Регион
Тензично во Бањалука во пресрет на протестите на приврзаниците и противниците на Додик

Сообраќајот во центарот на Бањалука од сабота наутро е блокиран додека во овој град пристигаат илјадници луѓе што ќе присуствуваат на одвоените политички собири кои за точно на пладне ги закажаа опозиционите и владејачките партии.
Строгиот центар на Бањалука е затворен за сиот сообраќај, а стотици полицајци се видливи на секој чекор. Полицијата постави и метални пречки во обид да спречи секаков можен контакт меѓу приврзаниците на претседателот на Република Српска Милорад Додик и симпатизерите на опозицијата.На сите патни правци што водат кон Бањалука се поставени полициски контролни пунктови на кои се проверуваат патниците што доаѓаат на собирите.Владејачката Сојуз на независни социјалдемократи очекува на нивниот собир да има околу 30 илјади приврзаници, додека коалицијата на опозициски партии предводена од Српската демократска партија не изнесуваше проценки, иако во полиција најавиле дека во Бањалука ќе дојдат меѓу 100 и 150 автобуси.На обезбедување се ангажирани 2.000 полицајци. /крај/ин/ст
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Најавен пороен дожд во БиХ, на Јабланица повторно и се закануваат разорни поплави

Властите во Јабланица, град во северна Херцеговина, каде што 19 лица загинаа во поплавите и свлечиштата на почетокот на октомври 2024 година, упатија итен повик до надлежните служби да преземат мерки поради можни нови поројни поплави бидејќи се очекуваат обилни врнежи од вечерва.
Според информациите од Федералниот хидрометеоролошки завод, за 11 март е на сила портокалово предупредување поради очекуваните обилни врнежи од дожд, кои би можеле да бидат најизразени во северниот дел на Херцеговина и централниот дел на Босна, кои исто така претрпеа последици по поплавите на почетокот на октомври.
Се очекуваат од 30 до 60 литри дожд на метар квадратен, а на места и до 100 литри, додека налетите од југ би можеле да достигнат и 80 километри на час, се наведува во предупредувањето.
Штабот за цивилна заштита им наложи на сите надлежни служби да ги преземат неопходните мерки за евентуална евакуација на населението во случај на поплави, одрони и наноси од шут.
Локалното комунално претпријатие итно почна со чистење на одводи и шахти.
Во текот на 3-ти и 4-ти октомври минатата година, во Босна и Херцеговина загинаа вкупно 27 лица по поројни поплави и одрони од карпи, а најтешко беше во Јабланица, каде загинаа 19 лица.
Бројни семејни домови и инфраструктура на тоа место се уште не се целосно реновирани.
Многу жители сè уште живеат во привремено сместување, додека некои патишта и комунални системи остануваат оштетени, што дополнително ги зголемува ризиците пред новите врнежи.
Регион
Страшно злосторство во БиХ: млад човек убил друг, па се обидел да го распарчи телото

24-годишник брутално го убил својот врсник вчера во Високо во централна Босна.
Од Оперативниот центар на Министерството за внатрешни работи на Зеничко-добојскиот кантон потврдија за босански Аваз дека вчера во 18 часот и 35 минути во Полициската станица Високо влегло лице со иницијали И.М. и пријавил дека лице со иницијали Б.Д. (2001) од Високо му кажало дека во својот стан го убило лицето со иницијали П.Е. (2001).
„Пронајдено е безживотно тело. Увидот на местото на злосторството е извршен во текот на ноќта под надлежност на дежурниот обвинител“, соопштено е.
Првичните информации говорат дека младиот човек ја убил жртвата, а потоа ја исекол на парчиња во обид да го скрие телото.
Регион
Дете удри во дрво и загина на скијачка патека во Словенија

Дете трагично го загуби животот денеска на скијачката патека на Соришка планина. Несреќата се случила околу 9:40 часот, кога детето, скијајќи, излетало од патеката и удрило во дрво. Поради сериозноста на повредите, детето починало на лице место.
И покрај брзата реакција на екипите за прва помош, како и доаѓањето на хеликоптер од словенечката војска и полиција, спасувањето не било возможно.
Полицијата од Шкофја Лока апелира до сведоци на трагедијата да се јават на телефонскиот број 04 502 37 00 или на бројот 113 во Полициската станица Шкофја Лока.