кој вклучуваше и мостови и околу 2.000 километри автопат, привлече добитна понуда од 5,7 милијарди долари. Процесот пропадна откако Реџеп Таип Ердоган, тогашниот премиер, рече дека продажбата за помалку од 7 милијарди долари би била „предавство“. Владата сега очекува понуди што го надминуваат тој износ.
Според турскиот министер за транспорт, околу 430.000 возила секојдневно ги преминуваат двата моста, а стандардната патарина за патничко возило е 59 лири по правец, или околу 1,36 долари по тековни цени.
Ernst & Young претходно работеше како советник за проекти поврзани со мостови, автопати и болници во Турција.
Регион
Четиричлено семејство од Албанија почина во Тоскана од труење со јаглероден моноксид
Четиричлено семејство – родителите и нивните две деца, настрадало во својот дом во италијанската покраина Тоскана, поради труење со јаглероден моноксид, соопштија локалните власти.
Според првичните информации, жртвите се таткото Арти, мајката Јонида (43), синот Хајдар (22) и ќерката Џесика (15). Петтото лице од домаќинството е префрлено во болницата Чизанело во Пиза во тешка состојба, но според достапните податоци не е животно загрозено, пренесе Раи Уно.
На местото на настанот интервенирале припадници на противпожарната служба, карабинерите и екипи на итната медицинска помош, пренесе Итaлпрес.
При прегледот на објектот, тројца карабинери исто така добиле полесни симптоми на труење и им била укажана медицинска помош.
Прелиминарната истрага е насочена кон проверка на исправноста на котелот за централно греење, со цел да се утврди причината за трагедијата. Италијанските медиуми наведуваат дека семејството е со потекло од Албанија.
Регион
Словенија најавува забрана за социјални мрежи за деца под 15 години
Словенечката влада усвои насоки за измени на законот со кои би се ограничило користењето на социјалните мрежи за деца помлади од 15 години, пренесе словенечката агенција СТА.
Вицепремиерот Матеј Арчон изјави дека иницијативата е подготвена од Министерството за образование, а пред усвојување на законските измени ќе треба да се изјасни и Министерството за дигитална трансформација. Тој појасни дека мерките имаат цел да ги спречат негативните влијанија на социјалните мрежи врз децата и адолесцентите, по примерот на други држави.
Владата најавува регулирање и ограничување на користењето на мрежи како ТикТок и Снепчет, при што насоките дополнително ќе бидат доработени од стручната јавност и ќе се подготви соодветна законска рамка.
Ограничувањата се дел од поширок европски и светски тренд, откако Австралија воведе забрана за пристап до социјални мрежи за лица под 16 години, а слични чекори најавија и Франција, Данска, Грција, Шпанија и Португалија. Европскиот парламент претходно побара воведување старосна граница од 16 години, а претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, најави можност за воведување вакви ограничувања и на ниво на ЕУ.

