Регион
Партијата на Миро Церар победи на словенечките предвремени избори
Партијата на Миро Церар (СМЦ) победи на словенечките предвремени парламентарни избори откако освои 34,77 проценти од гласовите, пренесуваат словенечките медиуми.
Зад партијата на Церар е Словенечката демократска партија (СДС) на поранешниот словенечки премиер Јанез Јанша со освоени 20,56 отсто од гласовите, што претставува нејзин најлош резултат од 2000 година, додека пак на третото место со 10,18 отсто од гласовите е Партијата на словенечките пензионери (Десус).
По нив следат Социјалдемократската партија (СД) со 6,1 отсто од гласовите, Обединетата левица со 5,99 проценти освоени гласови, Нова Словенија со 5,41 процент и партијата на словенечката премиерка во заминување, Сојузот на Аленка Братушек со 4,38 отсто од гласовите.
Словенечкиот претседател Борут Пахор му ја честитал убедливата победа на Миро Церар, и двајцата се договориле веќе во среда да одржат работна средба.
Наговестувајќи дека планира повторно разгледување на кризната програма на претходната влада, Церар за Reuters изјавил дека неговата партија ќе настојува да ги исполни сите обврски кон ЕУ, но дека за остварувањето на оваа цел ќе бара сопствени патишта, кои ќе бидат најдобри за Словенија.
Церар навел дека програмата за приватизација ќе биде еден од приоритетите на идната словенечка влада.
Според него, изборните резултати биле „мандат за промена на политичката култура“, што со себе носи голема одговорност за неговата партија, која ќе мора да пронајде начини за да се одбрани од „предизвиците на корупцијата кои доаѓаат со политиката“.
„Ќе се придржуваме до нашата порака од изборна кампања, дека на земјата и е потребен ред“, истакнал Церар.
Тој го повторил својот став дека неговата партија нема да влезе во коалиција со второпласираната СДС, бидејќи, според него, оваа партија ги поткопува институциите на државата. СМЦ за формирање на коалиција ќе разговара со сите останати партии, истакнал Церар.
Тој ги отфрлил како неосновани тврдењата од СДС дека изборите се нелегитимни поради тоа што нивниот лидер Јанез Јанша е во затвор.
Потпретседалот на СДС, Звоне Чернач изјавил дека новата влада ќе биде како „владата на Лукашенко“, и дека неговата партија нема да ја признае, а пратениците од редовите на СДС нема да учествуваат во собраниските тела./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Додик не го признава геноцидот во Сребреница: „Ќе однесеме цвеќе, ако не навредува никого“
Во четвртокот, лидерот на Србија во Босна и Херцеговина, Милорад Додик, изрази подготвеност да го посети Меморијалниот центар Поточари во Сребреница и да положи цвеќе на заедничкиот споменик подигнат во спомен на масакрот на Бошњаците за време на војната, но тој повторно негираше дека таму имало геноцид.
Во интервју за новинската агенција на Република Српска, претседателот Додик најави дека владата и целото раководство на овој ентитет ќе заседаваат во Сребреница на 2 мај 2024 година, кога ќе се одржи дискусија пред Обединетите нации и се очекува гласање за Резолуција за осуда на геноцидот во тој град во летото 1995 година.
Резолуцијата е поддржана од дваесет земји, меѓу кои САД, Обединетото Кралство и Германија и се очекува нејзино усвојување. Целта е да се интернационализираат страдањата на Бошњаците во Сребреница.
Водечките српски претставници од Белград и Бања Лука, претседателите Александар Вучиќ и Милорад Додик, тврдат дека ова е обид да се префрли вината на српскиот народ.
„Република Српска нема да ја прифати резолуцијата за Сребреница за која ќе се одлучува во Генералното собрание на ОН бидејќи се што е напишано во неа е лага. Босна и Херцеговина не може да живее врз основа на тоа дека едната нација во неа е оквалификувана како геноцидна“, рече Додик.
Сепак, тој изрази подготвеност да им оддаде почит на жртвите од масакрот во Сребреница.
„Ако ни се укаже можност, на 2 мај ќе однесеме венци во Поточари, ако тоа не навреди никого. Не се плашам дека би можел да завршам како Вучиќ, кој дојде да им оддаде почит на жртвите, изрази сочувство, а доби камен во главата и никој не одговараше за тоа“, истакна Додик.
Тој смета дека Резолуцијата за Сребреница сепак нема да го добие потребното мнозинство на седницата на Генералното собрание на ОН.
Регион
Двајцата осомничени за убиството на малата Данка испратени во Специјалната затворска болница
Двајцата осомничени Срѓан Јанковиќ и Дејан Драгијевиќ денеска се испратени во Специјалната затворска болница во Белград на психијатриско вештачење, пишува „Телеграф“.
Во написот медиумот пишува дека осомничениот Дејан Драгијевиќ (50) деталите за убиството на детето ги изнесе во Вишото јавно обвинителство во Заечар. Сепак, тој не сакаше да открие каде го оставил телото на Данка.
Срѓан Јанковиќ (50) не зборувал за делото.
Во Вишото јавно обвинителство во Заечар биле сослушани и родителите на Данка, Ивана и Милош, кои, како што се наведува, опишале како течел денот кога исчезнала ќерка им.
Додека давале исказ, во иста просторија седеле и осомничените за убиството на детето.
Пред рочиштето исказ за „Телеграф“ дал таткото на убиената Данка.
„Смртната казна не им е доволна, треба да бидат во затвор до крајот на животот. Тоа се чудовишта, она што постојано го доживуваме не се опишува. Тоа може да го разбере само родител. Неколкупати ни дојде полиција, ѝ зедоа разни работи на Данка, ништо не знаеме, ниту за крвта на патот ниту во автомоблилот, ништо. Не ни е јасно зошто не се јавиле во итната помош, зошто не помогнале, но го направиле ова што го направиле. Тоа што јас и Ивана постојано страдаме е страшно, разни луѓе ни се јавуваат, нѐ навредуваат, ни ја префрлаат вината. Морав да побарам да го сменам бројот, не можеме повеќе. Кога сѐ ќе заврши, ќе кажеме сѐ“, рече тој.
Регион
Воз налета на пешак: трагедија кај Стара Пазова
Вечерва околу 19:15 часот брз воз налетал на пешак на брзата пруга Нови Сад-Белград.
Несреќата се случила меѓу станиците Инѓија и Стара Пазова.
Засега не се знае точно како дошло до несреќата, а полицијата врши увид на лице место.
Информирани се сите надлежни служби, пишуваат српските медиуми.