Регион
САД ја повикува Грција да се посвети на гасоводот TAP наместо на Турски тек, Атина упорна
САД сакат Грција да се концентрира на проектот за гасоводот кој го поддржува Западот а не на ривалскиот руски проект за кој Атина разговара со Русија, изјави во петокот американскиот функционер задолжен за енергетика по средбата со грчките функционери во Атина, кои одговорија дека ќе продолжат да преговараат со Москва.
Грција, на којашто ѝ се заканува банкрот, по победата на владата на крајната левица започна да се отвора кон Русија и Кина во обидот да дојде до свежи пари. Владата во Атина навести дека Москва ја разгледува можноста однапред да ѝ плати за транспортот на природен гас преку гасоводот Турски тек, со кој рускиот гас би бил испорачува во Европа преку Грција, откако Русија во декември минатата година објави дека го запира проектот Јужен тек кој наиде на многу правни пречки од страна на Европската унија.
САД, меѓутоа, сакаат Грција да се посвети на Трансјадранскиот гасовод (TАP), со кој од Азербејџан би се транспортирал гасот во Европа, преку Турција, Грција, Албанија и Јадранското Море.
„Се согласивме околу тоа дека е важно да се концентрира на проектите коишто денес се на масата, а тоа е TAP. Тој е денес на масата за Грција. Турскиот тек не постои. Не постои ниту конзорциум за изградба, не постои договор за изградба. Затоа да го оставиме тоа настрана и да сочекаме додека нешто не се случи по ова прашање и да видиме дали е релевантно или не. Во меѓувреме, да се концентрираме на она што е важно, гасоводот околу кој веќе се договоривме, вклучително и Грција, изјави во петокот Амос Хохштајн, специјален американски претставник за енергетски прашања“
Меѓутоа, грчкиот министер за енергетика, Панајотис Лафазанис, застапник на владината фракција којшто сака зајакнување на односите со Русија, по средбата со Хохштајн соопшти дека Грција ќе продолжи да го поддржува проектот Турски тек. „Го поддржуваме тој проект, бидејќи веруваме дека ќе биде од полза за нашата земја“, додаде Лафазанис.
Проектот „Турски тек“ предвидува изградба на гасовод со моќност од 63 милијарди кубни метри гас годишно, исто обем како и напуштениот проект „Јужен тек“, од Русија во Турција преку Црното Море. Цевководот во должина од 1.100 километри ќе се состои од четири фази, и до турско-грчката граница ќе донесе до 47 милијарди кубни метри гас. Се планира дека на границата меѓу Турција и Грција да се изгради гасоводен хаб, а земјите од ЕУ заинтересирани за учество во гасоводот ќе треба самостојно да го реализираат капацитетот за натамошен транспорт и прием на гасот на својата територија.
Некои до балканските земји се надеваат дека ќе можат да се приклучат на TANAP преку Трансјадранскиот гасовод (TAP) кој ќе го транспортира гасот преку Албанија до Италија. Босна и Херцеговина, Црна Гора и Хрватска, пак, имаат намера да го градат Јонско-јадранскиот гасовод (IAP), кој имаат желба да се приклучи на TAP во албанското место Фиер./крај/мф/сн
Извор: Reuters
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.

