Регион
Посетата на Путин – поттик за развој на српско-руските економски односи
Рускиот претседател Владимир Путин, за време на својата посета на Белград во четврток ќе оствари одделни средби со српскиот претседател Томислав Николиќ и српскиот премиер Александар Вучиќ, а од страната на Николиќ ќе му биде врачен и орденот на Република Србија.
Путин ќе биде почесен гостин на воената парада по повод 70-годишнината од ослободувањето на Белград, а за време на посетата ќе положи цвеќе пред Споменикот на ослободителите на Белград и хероите на Првата светска војна.
Според Николиќ, посетата на рускиот претседател е од голема корист за земјата, бидејќи ќе бидат потпишани неколку важни билатерални договори. Освен тоа, двете страни ќе разговараат и за заедничките проекти кои се реализирани од страна на српските и руските компании, како и околу перспективата за понатамошната соработка, соопштиле од кабинетот на српскиот претседател.
Во интервју за руските медиуми, српскиот премиер Александар Вучиќ изјавил дека со Путин ќе разговара околу конкретни теми, пред се за економската соработка и натамошниот развој на взаемните односи во областа на енергетиката и земјоделството. Според Вучиќ, енергетиката е една од најперспективните области од руско-српската соработка, но има и многу прашања од оваа област кои треба да се решат.
Тој навел дека српската влада има за цел и натамошен развој на партнерските односи со руската Железница и реализација на нови заеднички проекти, како и привлекување на руски инвестиции во областа на земјоделството. Вучиќ исто така нагласил дека Србија нема намера да и воведе санкции на Русија поради украинската криза.
Во составот на руската делегација ќе бидат министерот за енергетика Александар Новак, претседателот на управата на „Газпром“ Алексеј Милер, началникот на федералната царинска служба Андреј Бељанинов, министерот за вонредни состојби и цивилна одбрана Владимир Пучков и началникот на федералната миграциска служба Константин Ромодановски.
Во рамките на посетата е предвидено потпишување на девет документи, помеѓу другото и за соработка во областа на развојот на воено-техничката соработка, енергетика и железнички сообраќај.
Планирано е Руската енергетска агенција и Министерството за енергетика на Русија да потпишат со Министерството за енергетика на Србија меморандум од областа на енергетската ефикасност, штедењето на енергија и обновливите извори на енергија.
„Меѓу документите кои се подготвени за потпишување се наоѓа и дополна на договорот за реконструкција на северните делници на пругите, во рамките на развојот на европскиот сообраќаен коридор. Исто така, меѓу документите има и дополна на договорот за испорака на дизел-моторни возови“, изјавил помошникот на рускиот претседател, Јуриј Ушаков.
Исто така, како што е најавено од Кремљ, планирано е руската компанија „Газпромекспорт“, Владата на Србија и српските гасни компании да потпишат протокол. Двете страни ќе потпишат и меѓувладин договор за взаемната заштита на тајните информации, за условите за престојот, привилегиите и имунитетот на руско-српскиот хуманитарен центар, за воено-техничката соработка, за реадмисијата, како и протокол за размена на податоци за царинската вредност на стоката.
Ушаков додал дека руската страна има намера повторно да го покрене прашањето за даноците на Нафтената индустрија на Србија, која е во мнозинско сопствеништво на руската компанија „Гаспромнјефт“.
Најавувајќи ја посетата на Путин, рускиот амбасадор во Белград, Александар Чепурин изјавил дека таа има три главни елементи, од кои најважната цел е пријателските односи меѓу народите, но и политичките, да се трансформираат во економска, научна и културна соработка.
Втората цел на посетата е да им се оддаде почит на српските и руските херои, а третата цел е контакт меѓу двете раководства за решавање на билатералните прашања, но и на оние кои се присутни на светската политичка сцена.
Според Чепурин, посетата на Путин на Белград има позитивна конотација, а соработката на Русија со Србија не е насочена против никого, туку е корисна за двете земји, Европа и целиот свет.
„Судено е оваа посета да биде успешна. Ништо не може да го спречи тој успех, можеби само доколку има дожд за време на парадата“, рекол Чепурин.
Посетата на рускиот претседател на Белград ќе биде негова трета посета на српскиот главен град – во 2001 година ја посети Србија како шеф на државата, а десет години подоцна и како премиер./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Автобус изгоре на автопат кај Солун, патниците навреме евакуирани
Пожар избувна рано утринава во градски автобус што сообраќал на линија во предградието Синдос во Солун, во северна Грција, јавува „Катимерини“.
Пожарот настанал додека автобусот се движел по автопатот Патра–Атина–Солун–Евзони. Сите тројца патници и возачот навреме го напуштиле возилото, додека автобусот целосно бил уништен од огнот.
Противпожарната служба интервенирала за гаснење на пожарот и спроведува истрага за причините за инцидентот.
Фото: илустрација (Depositphotos)
Регион
Бомба фрлена врз куќата на Здравко Чолиќ во Белград
Доцна синоќа беше фрлена бомба врз куќата на пејачот Здравко Чолиќ во белградската населба Дедиње.
Полицијата и дежурниот обвинител на Вишото јавно обвинителство во Белград се на местото на настанот, а истрагата е во тек, пренесуваат медиумите во регионот.
Деталите, според написите, засега не се познати, но според извештаите никој не е повреден во експлозијата, но е причинета голема материјална штета, пишува „Телеграф“.
Пејачот бил во куќата
Полицијата веднаш ги блокирала приодите кон куќата по приемот на пријавата.
Припадници на Министерството за внатрешни работи спроведуваат истрага, а форензички експерти собираат докази и ги прегледуваат снимките од безбедносните камери за да го идентификуваат сторителот, пишува медиумот.
Во моментот кога била фрлена бомбата, Чолиќ, неговата сопруга и помладата ќерка Лара биле во вилата.
Според Телеграф, тие спиеле во моментот на експлозијата, а звукот ги разбудил.
Фото: ЕПА
Регион
Фалсификуваните пари за Балканот и ЕУ најчесто доаѓаат од Романија
Најголемите количини фалсификувани пари што пристигнуваат на Балканот и во земјите на Европската Унија потекнуваат од илегални фабрики во Романија.
Криминалните групи ги набавуваат фалсификатите по цена од околу 20 отсто од вредноста на оригиналниот новац, што значи дека за еден милион евра лажни пари се плаќаат околу 200.000 евра.
Според наводите, во Романија се фалсификуваат евра, кувајтски динари и американски долари, додека британската фунта се смета за најтешка за фалсификување.
Членовите на овие групи често се претставуваат како Италијанци, Арапи, Грци или Чеси, а меѓу нив има и криминалци од просторот на поранешна Југославија. Тие преку огласи бараат недвижности, луксузни автомобили, јахти, скап накит, уметнички дела и други вредни предмети.
Средбите најчесто се организираат во градови на северот на Италија, а како алтернативи се користат и градови во Франција, земјите на Бенелукс или Шпанија. Криминалните групи дејствуваат во поголем состав, со цел да ѝ го отежнат работењето на полицијата, пренесе Танјуг.

