Регион
Словенечките социјалдемократи барaат запирање на приватизацијата
Словенечките Социјални демократи (SD), коалициски партнер во владата на премиерот Миро Церар, најавија во вторникот дека ќе побараат разговори во рамките на владината коалиција за да се промени одлуката за приватизацијата на државните претпријатија и банки.
Постапката за приватизација на 15 компании и банки во Словенија во кои мнозинска сопственост има државата започна пред две години во време на владата на премиерката Аленка Братушек, а и покрај противењето во предизборната кампања ја продолжи и новиот премиер Миро Церар, но десетина компании, вклучително и Телеком Словенија, сé уште се без нов сопственик.
Дејан Жидан, претседател на Социјалните демократи (SD) и министер за земјоделие во владата на Церар, изјави во вторникот дека социјалдемократите и натаму сметаат дека листата на претпријатија и банки наменети за приватизација треба да биде ревидирана, како и дека за тоа треба да се одржат консултации во рамките на владејачката коалиција, но и со Европската унија.
„До договорот со Европската унија за приватизацијата продажбата на словенечките претпријатија дојде во времето кога Словенија беше во голема криза. Сега сме во поинаква позиција, повторно имаме раст на бруто домашниот производ (БДП) и кредибилитет на финансискиот и на пазарот на капитал“, изјави Жидан најавувајќи дека следните седмици и месеци за тоа ќе треба да се води расправа во рамките на владата.
Изјавата на Жидан доаѓа откако премиерот Церар во понеделникот во интервју за словенечката национална телевизија директно кажа дека приватизацијата на 15-те претпријатија и банки треба да продолжи, бидејќи такво ветување на Европската унија и’ дала Аленка Братушек и го одобрил парламентот во претходниот состав, но дека владата ќе објави нова стратегија на управување и односот кон сопственоста на државата во другите претпријатија, чијашто вкупна вредност се проценува на десетина милијарди евра.
Притоа Церар ги отфрли сé почестите барања да се сопре приватизацијата, велејќи дека сегашната влада го извршува планот кој го прифати претходниот парламентарен состав и владата во којашто учествуваа и социјалдемократите, кои сега се критичари на приватизацијата.
Петицијата на јавните личности со коишто се бара запирање на приватизацијата на државната сопственоста досега ја потпишале повеќе од 10 илјади луѓе. Покренувачот на петицијата, познатиот словенечки макроекономист Јоже Менцингер, изјави дека приватизацијата за Словенија е долгорочно штетна и непотребна, како и дека државниот дефицит, наместо со продажба на претпријатијата, може да се финансира и од кредити до кои Словенија повторно има пристап. Според него, каматите на словенечките државни обврзници паднале и многу се помали отколку пред две години, кога државата беше во кулминацијата на кризата, а тогашната премиерка Братушек се согласи да ја приватизира државната сопственост.
Кампањата против приватизацијата последните седмици е многу присутна во словенечката јавност. Интелектуалците кои не се наклонети кон продолжување на тој процес наведуваат дека приватизацијата ја заговараат неолибералните економисти, иако во некои европски држави се покажа дека е трендот на приватизација на јавниот сектор од 80-те години од минатиот век замрел, бидејќи таквата политика се покажа погрешна.
Тврдат, исто така, дека приватизацијата на јавниот сектор во Словенија извршува со големо задоцнување и се пропагира, како што иронично забележуваат, со ист оној жар со којшто во поранешна комунистичка Југославија се заговараше колективизацијата на приватните имоти и претпријатија.
Против приватизацијата на јавните претпријатија и банките во државна сопственост во Словенија протестираше и опозициската партија Здружена левица (ZL), најавувајќи дека за тоа прашање би можела да побара и референдумско изјаснување на граѓаните./крај/мф/сн
Извор: Hina
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Сијарто: Фокусот на унгарското претседателство со ЕУ ќе биде проширувањето на Унијата на Западен Балкан
За време на претстојното претседавање со ЕУ, Унгарија планира да се фокусира на прашања кои се важни за централна Европа, како што се борбата против илегалната миграција, проширувањето на Унијата кон Западен Балкан и енергетската безбедност, изјави денеска унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто.
Кога станува збор за проширувањето на ЕУ, Сијарто на прес-конференција со својот чешки колега Јан Липевски рече дека регионот на Западен Балкан не заслужува да чека 14 години и 11 месеци за членство, што, како што вели, го поткопува кредибилитетот на политиката на Унијата, објави унгарската агенција МТИ.
„Тоа е ситуација што треба да се реши, така што унгарското претседателство (со Унијата) има јасна агенда да им помогне на земјите од Западен Балкан да го забрзаат пристапниот процес“, рече Сијарто.
Посочи дека ефектите од миграцијата директно се чувствуваат во Централна Европа од 2015 година и неопходна е сериозна регионална соработка за да се запре мигрантскиот прилив.
„Чешката, словачката и полската полиција ни помогнаа и ни помагаат на јужните граници на Унгарија да ги задржиме илегалните мигранти кои и се закануваат на Европа надвор од границите. Потребни се континуирани заеднички напори на четворицата централноевропски премиери за да се држи под контрола прашањето за квотите и да не се дозволи илјадници или десетици илјади илегални мигранти да се шетаат неконтролирано“, додаде Сијарто.
Шефот на унгарската дипломатија нагласи дека централна Европа „ќе продолжи да се спротивставува на притисоците поврзани со квотите“. Сијарто се осврна и на енергетската безбедност, наведувајќи дека Унгарија и Чешка планираат нуклеарен развој и затоа ќе продолжат да се борат против негативната дискриминација поврзана со нуклеарната енергија во Брисел.
Нуклеарната енергија е одржлив начин за производство на енергија, тоа е безбеден, еколошки и евтин метод за производство на големи количини електрична енергија“, заклучува Сијарто.
Регион
Ана Брнабиќ за 2 јуни распиша локални избори во 66 единици на локалната самоуправа
Претседателката на српското собрание Ана Брнабиќ распиша избори за 2 јуни во 66 единици на локалната самоуправа, бидејќи Националното собрание неодамна со две третини ги усвои измените на Законот за локални избори.
Изборите во овие локални самоуправи ќе се одржат на ист ден со изборите за советници во Градското собрание на Белград, односно на 2 јуни годинава.
„Среќна сум што испративме силна порака од парламентот до сите наши граѓани дека како нивни избрани сме способни да разговараме и да постигнеме договор и покрај сите наши разлики“, рече Брнабиќ по објавата.
Регион
(Видео) Уапсени Срби во Атина, поранешни членови на „Пинк Пантер“: осомничени се за украден накит вреден 315.000 евра
Двајца Срби, кои во минатото биле членови на организацијата „Пинк Пантер“, се уапсени во Атина под сомнение дека ограбиле две познати златарници во центарот на грчката престолнина, соопшти атинската полиција.
Според соопштението на грчката полиција, уапсените оперираат најмалку од минатиот декември, а се претпоставува дека имале соодветна мрежа за канализирање на украдени предмети, бидејќи оствариле добивка од над 315.000 евра.
По претресот во нивните домови, меѓу другото, пронајден е алат користен при кражбата, три рачни часовници, накит, 190 евра, лажна возачка дозвола, три мобилни телефони, лични предмети, како и дополнителен мотоцикл и автомобил што служеле за превоз.