Регион
Романски локални избори, многу кандидати под истраги за корупција
Повеќе од 18 милиони Романци во неделата избираат градоначалници и општински советници на локалните избори кои се одбележани со корупциски истраги против бројни кандидати за локалните власти, или не се темелно проверени за разни злоупотреби на овластувањата на претходните функции, пренесуваат агенциите истакнувајќи дека третина од 350-те локални функционери кои се кандидирале на овие избори или се под истрага за корупција или веќе им се суди.
Многумина од нив, наведува Reuters, се уверени дека градоначалничките и другите функции се осигурени. Со главниот град Букурешт, на пример, управува преодна градска власт, бидејќи против поранешниот градоначалник Сорин Опреску, се води судската постапка поради примање мито. Пет од шест од градоначалници на окрузи се под разни истраги за кривични дела.
„И 26 години по Николае Чаушеску гледаме дека се уште не сме го достигнале нивото на граѓанска култура за да се изврши притисок да не ги поднесуваат своите кандидатура“, изјави за AFP политичкиот аналитичар Ради Магдин.
Романскиот закон, имено, не ги попречува лицата кои се под корупциска истрага да конкурираат за официјални позиции, како што се на овие избори 3.000 градоначалнички места и 8.000 мандати во градските совети.
Со население од 20 милиони луѓе подеднакво распоредени меѓу селата и градовите, градоначалниците и советниците се стварни големи играчи во политиката на коишто на располагање им е поголем дел од 30 милијарди евра наменети за Романија од европските фондови од 2014 до 2020 година. Ризикот корупција е голем, имено новиот градоначалник на Букурешт, потсетува европското издание на Politico, ќе располага со годишен буџет од 900 милиони евра.
Поранешната комунистичка Романија, која ѝ се придружи на Европската унија во 2007 година, веќе долго го има епитетот на корумпирана земја на високите политички нивоа, и покрај обидите на државното обвинителство да се пресмета со практиката на мито и корупција. Transparency International ја става земјата на третото место на најкорумпираните држави во ЕУ, по Бугарија и Италија.
Овие локални избори се и првиот тест за политичката класа и земјата по фаталниот пожар во дискотека во Букурешт кон крајот ланскиот октомври кој со повеќето десетици жртви ја шокираше Романија и доведе до пад на социјалдемократската влада на PSD, Виктор Понта.
Аналитичарите сметаат дека, сепак, PSD има голема шанса да ги освои овие избори, што би претставувало удар за либералите и десната струја пред парламентарните избори оваа есен. Во Букурешт, анкетите ѝ даваат голема шанса за победа на Габриел Фиреа, кандидатка на сојузот на PSD и Националната унија за напредок на Романија (UNPR)./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
„Не сум магионичар“: Кос за идејата сите земји од Западен Балкан да влезат во ЕУ одеднаш
„Живееме во геополитички чувствително време. Може да има мир во Украина и тоа ќе донесе нова реалност во Европа“, изјави европската комесарка за проширување Марта Кос.
Црна Гора би можела да ги заврши техничките преговори до крајот на годината, објави европската комесарка за проширување Марта Кос.
Таа го кажа ова во интервју за телевизијата Н1.
На прашањето што конкретно може да направи Европската Унија (ЕУ) за да му помогне на регионот, како и на изјавата на новинарката на Н1 дека парите и предупредувањата не се доволни, дека може да се види дека ЕУ ја губи информациската војна во регионот, особено во Србија, а делумно и во Босна, и дека дипломатскиот јазик не помага, Кос рече дека не прифаќа „критики дека не сме успешни во проширувањето“.
„Две од четирите водечки земји се од Западен Балкан. Црна Гора би можела да ги заврши техничките преговори до крајот на годината, а Албанија е следна. Ова е успех. Живееме во геополитички чувствително време. Може да има мир во Украина, а тоа ќе донесе нова реалност во Европа. Ако го забрзаме процесот, ќе ги разгледаме сите кандидати, но мора да има јасна посветеност. Не е доволно само да се хармонизира законодавството, треба да ја почувствувам и видам политичката волја. Процесот на пристапување не е само технички, туку зависи и од земјите-членки“, рече Кос.
