Регион
Србија очекува позитивен расплет на киднапирањето на двајцата нејзини државјани во Либија
Српската влада формира кризен штаб по нападот врз српскиот амбасадор и киднапирањето на двајца вработени од амбасадата во Либија, а премиерот Александар Вучиќ и министерството за надворешни работи очекуваат „позитивен расплет во следните 48 часа“, пренесуваат српските медиуми.
Во либискиот град Сабрата во неделата околу пладне била нападната колоната од возила во кои биле српскиот амбасадор Оливер Потежица и неговата придружба додека се движеле кон Тунис, а во нападот едно лице било рането, додека двајца – секретарката задолжена за комуникација Слаѓана Станковиќ и возачот Јовица Степиќ биле киднапирани.
Потежица во изјава за Танјуг опишал дека нападот бил „како на филм“ и дека во пресретувањето на колоната еден либиски државјанин бил ранет, додека по инцидентот едно лице биле уапсени и се верува дека по соочувањето со ранетиот Либиец би можело да се дојде до „некои информации“.
Државниот секретар на министерството за надворешни работи Вељко Одаловиќ изјавил дека либиските претставници навеле дека се уверени оти киднапираните српски службеници ќе бидат вратени во следните 48 часа, а според него ова може да значи дека можеби киднаперите се лоцирани.
Според светските агенции, сите безбедносни служби во Сабрата се максимално ангажирани, поставени се контролни пунктови и потрагата е во тек. Неименуван началник на воениот совет во изјава за AFP потенцирал дека верува оти двајцата службеници се се уште во Сабрата. Воениот совет на Сабрата е задолжен за безбедноста на ова подрачје и е лојален кон алијансата која го контролира главниот град Триполи, навела француската агенција.
Сабрата се смета за едно од упориштата на екстремистите во Либија, каде безредието по соборувањето на режимот на Муамер ел Гадари привлече радикални екстремисти и џихадисти. Српското МНР во неделата потврди дека во Сабрата биле киднапирани службениците Станковиќ и Степиќ, а шефот на дипломатијата Ивица Дачиќ потоа разговорал и со неговиот либиски колега Мухамед Имхамид Абдулазиз.
„Немаме информации за тоа кои се киднаперите. Никој не се јави со било какви барања, ја следиме состојбата. Формиран е кризен штаб кој работи на решавање на вонредната состојба. За тоа го известив и премиерот, цела држава е ангажрана“, навел Дачиќ./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Инцидент во Словенија: член на паравоена група се обидел да му даде пиштол на премиерот Голоб
Попладнево, полицијата интервенираше пред зградата на словенечката влада во Љубљана, кога припадник на т.н. Штаерската гарда, паравоена група и самопрогласена милиција, се обиде лично да му предаде нелегален пиштол на премиерот на Словенија, Роберт Голоб.
Инцидентот се случи еден ден откако Голоб објави закон што ќе овозможи доброволно предавање на нелегално оружје без последици, јавува агенцијата СТА.
Канцеларијата на премиерот одби да коментира за инцидентот, истакнувајќи дека очекува полицијата да постапи во согласност со законот.
Јавноста првпат дозна за Штаерската гарда во 2018 година, кога на Интернет беше објавено видео на кое се гледа група од неколку стотици маскирани мажи во воена опрема, некои од нив со секири и автоматски пушки, наредени во шума. Подоцна рекоа дека станува збор за воздушни пиштоли.
Видеото предизвика загриженост за паравоената природа на групата и нејзиното потенцијално влијание врз јавниот ред.
Групата често е критикувана за своите екстремни ставови и напори да влијае врз политичките процеси во земјата со употреба на насилство или закани.
Водачот на групата, Андреј Шишко, беше осуден на осум месеци затвор за обид за поткопување на уставниот поредок.
Регион
Загреб ја забрани „За дом спремни“ на концерти и јавни настани
Градското собрание на Загреб денес гласаше за Заклучок со кој се повикува градоначалникот да преземе сите потребни мерки за да се спречи употребата на фашистички и усташки симболи, слогани и пароли, вклучително и „За дом спремни“, на сите јавни површини и настани под надлежност на градот, пренесе хрватски „Индекс“.
Одлуката се однесува на областите управувани од градските институции и комерцијалните компании, како и на сите јавни површини за кои Градот издава дозволи за одржување настани. Целта, рекоа претставниците, е да се заштити јавниот простор од пораки што поттикнуваат омраза, насилство и ексклузивност.
Претходно денес беше соопштено дека употребата на усташки симболи ќе биде забранета во просторите управувани од Градот Загреб, но дека концертот на Марко Перковиќ Томпсон на 27 декември сепак ќе се одржи, бидејќи претходно беше потпишан договор за него.
Ива Ившиќ, претседателка на Клубот на претставници „Можеме“, истакна дека Заклучокот се базира на антифашистичките вредности на Уставот на Република Хрватска и ставовите на Уставниот суд и Европскиот суд за човекови права.
„Уставниот суд јасно кажа дека „За дом спремни“ е усташки поздрав на Независната Држава Хрватска и дека не е во согласност со Уставот, додека Европскиот суд за човекови права во случајот Шимуниќ против Хрватска утврди дека неговата јавна употреба не е заштитена со слобода на изразување бидејќи поттикнува омраза“, потсети Ившиќ.
Таа нагласи дека одлуката не се однесува на забраната за уметност, музика или слобода на изразување, туку јасно ја поставува границата дефинирана со член 39 од Уставот на Република Хрватска, кој забранува поттикнување на национална, расна или верска омраза и насилство.
Платформата „Можемо“ соопшти дека овој Заклучок има за цел да го заштити јавниот простор од пораки што ја уништуваат социјалната кохезија.
„Во време кога сме сведоци на раст на нетолеранцијата и насилството кон другите и кон оние кои се различни, наша должност е да го заштитиме јавниот простор – бидејќи им припаѓа на сите. Загреб мора да биде град каде што училиштата, градинките, културните центри и улиците се безбедни места, каде што се воспитуваат генерации кои знаат дека почитта, солидарноста и еднаквоста се основа на добро општество“, рекоа претставниците.
Регион
Доктор од Македонија прегазил куче во Софија и продолжил да вози, случајот ја разбранува Бугарија
Дваесет и деветгодишен маж од Македонија со автомобил прегазил куче, а потоа побегнал од местото на настанот, јави „БТВ“. Инцидентот бил снимен со безбедносна камера.
Маја, улично куче за кое жителите од маалото се грижеле веќе 14 години, била прегазена пред гаража. На снимката се гледа како возачот запира по ударот, излегува од автомобилот, но наместо да помогне – си заминува. Настанот предизвика илјадници коментари и осуди на социјалните мрежи.
Според „Офњуз“, сторителот признал дека го удрил кучето, но тврдел дека маневрот бил ненамерен и дека немал никаква намера да ѝ наштети. Полицијата потврди дека мажот е државјанин на Македонија, без криминално досие и дека не бил под дејство на алкохол.
Материјалите од истрагата се доставени до Окружното обвинителство во Софија, идентификувани се тројца сведоци и запленет е видеозаписот од безбедносната камера.
Од Военомедицинската академија (ВМА) во Софија, за БТВ изјавиле дека раководството е информирано за инцидентот и дека соработуваат со надлежните органи.

