Регион
САД: Атина се согласи да заземе поцврст став за санкциите против Русија
Американскиот потпретседател Џозеф Бајден во вторникот доцна вечерта имал телефонски разговор со грчкиот премиер Андонис Самарас и од него добил поддршка за остар став по прашањето за новите насочени санкции против Русија, објави Белата куќа.
„Што се однесува до Украина, челниците се согласија дека продолжувањето континуирано снабдување од Русија со тешко вооружување на сепаратистите во источна Украина бара жесток и едногласен одговор од страна на ЕУ и САД“, се вели во соопштението на Белата куќа.
Телефонскиот разговор меѓу Бајден и Самарас се одвиваше во атмосферата на новите извештаи за притисокот од страна на Вашингтон врз Брисел за наметнување нови поостри и насочени санкции против Русија.
Претходно во вторникот портпаролот на Белата куќа, Џош Ернест одби да ги коментира информациите дека САД го засилуваат притисокот врз Европската унија со барање за заострување на санкциите против Русија, во врска со украинската криза. Претходно агенцијата Bloomberg пишуваше дека во понеделникот во Белата куќа се одржала затворена средба на претставниците на администрацијата на американскиот претседател Барак Обама со амбасадорите на земјите членки на Европската унија на којашто било барано Брисел да воведе нови санкции против Русија, при што била упатена закана дека во спротивно ќе биде дејствувано еднострано и ќе бидат воведени санкции против финансискиот и одбранбениот сектор на руската економија, од што штети би можеле да претрпат и некои европски сојузници на САД.
САД, кои инаку имаат мал обем на трговска размена со Русија, многу поактивно се залагаат за заострување на санкциите отколку што за тоа се расположени европските земји кои имаат далеку поголема економска поврзаност па дури и енергетска зависност од Москва.
Од друга страна неименуван западноевропски дипломат за руската новинска агенција Итар-Тасс изјави дека Франција, Германија, Луксембург, Австрија, Бугарија, Грција, Кипар, Словенија и претседавачот Италија, не гледаат причини во сегашната ситуација да се воведат насочени секторски трговски и економски санкции против Русија и на самитот кој треба да се одржи подоцна во средата (16-ти јули), ќе истапат против оваа мерка.
Русија во неколку наврати досега одлучно отфрлаше дека е вмешана во конфликтот во соседна Украина каде што особено во југоисточните региони живее доминантна руска и рускојазична заедница. Во вторникот специјалниот претставник на рускиот претседател Александар Змеевски ги демантираше тврдењата на САД за доставување на руско оружје во Украина за проруските бунтовници. За тоа и самиот претседател Владимир Путин изјави дека во југоисточна Украина „нема никакви вооружени сили, никакви инструктори… и не доставуваме оружје таму“. /крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Сијарто: Фокусот на унгарското претседателство со ЕУ ќе биде проширувањето на Унијата на Западен Балкан
За време на претстојното претседавање со ЕУ, Унгарија планира да се фокусира на прашања кои се важни за централна Европа, како што се борбата против илегалната миграција, проширувањето на Унијата кон Западен Балкан и енергетската безбедност, изјави денеска унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто.
Кога станува збор за проширувањето на ЕУ, Сијарто на прес-конференција со својот чешки колега Јан Липевски рече дека регионот на Западен Балкан не заслужува да чека 14 години и 11 месеци за членство, што, како што вели, го поткопува кредибилитетот на политиката на Унијата, објави унгарската агенција МТИ.
„Тоа е ситуација што треба да се реши, така што унгарското претседателство (со Унијата) има јасна агенда да им помогне на земјите од Западен Балкан да го забрзаат пристапниот процес“, рече Сијарто.
Посочи дека ефектите од миграцијата директно се чувствуваат во Централна Европа од 2015 година и неопходна е сериозна регионална соработка за да се запре мигрантскиот прилив.
„Чешката, словачката и полската полиција ни помогнаа и ни помагаат на јужните граници на Унгарија да ги задржиме илегалните мигранти кои и се закануваат на Европа надвор од границите. Потребни се континуирани заеднички напори на четворицата централноевропски премиери за да се држи под контрола прашањето за квотите и да не се дозволи илјадници или десетици илјади илегални мигранти да се шетаат неконтролирано“, додаде Сијарто.
Шефот на унгарската дипломатија нагласи дека централна Европа „ќе продолжи да се спротивставува на притисоците поврзани со квотите“. Сијарто се осврна и на енергетската безбедност, наведувајќи дека Унгарија и Чешка планираат нуклеарен развој и затоа ќе продолжат да се борат против негативната дискриминација поврзана со нуклеарната енергија во Брисел.
Нуклеарната енергија е одржлив начин за производство на енергија, тоа е безбеден, еколошки и евтин метод за производство на големи количини електрична енергија“, заклучува Сијарто.
Регион
Ана Брнабиќ за 2 јуни распиша локални избори во 66 единици на локалната самоуправа
Претседателката на српското собрание Ана Брнабиќ распиша избори за 2 јуни во 66 единици на локалната самоуправа, бидејќи Националното собрание неодамна со две третини ги усвои измените на Законот за локални избори.
Изборите во овие локални самоуправи ќе се одржат на ист ден со изборите за советници во Градското собрание на Белград, односно на 2 јуни годинава.
„Среќна сум што испративме силна порака од парламентот до сите наши граѓани дека како нивни избрани сме способни да разговараме и да постигнеме договор и покрај сите наши разлики“, рече Брнабиќ по објавата.
Регион
(Видео) Уапсени Срби во Атина, поранешни членови на „Пинк Пантер“: осомничени се за украден накит вреден 315.000 евра
Двајца Срби, кои во минатото биле членови на организацијата „Пинк Пантер“, се уапсени во Атина под сомнение дека ограбиле две познати златарници во центарот на грчката престолнина, соопшти атинската полиција.
Според соопштението на грчката полиција, уапсените оперираат најмалку од минатиот декември, а се претпоставува дека имале соодветна мрежа за канализирање на украдени предмети, бидејќи оствариле добивка од над 315.000 евра.
По претресот во нивните домови, меѓу другото, пронајден е алат користен при кражбата, три рачни часовници, накит, 190 евра, лажна возачка дозвола, три мобилни телефони, лични предмети, како и дополнителен мотоцикл и автомобил што служеле за превоз.