Регион
Пет мртви на запалениот траект „Norman Atlantic“, другите патници спасени
Пет лица загинаа на италијанскиот траект „Norman Atlantic“ кој во неделата наутро беше зафатен од пожар, но до понеделникот сите други патници се спасени, објави италијанскиот премиер Матео Ренци.
На италијанскиот траект „Norman Atlantic“ кој пловеше од грчкото пристаниште Патра кон италијанското Анкона со 478 патници и членови на екипажот со над 220 возила избувна пожар на 22 наутички милји од италијанскиот брег и 44 наутички милји од грчкиот остров Крф.
Во драматичната операција за спасување којашто се одвиваше истовремено со гаснењето на пожарот во услови на немирно море и бура која започна од неделата сите патници со италијански и грчки хеликоптера се кренати од горната палуба на бродот, кој сега плута по италијанските води, и се префрлени на сигурно. Повеќето се префрлени на блиските бродови кои дојдоа на помош, но некои се директно хоспитализирани.
Италијанскиот премиер Матео Ренци изјави дека на траектот засега се останати само дваесетина од 56-те членови на екипажот. Покрај едниот Грк кој загина во неделата откако во паника се обидел да скокне од траектот во пламен, во меѓувреме се пронајдени уште четири тела, истакне Ренци.
Им се заблагодари на сите коишто учествуваа во операцијата за спасување која ја нарече пожртвувана и решителна. Операција беше попречувана од лошото време и густиот чад,. На траектот се истоварија лекарски тимови и спасувачи за да ги згрижат премрзнатите патници и екипажот сé додека акцијата не биде завршена. Во операцијата учествуваа шест хеликоптера кои во понеделникот превезуваа шест до седум лица по секој лет.
Засега не е познато во кое пристаниште ќе биде одвлечен траектот, но се претпоставува дека најверојатно тоа ќе биде Бриндизи, иако во почетокот беше напуштена таквата идеја откако пукнаа два конопа со кои траектот беше прицврстен за италијански теглач.
Причината за пожарот сé уште не е утврдена, а се претпоставува дека избувнал во гаражата со автомобилите./крај/мф/сн
Извор: Ansa
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
14 мигранти загинаа во судир со брод на крајбрежната стража кај Грција
14 мигранти загинаа во Егејското Море откако нивниот брод се судри со брод на крајбрежната стража кај грчкиот остров Хиос, соопшти крајбрежната стража. Службеник на крајбрежната стража изјави дека го забележале бродот што превезувал мигранти кон грчкиот остров Хиос и им наредил да се вратат назад.
„Шверцерите маневрирале кон бродот на крајбрежната стража, предизвикувајќи го судирот“, изјавил службеникот за Ројтерс. Ројтерс не можел независно да потврди точно како се случил судирот. Двајца припадници на грчката крајбрежна стража биле однесени во болница на Хиос, заедно со 25 спасени мигранти, според првичните информации од крајбрежната стража, објави АФП.
Меѓу повредените се бремена жена и седум деца, објавија грчкиот јавен радиодифузен сервис ЕРТ и новинската агенција АНА. Крајбрежната стража соопшти дека е во тек операција за пребарување и спасување, со помош на бродови на крајбрежната стража, приватни чамци и нуркачи.
Регион
Автобус изгоре на автопат кај Солун, патниците навреме евакуирани
Пожар избувна рано утринава во градски автобус што сообраќал на линија во предградието Синдос во Солун, во северна Грција, јавува „Катимерини“.
Пожарот настанал додека автобусот се движел по автопатот Патра–Атина–Солун–Евзони. Сите тројца патници и возачот навреме го напуштиле возилото, додека автобусот целосно бил уништен од огнот.
Противпожарната служба интервенирала за гаснење на пожарот и спроведува истрага за причините за инцидентот.
Фото: илустрација (Depositphotos)
Регион
Бомба фрлена врз куќата на Здравко Чолиќ во Белград
Доцна синоќа беше фрлена бомба врз куќата на пејачот Здравко Чолиќ во белградската населба Дедиње.
Полицијата и дежурниот обвинител на Вишото јавно обвинителство во Белград се на местото на настанот, а истрагата е во тек, пренесуваат медиумите во регионот.
Деталите, според написите, засега не се познати, но според извештаите никој не е повреден во експлозијата, но е причинета голема материјална штета, пишува „Телеграф“.
Пејачот бил во куќата
Полицијата веднаш ги блокирала приодите кон куќата по приемот на пријавата.
Припадници на Министерството за внатрешни работи спроведуваат истрага, а форензички експерти собираат докази и ги прегледуваат снимките од безбедносните камери за да го идентификуваат сторителот, пишува медиумот.
Во моментот кога била фрлена бомбата, Чолиќ, неговата сопруга и помладата ќерка Лара биле во вилата.
Според Телеграф, тие спиеле во моментот на експлозијата, а звукот ги разбудил.
Фото: ЕПА

