Регион
Пленковиќ до Вучиќ: Големосрпската агресија е трагедија која што им се случи на Хрватска и БиХ

Големосрпската агресија не е флоскула, туку трагедија која што им се случи на Хрватска и Босна и Херцеговина (БиХ), рекол во четвртокот хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, како реакција на неодамнешната изјава на српскиот премиер Александар Вучиќ дека хрватскиот говор за големосрпската агресија е само празно тврдење, пренесуваат хрватските медиуми.
„Што се однесува до големосрпската агресија на Слободан Милошевиќ, мојот став е дециден и јасен – за жал не се работи само за флоскула туку за трагедија која што им се случи на Хрватска и БиХ“, рекол Пленковиќ.
Откако Хрватска ги задржа своите резерви во однос на отворањето на поглавјето 26 од преговорите со ЕУ, кое се однесува на образованието и културата, српскиот премиер Вучиќ рекол дека на Србија не и треба лекција од страна на оние „кои држат до тоа дека историјата започнува со флоскулата за големосрпската агресија“.
„Мислам дека бев доста прецизен на седницата на Владата. Резервите кои ги имавме во однос на поглавјето за образование и култура беа аргументирани и се однесуваат на обврските кои Србија ги презема во поглед на исполнувањето на задачите кон хрватското малцинство кога се работи за средношколското и основното образование. Фактот дека Хрватска даде дозвола за отворање на две поглавја е јасен сигнал за прецизните хрватски аргументи, а на за априори став“, рекол Пленковиќ по пристигнувањето на состанокот на 28-те лидери на земјите членки на ЕУ.
Пленковиќ додал дека хрватската влада сака следните четири години да ги искористи за решавање на преостантите прашања од односите со Србија, што треба да придонесе за нормализација на односите и гледање кон иднината и развојот. „Мислам дека постои доволно политичка зрелост за овој момент да биде искористен за тој процес“, рекол Пленковиќ./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Во Сплит казната за одење во костим за капење на улица и пиење алкохол на јавно место е 150 евра

На првиот ден од годинава во Сплит стапи на сила новата одлука за комунален ред во која се пропишани повисоки казни за прекршителите, па може да се очекува летово да нема туристи во костими за капење на улиците, бидејќи доколку бидат фатени по комунален ред ќе им следува казна од 150 евра, известуваат хрватските медиуми.
Истата казна од 150 евра е пропишана и за оние кои пијат алкохол на јавни места, а казната за шетање куче без поводник е согласно одлуката за условите и начинот на чување миленици и изнесува 66,36 евра за физичко лице.
Жителите на Сплит и нивните гости по улиците ќе ги надгледуваат 21 комунален редар, а уште 12 ќе чекаат на повик во зградата на градската управа.
Од август 2020 година, градот Дубровник има слична одлука за комунален ред, а минатата година првите разголени туристи платија општински казни од 1.000 куни.
Новата сплитска одлука за комунален ред е донесена на последната седница на Градскиот совет во 2022 година, а стапи на сила од новата година.
Регион
Хорор во Хрватска: Пациентка со нож избоде познат психијатар

Психијатарот Елвира Коиќ беше повредена во саботата попладне во својата канцеларија во Вировитица кога 37-годишна пациентка ја нападна и ја избоде со нож, пишуваат хрватските медиуми.
Докторката е пренесена во Општата болница Вировитица, каде што е на лекување, а според информациите, нејзиниот живот не е во животна опасност. Пациентката е уапсенa.
Елвира Којиќ е познат психијатар во Хрватска, којa голем дел од својата кариера посветила на работата со хрватските бранители кои страдаат од пострауматско стресно растројство, пренесува „Вечерњи лист“.
Регион
Курти: Не добив соодветни аргументи за формирање за Заедницата на српските општини

Косовскиот премиер Аљбин Курти смета дека европскиот предлог е добра основа за договор со Србија и дека е подготвен да разговара за договорите постигнати во Брисел, но рече дека не добил соодветни аргументи за формирање на Заедницата на српските општини (ЗСО).
Курти рече дека „не смета дека е неопходно да се создаде ЗСО, но оти е подготвен за дискусии за правата на немнозинските заедници“.
Откако го видел француско-германскиот предлог, вели тој, оттогаш преговараат за постигнување договор.