Регион
Специјален правен експерт ќе ја истражува корупцијата во Еулекс
Високата претставничка на Европската унија за надворешна и безбедносна политика Федерика Могерини најави во вторникот во Брисел дека истрагата по обвинувањата за корупција во мисијата на ЕУ за правосудна помош на Косово (Еулекс) ќе ја довери на независен правен експерт.
Високата претставничка на Европската унија за надворешна и безбедносна политика Федерика Могерини најави во вторникот во Брисел дека истрагата по обвинувањата за корупција во мисијата на ЕУ за правосудна помош на Косово (Еулекс) ќе ја довери на независен правен експерт.
Повикувајќи се на информациите до документите во кој имал увид, приштинскиот дневен весник Koha Ditore пишува дека најмалку двајца вработени во Еулекс се под истрага бидејќи според обвиненијата наводно во замена за мито отфрлале обвиненија за кривични дела во најмалку три случаи.
„Имаме намера итно да именуваме независен и искусен правен експерт да го провери извршувањето на мандатот на мисијата, во прв ред да ги провери наводите за корупцијата“, изјави шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини на прес-конференција во Брисел, ненавдувајќи други поединости, пренесе Reuters.
Минатата седмица сега суспендираната британска обвинителка Марија Бамие го изнесе обвинувањето против главната обвинителка на Еулекс, Јарослава Новотна од Чешка, поранешниот судија на Еулекс, Италијанецот Франческо Флорито и канадскиот обвинител Џонатан Рател дека примале мито од косовски кругови за да се откажуваат од судски прогони. Покрај тоа, го обвини Канаѓанецот дека се обидел да ја спречи во објавувањето на овие информации.
Бамие којашто во Еулекс работи од самит почеток на мисијата, односно од 2008 година, беше сменета од должноста минатата седмица, неколку денови пред избувнувањето на скандалот.
Мисијата Еулекс е покрената во 2008 година по едностраното прогласување на независноста на поранешната јужна покраина на Србија, со поддршка на САД и водечките земји од ЕУ, и има цел на Косово да му помогне во изградба на државни институции и воспоставување правна држава, што е најголемата и најскапата мисија во историјата на Европската унија.
Мисијата Еулекс има 1.600 припадници задолжени за чувствителни случаи на организиран криминал, корупција и воени злосторства кои се пресложени или политички чувствителни за локалното судство и државното обвинителство. Исто така, мисијата помага и во образованието на косовските правосудни функционери за да се изгради професионален, независен и некорумпиран правен систем кој би делувал самостојно, без притисоци од политиката./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
„Лукоил“ во завршна фаза на продажба на рафинеријата во Бугарија – компанијата предупредува на заштита на сопственичките права
Рускиот нафтен гигант „Лукоил“ соопшти дека е во завршна фаза од продажбата на својата имотна структура во Бугарија, вклучувајќи ја рафинеријата „Лукоил Нефтохим Бургас“ и мрежата бензински станици. Компанијата предупреди дека ќе преземе правни мерки доколку специјалниот управител назначен од бугарската влада ги повреди нејзините сопственички права.
Вашингтон на крајот на октомври воведе санкции за „Лукоил“ и „Роснефт“ со цел да го ограничи руското финансирање на војната во Украина. Рокот за завршување на трансакциите со „Lukoil International“ е продолжен до 13 декември, а за бугарските подружници до 29 април 2026 година.
Бугарската влада минатата недела именуваше специјален управител со овластувања да го продолжи работењето и, доколку е потребно, да продава удели во рафинеријата. „Лукоил“ соопшти дека очекува неговото назначување да не го попречи процесот на продажба.
Компанијата истакна дека работи со неколку потенцијални купувачи. Меѓу заинтересираните се турскиот „Cengiz Holding“, азербејџанската државна нафтена компанија SOCAR, како и казахстанскиот „Казмунајгаз“, меѓународната трговска куќа Vitol, турскиот фонд Oyak и унгарската компанија MOL. Унгарскиот премиер Виктор Орбан претходно потврди дека MOL доставил понуда.
„Лукоил“ најави дека компанијата ќе ги заштити своите легитимни интереси доколку бидат прекршени, потсетувајќи дека во Бугарија има инвестирано над 4,5 милијарди долари во последните 25 години.
Регион
Грција се соочува со тешка демографска криза, младите остануваат дома до 30 година
Грција се соочува со сериозна демографска криза, покажува студија на статистичката агенција Елстат. Младите најчесто остануваат да живеат со родителите сè до својата 30-та година, бидејќи ниските плати не им дозволуваат самостоен живот и основање семејство. Ова, според психолозите, има негативно влијание и врз социјалниот живот и врз желбата за создавање нови семејства.
Според податоците на Евростат, Грција е прва во Европа по бројот на млади кои доцна го напуштаат родителскиот дом. Во Бугарија, на пример, младите заминуваат во просек на 28 години, пренесува БНР.
Кризата со домувањето дополнително ја влошува ситуацијата, а иако владата покрива една месечна кирија годишно за младите семејства, ниските примања и несигурноста ја намалуваат желбата за деца. Во последните 13 години, во земјата се родени четвртина милион деца помалку во однос на пред две децении.
Опозициската СИРИЗА предупредува дека демографската криза не може да се реши без сеопфатна стратегија.
Регион
Обилни дождови поплавија патишта и продавници во делови од Грција
Обилните дождови во Грција ги поплавија патиштата и продавниците. Полицијата ги повикува возачите да возат внимателно.
Јужниот дел од земјата беше најмногу погоден, особено планинските региони Загори и Џумерка, каде што патиштата беа непроодни. Пожарникарите мораа да спасуваат патници од поплавените автомобили. Беше спроведена спасувачка операција за спасување на двајца земјоделци и нивните стада.
Полицијата затвори еден од патиштата до пристаништето Игуменица. Сè е во вода, соопштија пристанишните власти.
Островот Крф е силно погоден од поројни дождови. Патиштата се како реки, што го оневозможува движењето, се жалат жителите на островот.
Многу куќи на приземје, ресторани и продавници се поплавени.
За денес, прогнозите се дека лошото време ќе продолжи, опфаќајќи го поголемиот дел од земјата и егејските острови.
Властите издадоа предупредување за внимателност при возење во областите Солун, Патра и Крит.

