Регион
Турција може да ѝ дозволи на Русија користење на базата Инџирлик
Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу не ја исклучува можност Анакара да ѝ овозможи на Русија користење на воената воздухопловна база Инџирлик за операции против терористичката џихадистичка организација Исламска држава.
„Ќе соработуваме со сите оние коишто дејствуваат против Исламската држава. Од самиот почеток ја водиме таа борба, и ја отворивме базата Инџирлик за оние кои сакаат да учествуваат во неа. Зошто на ист начин не би можеле да соработуваме и со Русија? Исламската држава е непријател за сите нас, и со неа мора да се бориме. На повисоко ниво многу важно е воведување на таков механизам во практика и спречување на какви и да се несакани инциденти. За таа тема ги усогласивме ставовите со Сергеј Лавров“, изјави неговиот турски колега по должност – министерот за внатрешни работи Мевлут Чавушоглу во интервјуто за телевизијата TRT.
Воздухопловната база Инџирлик се наоѓа во јужната покраина Адана, и нејзиното функционирање во моментов се регулира со Договорот за воена и економска соработка меѓу САД и Турција, откако Анкара долго одбиваше да дозволи користење на базата од американските сили поради западното поддржување на курдските милиции во конфликтот во соседна Сирија.
Во моментов во базата Инџирлик се стационирани борбени воздухоплови на САД, Германија, Велика Британија, Катар и Саудиска Арабија, во рамките на меѓународната коалиција којашто од есента 2014 година изведува воздушни удари врз екстремната сунитска организација Исламска држава во Ирак и во Сирија.
Од друга страна, руската авијација којашто од септември 2015 година дејствува во Сирија против џихадистичките бунтовнички групи на повик на претседателот Башар ал-Асад, ја користи за своите операции базата Хмејмим во централниот дел од земјата.
Односите меѓу Русија и Турција се подобруваат откако неодамна турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган до својот руски колега Владимир Путин испрати писмо со извинување поради соборувањето на рускиот бомбардер и убиството на неговиот пилот во инцидентот кој се случи ланскиот ноември над сириско-турската граница.
Следните денови Путин телефонски му се јави на Ердоган по што го потпиша указот со кој се отстрануваат дел од санкциите наметнати на Турција поради инцидентот со авионот./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Кси слета во Србија: Претседателот на Кина пречекан од Вучиќ и државниот врв
Заедно со претседателот на Србија Александар Вучиќ и првата дама, кинескиот претседател Кси Џинпинг беше пречекан на црвениот тепих од српската делегација составена од премиерот Милош Вучевиќ, претседателката на Собранието Ана Брнабиќ, министерот за надворешни работи Марко Ѓуриќ, српската амбасадорка во Кина Маја Стефановиќ и кинескиот амбасадор во Белград Ли Минг со сопругата.
Свечениот пречек на кинеската делегација која брои 400 лица е закажан за в среда пред палатата „Србија“.
Домаќин на претседателот Кси Џинпинг ќе биде српскиот претседател Александар Вучиќ, а двајцата лидери ќе разговараат за широк спектар на теми – од политички, економски и технолошки до соработка во областа на културата.
За време на дводневната посета на Кси Џинпинг на Србија, планирано е да се потпишат над 30 договори.
Беше организиран и свечен ручек на кој кинескиот претседател ќе има можност да дегустира српски јадења и вина, а ќе има и музичка програма на српски и кинески јазик, која ќе заврши со песната „Ова е Србија“.
Поради доаѓањето на кинескиот претседател преземени се големи безбедносни мерки, па неговата делегација ќе ја обезбедуваат 3.400 полицајци.
Регион
Руски хакери ги нападнаа веб-страниците на косовските институции
Руски хакери ги нападнаа веб-страниците на косовските институции, изјави министерот за одбрана Ејуп Македончи.
„Група руски хакери извршија сајбер-напад на Косово како одмазда за мојата изјава за поддршка на Украина“, изјави Македончи.
Во текстот на руските хакери се споменува говорот на тој косовски министер кој, според нив, рекол дека „Косово е подготвено да и понуди воена помош на Украина“.
„Косово е подготвено да ги здружи колективните напори за поддршка на одбраната на Украина. Треба повеќе да размислат за ова“ – напишаа хакерите на руски, спомнувајќи го министерот Македончи.
Министерката за надворешни работи и дијаспора Доника Гервала објави дека „Русија врши хибриден напад на Косово“.
Гервала на мрежата „Х“ изјави дека „рускиот хибриден напад на Косово“ доаѓа по најавата за поддршка на Косово за Украина со воена опрема.
Регион
Александар Вулин: Пријателството меѓу Србија и Кина е челик затоа што го ковавме во оган
Вицепремиерот на Србија, Александар Вулин, на промоцијата на културната размена меѓу Кина и Србија на тема „Што ги делат планините и реките, пријателството обединува“, изјави дека пријателството меѓу двете земји е челик бидејќи е ковано во оган и дека Србија и Кина се разделени за многу работи, но најважното ги обединува, а тоа е одлуката на две држави да бидат слободни.
„Пријателството на нашите лидери, претседателот Вучиќ и претседателот Си Џинпинг, не обврзува да сториме сè, исто како нив, за нашите народи да бидат поблиски отколку што нè прави блиски географијата или историјата. Србите и Кинезите ги дели сè, ние сме различни во сè, но нас нè обединува она најважното – нашата одлука да бидеме слободни, нашата посветеност на најважната карактеристика на народите и луѓето – слободата“, рече Вулин на настан организиран од China Media Group.