Регион
Русија бара до БиХ да објасни како енормно го зголемила извозот на храна
Русија се сомнева дека преку Босна и Херцеговина на рускиот пазар се пласираат производи кои се по потекло од Европската унија чиј увоз е забранет како одговор на санкциите што ги воведе Брисел против Москва поради кризата во Украина и од властите во Сараево бара појаснување на бројките коишто покажуваат огромно зголемување на босанскиот извоз, пренесуваат во вторникот сараевските медиуми.
Руската служба за ветеринарен и фитосанитарен надзор Роселхознадзор претходно со писмо ја предупреди амбасадата на Босна и Херцеговина, како и на Македонија, а особено на БиХ дека податоците од руската царинска служба потврдуваат дека во споредба со минатата 2013 година увозот прехранбени и земјоделски произвдои од БиХ во Русија е зголемен дури за трипати.
Овој податок минатата седмица беше објавен и во руските медиуми, со забелешка дека постојат сомневања дека БиХ всушност прави реекспорт на храната произведена во ЕУ, чиј увоз во Русија е забранет.
Поточно, во првите девет месеца од 2013 година, БиХ во Русија извезла 1.14 тони земјоделски производи, а во првите девет месеци од оваа 2014 година извозот изнесувал 3.123 тони. Така, на пример, досега годинава босанските извозници на рускиот пазар пласирале 389 тони грозје, додека во целата мината година тој извоз изнесувал 68 тони. Слични несразмерни податоци се забележани и во извозот на јаболка.
Руските власти сега од БиХ бараат итен одговор за тоа колку во БиХ се произведуваат одредени земјоделски производи и на кои површини. Тоа, особено се однесува на јаболката, крушките, компирите и грозјето.
Земјоделците во БиХ се загрижени, бидејќи сметаат дека сега Русија може да воведе трговски санкции и за нивната земја. „Стравуваме од забраната за увоз од БиХ во Русија и на тоа предупредувавме, бидејќи се знаеше дека, откако Русија воведе санкции за ЕУ, ќе дојде до притисок врз БиХ во смисла преку неа да се извезува во Русија, изјави за бањалучкиот дневен весник Независне новине, Драгоја Дојчиновиќ, претседател на Здружението на овоштарите.
Дојчиновиќ, исто така, се сомнева дека преку БиХ на рускиот пазар се пласираат производи од ЕУ, но вината ја гледа во посредниците. „Тоа не го прават произведувачите, туку мешетарите и тајкуните кои го искористија моментот и веројатно увезуваат и прават реекспорт“, додава.
Министерството за надворешна трговија и економски односи на БиХ се уште не се огласи за предупредувањата од Москва, Од Управата за недиректно оданочување,на БиХ (УНО), пак, најавија дека доколку има потреба ќе спроведат посебна анализа на извозот за Русија. Во оваа управа веќе располагале со податокот дека оваа година во Русија од БиХ биле извезени 94 тони компири, додека ланската година не бил извезени ниту тон. На руските пазари од БиХ од јануари до октомври 2014 година им биле продадени повеќе од 2.000 тони јаболка, а минатата 2013 година само 10 тони јаболка./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
„Не сум магионичар“: Кос за идејата сите земји од Западен Балкан да влезат во ЕУ одеднаш
„Живееме во геополитички чувствително време. Може да има мир во Украина и тоа ќе донесе нова реалност во Европа“, изјави европската комесарка за проширување Марта Кос.
Црна Гора би можела да ги заврши техничките преговори до крајот на годината, објави европската комесарка за проширување Марта Кос.
Таа го кажа ова во интервју за телевизијата Н1.
На прашањето што конкретно може да направи Европската Унија (ЕУ) за да му помогне на регионот, како и на изјавата на новинарката на Н1 дека парите и предупредувањата не се доволни, дека може да се види дека ЕУ ја губи информациската војна во регионот, особено во Србија, а делумно и во Босна, и дека дипломатскиот јазик не помага, Кос рече дека не прифаќа „критики дека не сме успешни во проширувањето“.
