Регион
Терористот од Ансбах двапати се појавувал на бугарската телевизија пред експлозијата
Сирискиот бомбаш самоубиец кој во германскиот град Анбсах се разнесе повредувајќи десетина лица, двапати давал интервју за бугарската телевизија во 2013 година, кога раскажувал за тешкотиите со кои се соочувал откако го напуштил северниот сириски град Алепо, пишуваат медиумите.
Ноќта кон 25-ти јули, во баварскиот град Ансбах одекна експлозија во близина на местото на коешто се одржуваше музички фестивал со околу 2.500 посетители. Во експлозијата смртно настрада бомбашот, 27-годишен Сириец, кому пред една година му било одбиено барањето за азил во Германија. Тој требало да биде депортиран во Бугарија уште лани. Одговорноста за овој напад го презема екстремната сунитска организација Исламска држава.
Бугарското министерство за внатрешни работи соопшти дека Сириецот во земјата илегално влегол од Турција во јули 2013 година и во Бугарија се наоѓал до средината на 2014 година. Според податоците на бугарските власти, за време на престојот во земјата не го привлекол вниманието на полицијата и не бил регистриран по антисоцијални активности.
Покрај тоа, тој двапати, во септември и во ноември 2013 година давал интервју за бугарската телевизија БНТ. Првиот пат раскажувал дека живеел во сирискиот град Алепо каде што работел како наставник по математика. Потоа, откако го загубил семејството, според него, платил на организатори на илегално превезување луѓе, да премине од Турција во Бугарија. Од Бугарија, како што рекол, се надевал да замине за Австрија, Германија или некоја од скандинавските земји.
Вториот пат кога бил интервјуиран, Сириецот се жалел на измамници кои му ветиле дека ќе му најдат сместување надвор од центарот за прифаќање мигранти, но само му ги земале парите и го оставиле на улица. Новинарката којашто разговарала со него, го опишува како „прилично тивок, воздржан , па дури и срамежлив“./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Ана Брнабиќ за 2 јуни распиша локални избори во 66 единици на локалната самоуправа
Претседателката на српското собрание Ана Брнабиќ распиша избори за 2 јуни во 66 единици на локалната самоуправа, бидејќи Националното собрание неодамна со две третини ги усвои измените на Законот за локални избори.
Изборите во овие локални самоуправи ќе се одржат на ист ден со изборите за советници во Градското собрание на Белград, односно на 2 јуни годинава.
„Среќна сум што испративме силна порака од парламентот до сите наши граѓани дека како нивни избрани сме способни да разговараме и да постигнеме договор и покрај сите наши разлики“, рече Брнабиќ по објавата.
Регион
(Видео) Уапсени Срби во Атина, поранешни членови на „Пинк Пантер“: осомничени се за украден накит вреден 315.000 евра
Двајца Срби, кои во минатото биле членови на организацијата „Пинк Пантер“, се уапсени во Атина под сомнение дека ограбиле две познати златарници во центарот на грчката престолнина, соопшти атинската полиција.
Според соопштението на грчката полиција, уапсените оперираат најмалку од минатиот декември, а се претпоставува дека имале соодветна мрежа за канализирање на украдени предмети, бидејќи оствариле добивка од над 315.000 евра.
По претресот во нивните домови, меѓу другото, пронајден е алат користен при кражбата, три рачни часовници, накит, 190 евра, лажна возачка дозвола, три мобилни телефони, лични предмети, како и дополнителен мотоцикл и автомобил што служеле за превоз.
Регион
Лекари во Загреб вградиле мозочен стимулатор на маж со Паркинсонова болест : „Може да вози велосипед, да плива“
Уште еден голем успех на хрватските лекари. Тим хирурзи во болницата Дубрава прв во овој дел од Европа вгради мозочен стимулатор. Пред еден месец новата технологија ја примил загрепчанец кој поради Паркинсоновата болест речиси станал неподвижен.
„Поентата на таа електрода е што стимулира дел од мозокот и на тој начин ја подобруваме клиничката слика, а батеријата освен што стимулира, купува и информации од тој дел од мозокот што го стимулираме и на тој начин можеме да ги подобриме симптомите“, изјави неврохирургот Фади Алмахарик за RTL.
Во КБ Дубрава изминативе 24 години се врши длабока мозочна стимулација, но првиот пациент беше опериран со оваа најнова технологија на крајот на март. Станува збор за 67-годишен загрепчанец со Паркинсонова болест, кој сега е пуштен на домашно закрепнување.
„Во договор со неврологот, стимулацијата се вклучува, терапијата се намалува, пациентот веднаш по вклучувањето на стимулацијата покажува знаци на моторно подобрување. Беше отпуштен дома на физикална терапија и дополнително прилагодување на стимулацијата“, изјави неврохирургот Марина Рагуж.
Веднаш штом ги отстранивме шевовите по 10 дена, почнавме со стимулација и денес пациентот може да вози велосипед, да плива, да се врати на своето секојдневие“, вели хирургот.