Регион
Тројца мртви и над 10 ранети во самоубиствен напад во Истанбул
Три лица загинаа, а најмалку 10 се повредени во самоубиствен бомбашки напад изведен во саботата во центарот на турскиот мегалополис Истанбул, на прометната Истиклал авенија во близина на плоштадот Таксим.
Нападот се случил на улицата Бало во близина на трговскиот центар Демирорен, а меѓу загинатите е и напаѓачот, пренесува телевизијата CNNTürk.
Пешачката зона е целосно затворена и во областа покрај бројните амбулантни возила, распоредени се полициски сили.
Според новинарот на CNNTürk од местото на настанот, напаѓачот самоубиец се движел кон неговата вистинска цел, кога бомбата експлодирала пред еден од популарните донер ресторани.
Агенцијата Doğan јавува дека шест ранети во нападот се хоспитализирани во болницата Хасеки, а еден од нив е во критична состојба, како и дека други две жртви се во критична состојба кои се хоспитализирани во болницата Шишли Ефтал.
Засега никој не ја презема одговорноста за најновиот терористички напад во Турција.
Курдските екстремисти во четвртокот ја преземаа одговорноста за самоубиствениот напад од неделата во турската престолнина Анкара во кој загинаа 35 луѓе и двајца атентатори. Притоа групата Јастреби на слободата на Курдистан (ТАК) најави нови напади врз владини цели и безбедносните сили на Турција, откако ја презема одговорноста и за нападот од февруари, исто така, во Анкара кога беа убиени 29 лица.
Поради таквите закани, Германија ги затвори од четвртокот своите дипломатски мисии и образовни институции во Турција.
Американската амбасада во Анкара издаде соопштение за своите државјани да ги имаат предвид мерките за претпазливост, наведувајќи дека овој викенд се одбележува Курдската нова година – Невроз, како и дека на големите настани може да дојде до судири и насилства.
Амбасадата на САД, исто така, потсетува дека цели на терористичките организации во последно време беа железничките и автобуските станици, институциите на турската влада и јавни простори/.крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Храната за бебиња „аптамил АР1“ повлечена од пазарот во Хрватска
Поради зголеменото присуство на бактеријата Bacillus cereus, хрватскиот Државен инспекторат го повлече од пазарот „аптамил АР1“, формула за бебиња, произведена од Nutricia Export BV од Холандија, соопшти Хрватската агенција за земјоделство и храна (HAPIH).
Ова е исклучиво за производот од 400 g (храна за посебни медицински потреби) со рок на траење до 17.5.2026 година и ЛОТ: 111444865. Дистрибутер на производот на хрватскиот пазар е AWT International d.o.o.
Производот не е во согласност со регулативата на Европскиот парламент и на Советот за утврдување на општите принципи и барања на законодавството за храна, основање на Европскиот орган за безбедност на храната и утврдување процедури во прашањата за безбедност на храната и водичот за микробиолошки критериуми за храна, објави 2Индекс.хр“.
Регион
Сараево меѓу најзагадените градови во светот утрово
Сараево утрово се најде на врвот на листата на градови со најголемо загадување на воздухот во светот врз основа на податоците собрани и систематизирани од швајцарската веб-страница IQAir.
Според податоците, квалитетот на воздухот во главниот град на Босна и Херцеговина беше во таканаречената кафеава категорија, што е највисокото можно ниво на предупредување или ознака за воздух опасен за здравјето на луѓето. Индексот на квалитет на воздухот беше 355, а сè над 300 се смета за опасно за здравјето.
Следниот град со најголемо загадување на воздухот во светот беше Лахор во Пакистан со индекс од 271, што спаѓа во категоријата многу нездрав воздух.
Концентрацијата на фини честички прашина во воздухот ПM 2,5, кои продираат длабоко во белите дробови и може трајно да го оштетат здравјето во Сараево, беше 53 пати поголема од годишната референтна вредност дозволена од стандардите на Светската здравствена организација (СЗО).
Сараево е на листата на најзагадени градови во светот од синоќа. Ваквата ситуација е честа појава во зимските месеци, особено во периодите кога има температурна инверзија, па добиената магла го покрива сараевскиот басен, а честичките штетни супстанции се акумулираат под него.
За најголеми загадувачи на воздухот во Сараево се сметаат многуте согорувачки постројки, кои користат цврсти горива, како и густиот градски сообраќај, кој вклучува голем број стари возила. Локалните власти со децении не успеваат да го решат овој проблем, според медиумите во регионот.
Фото: депозитфотос
Регион
Американец загина во Словенија: се искачувал на Триглав
Американски државјанин загина во Словенија, најверојатно откако паднал од планинарска патека на Алпите, соопшти словенечката полиција.
Семејството на 33-годишникот изјави дека тој тргнал на планинарење во понеделник наутро до Триглав, највисокиот врв во Словенија, а потоа исчезнал, објави словенечката новинска агенција СТА.
Неговото тело е пронајдено вчера околу 1 часот наутро на дното од планинарска патека. Полицијата соопшти дека првичните наоди укажуваат дека паднал по стрмна падина.
Идентитетот на починатиот не е објавен.
Словенија е популарна дестинација за планинари и алпинисти поради бројните патеки во Јулиските Алпи.