На прашањето што мисли за идејата сите земји-кандидатки да влезат во ЕУ одеднаш, Кос рече: „Да можев, би сакала сите земји, особено од Западен Балкан, да влезат заедно“.
„Но, јас не сум магионичар. Ако има промени, внимателно ќе ја разгледаме секоја земја. Проширувањето мора да ја направи ЕУ посилна, а не послаба. Ова е цел што мора да ја постигнеме заедно“, рече Кос.
Регион
Албанија на суд поради ВИ министерката: Актерка ја тужи владата за злоупотреба на нејзиниот лик
Албанската министерка – првиот виртуелен државен функционер во светот, би можела да остане без својот препознатлив лик, откако актерката врз чии карактеристики е создаден дигиталниот аватар поднесе тужба против Владата на Албанија.
Премиерот Еди Рама во август 2025 година најави можност за именување министер или премиер заснован на вештачка интелигенција, а веќе во септември беше претставена Диела – вештачка функционерка задолжена за борба против корупцијата во јавните набавки.
Диела претходно беше позната како чат-бот на државниот портал e-Albania, а нејзиниот дигитален лик и глас биле креирани според актерката Анила Биша, врз основа на договор кој истекол на 31 декември 2025 година. Откако Диела добила министерска функција, нејзиниот лик бил прикажан и во обраќање до парламентот што се пренесувало низ целиот свет.
Според локалните медиуми, Биша поднела тужба против Владата, премиерот, приватната компанија која учествувала во проектот и Националната агенција за информациско општество (AKSHI). Таа тврди дека владата продолжила да го користи нејзиниот лик и по истекот на договорот, и надвор од дозволената намена, која била ограничена само на платформата e-Albania.
Во судските документи, Биша бара итна забрана за натамошна употреба на нејзиниот лик додека трае судскиот процес, наведувајќи дека неовластеното користење ѝ нанело значителна и непоправлива штета.
Во претходен телевизиски настап, Биша изјавила дека за потребите на системот снимала обемни аудио и видео материјали за ограничен временски период и за симболичен надомест, но никогаш не дала согласност за други форми на користење.
Портпаролката на албанската влада, Мањола Хаса, изјави дека Албанија е демократска држава во која граѓаните имаат право да покренат судски постапки против институциите. Таа додаде дека владата смета дека тужбата е неоснована, но е подготвена спорот да се реши пред суд, пренесе „Политико“.
Регион
Јотова го назначи Ѓуров за технички премиер: Бугарија влегува во процес на формирање привремена влада
Претседателката на Бугарија, Илијана Јотова, ќе го задолжи кандидатот за вршител на должноста премиер Андреј Ѓуров да формира влада, соопшти прес-службата на шефот на државата.
Шефицата на државата го назначи заменик-гувернерот на Бугарската народна банка (БНБ) Андреј Ѓуров за вршител на должноста премиер. Денес во 10:00 часот, претседателката Јотова ќе го прими Ѓуров во Дондуков 2.
Според Законот на БНБ, доколку гувернерот или заменик-гувернерот изразиле експлицитна согласност да бидат назначени за вршител на должноста премиер, тој или таа треба да поднесе оставка.
„Фер избори може да се одржат кога привремената влада не се меша во политичката сцена, е доволно неутрална и работи само во рамките на овластувањата што ѝ се доделени со Уставот“, рече Андреј Ѓуров по разговорот со Илијана Јотова во јануари, пренесува „Офњуз.бг“.
Според Уставот на Бугарија, по консултации со пратеничките групи и по предлог на кандидатот за привремен премиер, претседателот назначува привремена влада и закажува избори во рок од два месеци.
Минатата недела, претседателката изјави дека таа и нејзиниот тим ќе сторат сè што е можно за да се одржат изборите на првиот датум по велигденските празници. Првата недела по Велигден е 19 април.

