Регион
Посетата на Рама на Белград одбележана со политички провокации за Косово
Посетата на албанскиот премиер Еди Рама на Белград, прва ваква посета на највисоко политичко ниво по 68 години, мина во знакот на политичките провокации кои Рама ги упати до своите домаќини, говорејќи за независноста на Косово, пренесуваат српските медиуми.
Српскиот премиер Александар Вучиќ по средбата со Рама потенцирал дека „нема да дозволи никој во Белград да ја понижува земјата, и дека Косово е дел од Србија и нема никаква врска со Албанија“.
Рама во својот говор во Палатата на Србија неколкупати напоменал дека независноста на Косово е реалност.
„Можеме да говориме за различни пристапи, но не мислам дека што било треба да нé спречи да ја кажеме вистината“, рекол Рама, додавајќи дека независно Косово е реалност која треба да се прифати и дека голем број земји тоа веќе го направиле.
„Жал ми е поради овој инцидент, поради тоа што се спомна Косово. Реалноста е дека ставот на Србија е дека Косово е дел од Србија, мило ми е што можам тоа да го повторам и пред господинот Рама“, изјавил српскиот премиер Вучиќ.
Говорејќи за односите со Тирана, српскиот премиер изјавил дека Србија ќе направи сé што е потребно од нејзина страна за да ги потпише сите важни договори со Албанија.
„Секогаш ќе даваме сé од себе за да развиваме добри и пријателски односи. Се надевам дека Србија и Албанија ќе продолжат со разговорите“, рекол Вучиќ, додавајќи дека Рама е секогаш добредојден во Србија и дека се надева дека нема да минат уште 60 години до следната посета на албански владин претставник на Белград.
Српскиот премиер, исто така, потенцирал дека посетата на Рама претставува нов почеток во односите меѓу двете земји, а со тоа и напредок во односите во целиот регион, и дека Србија и Албанија го делат заедничкиот пат кон Европската унија (ЕУ).
За време на посетата на албанскиот премиер, двете страни потпишаа и договор за заемна помош во спречувањето, истражувањето и сузбивањето на царинските прекршоци.
Инаку посетата на Рама на Белград е прва официјална посета на албански државник на Белград по 68 години, кога во тогашна Југославија, во посета беше тогашниот албански претседател Енвер Хоџа./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Србија прогласи вонредна состојба поради снегот: Илјадници домаќинства без електрична енергија
Србија утрово се разбуди под снег и мраз, а поради лошите временски услови, вонредна состојба е во сила во дури 11 општини и градови. Најголеми проблеми се прекините на електричната енергија, поради што повеќе од 6.000 домаќинства останаа без струја, пишува Н1 Србија.
Илјадници домаќинства без струја
Милорад Спасојевиќ од Секторот за вонредни ситуации потврди за РТС дека најголемиот проблем е прекинот на електричната енергија. „Околу 6.450 потрошувачи се без струја. Најлошо е во златиборската, колубараската, моравичката и мачванската област“, рече Спасојевиќ.
Цела Србија се разбуди со температури во минус. Најстудено беше на Копаоник, каде што беа измерени -17 степени, додека најниските температури меѓу градовите беа забележани во Кикинда и Сјеница, со -10 степени.
Според податоците од Републичкиот хидрометеоролошки завод (РХМЗ) од 6:09 часот наутро, во Белград, Ниш и Крагуевац се измерени -5 степени, а во Нови Сад -8 степени. На Црни Врх, каде што е регистрирана и снежна бура, температурата била -13 степени, а на Златибор -11 степени. По многу студеното утро, се очекува температурата да се зголеми на некои места во текот на денот.
Поради опасни временски феномени, утрово е во сила портокалова временска тревога за Белград, Бачка, Банат, Срем, Западна Србија, и Југозападна Србија.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)