„Две од четирите водечки земји се од Западен Балкан. Црна Гора би можела да ги заврши техничките преговори до крајот на годината, а Албанија е следна. Ова е успех. Живееме во геополитички чувствително време. Може да има мир во Украина, а тоа ќе донесе нова реалност во Европа. Ако го забрзаме процесот, ќе ги разгледаме сите кандидати, но мора да има јасна посветеност. Не е доволно само да се хармонизира законодавството, треба да ја почувствувам и видам политичката волја. Процесот на пристапување не е само технички, туку зависи и од земјите-членки“, рече Кос.
На прашањето што мисли за идејата сите земји-кандидатки да влезат во ЕУ одеднаш, Кос рече: „Да можев, би сакала сите земји, особено од Западен Балкан, да влезат заедно“.
„Но, јас не сум магионичар. Ако има промени, внимателно ќе ја разгледаме секоја земја. Проширувањето мора да ја направи ЕУ посилна, а не послаба. Ова е цел што мора да ја постигнеме заедно“, рече Кос.
Регион
Албанија на суд поради ВИ министерката: Актерка ја тужи владата за злоупотреба на нејзиниот лик
Албанската министерка – првиот виртуелен државен функционер во светот, би можела да остане без својот препознатлив лик, откако актерката врз чии карактеристики е создаден дигиталниот аватар поднесе тужба против Владата на Албанија.
Премиерот Еди Рама во август 2025 година најави можност за именување министер или премиер заснован на вештачка интелигенција, а веќе во септември беше претставена Диела – вештачка функционерка задолжена за борба против корупцијата во јавните набавки.
Диела претходно беше позната како чат-бот на државниот портал e-Albania, а нејзиниот дигитален лик и глас биле креирани според актерката Анила Биша, врз основа на договор кој истекол на 31 декември 2025 година. Откако Диела добила министерска функција, нејзиниот лик бил прикажан и во обраќање до парламентот што се пренесувало низ целиот свет.
Според локалните медиуми, Биша поднела тужба против Владата, премиерот, приватната компанија која учествувала во проектот и Националната агенција за информациско општество (AKSHI). Таа тврди дека владата продолжила да го користи нејзиниот лик и по истекот на договорот, и надвор од дозволената намена, која била ограничена само на платформата e-Albania.
Во судските документи, Биша бара итна забрана за натамошна употреба на нејзиниот лик додека трае судскиот процес, наведувајќи дека неовластеното користење ѝ нанело значителна и непоправлива штета.
Во претходен телевизиски настап, Биша изјавила дека за потребите на системот снимала обемни аудио и видео материјали за ограничен временски период и за симболичен надомест, но никогаш не дала согласност за други форми на користење.
Портпаролката на албанската влада, Мањола Хаса, изјави дека Албанија е демократска држава во која граѓаните имаат право да покренат судски постапки против институциите. Таа додаде дека владата смета дека тужбата е неоснована, но е подготвена спорот да се реши пред суд, пренесе „Политико“.
Регион
Јотова го назначи Ѓуров за технички премиер: Бугарија влегува во процес на формирање привремена влада
Претседателката на Бугарија, Илијана Јотова, ќе го задолжи кандидатот за вршител на должноста премиер Андреј Ѓуров да формира влада, соопшти прес-службата на шефот на државата.
Шефицата на државата го назначи заменик-гувернерот на Бугарската народна банка (БНБ) Андреј Ѓуров за вршител на должноста премиер. Денес во 10:00 часот, претседателката Јотова ќе го прими Ѓуров во Дондуков 2.
Според Законот на БНБ, доколку гувернерот или заменик-гувернерот изразиле експлицитна согласност да бидат назначени за вршител на должноста премиер, тој или таа треба да поднесе оставка.
„Фер избори може да се одржат кога привремената влада не се меша во политичката сцена, е доволно неутрална и работи само во рамките на овластувањата што ѝ се доделени со Уставот“, рече Андреј Ѓуров по разговорот со Илијана Јотова во јануари, пренесува „Офњуз.бг“.
Според Уставот на Бугарија, по консултации со пратеничките групи и по предлог на кандидатот за привремен премиер, претседателот назначува привремена влада и закажува избори во рок од два месеци.
Минатата недела, претседателката изјави дека таа и нејзиниот тим ќе сторат сè што е можно за да се одржат изборите на првиот датум по велигденските празници. Првата недела по Велигден е 19 април.

